1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД го зголемуваат притисокот врз Русија поради сепаратистите во Украина

Александар Методијев/афп/ројтерс/ап19 април 2014

САД ја предупредија Русија дека ќе се соочи со дополнителни санкции, доколку не помогне да ги убеди украинските сепаратисти да ги напуштат владините згради. Тие досега ги игнорираа условите во договорот за деескалација.

https://p.dw.com/p/1BkzZ
Фотографија: DW/A.Sawitsky

Американскиот советник за национална безбедност Сузан Рајс рече дека Москва мора да влијае врз проруските активисти и да ги убеди да го применат Женевскиот договор, со кој се наредува на оние кои ги окупираат административните згради да се разоружаат и да ги напуштат објектите. Рајс предупреди дека во спротивен случај САД се подготвени да воведат дополнителни санкции на, како што рече таа, „многу значајните санкции за руската економија“.

„Ние веруваме дека Русија има значајно влијание врз акциите на оние кои се ангажираа во дестабилизирачките активности во источна Украина“, рече Рајс.

Во меѓувреме, во телефонски разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, американскиот државен секретар Џон Кери предупредил дека следните неколку дена се „клучни“.

Susan Rice
Сузан Рајс

Кремљ веднаш возврати, обвинувајќи ги САД дека и’ се закануваат на Русија „како на виновно учениче“.

„Нашите западни колеги се обидуваат да ја турнат одговорноста на наша страна. Но, мора да се подвлече – ова е колективна одговорност“, рече портпаролот на Путин, Димитриј Песков.

Тој додаде дека прозападните демонстранти во Киев исто така се’ уште не ја завршиле нивната окупација на плоштадот Мајдан, и покрај тоа што е постигната нивната цел за соборување на претседателот Виктор Јанукович.

Последната реторика укажува на тоа дека дека се чини оти Женевскиот договор, постигнат во четвртокот (17.04.) меѓу САД, Украина, ЕУ и Русија, почнува да се распаѓа. Со него се бара, покрај ставање крај на окупацијата на владините објекти, да се направи и итно расформирање на „сите нелегални воени формации“ во Украина и да се гарантира амнестија за сите антивладини демонстранти. Но, лицата кои ги окупираа украинските институции на истокот од земјата го отфрлаат овој договор и го оценуваат како нелегален. Нивниот портпарол информираше дека тие нема да заминат од владините згради додека привремената влада не си даде оставка.

Ukraine Donetsk Separatisten Besetzer
Сепаратистите ќе се повлекле од владините згради на истокот на земјата, кога демонстрантите на Мајдан ќе се повлекле од плоштадотФотографија: DW/O. Sawitski

„Се согласуваме дека зградите треба да се испразнат, но прво Јацењук и Турчинов (привремениот премиер и претседател, н.з.) мора да ги напуштат зградите што тие нелегално ги окупираат од нивниот државен удар“, пратија порака преку неименуван портпарол проруските демонстранти.

Истокот на Украина, каде живее бројно руско население, е во бран на насилства откако западот ги поддржа демонстрантите на Мајдан, а полуостровот Крим се приклучи кон Руската Федерација. Со цел да ја смири состојбата, украинската влада вчера донесе одлука за посебен статус на рускиот јазик, како и за зголемување на автономијата на источните региони. Сепак, владата во Киев најави дека ќе ја продолжи антитерористичката битка против активистите на истокот од земјата.