1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рутински дипломатски шлагер на Нимиц без хит-ефекти?

К.Блажевска/ЕМФ/миа30 јули 2014

Медијаторот на ОН во спорот со името Метју Нимиц денеска и утре е на разговори во Атина. Тој вчера во Скопје порача дека проблемите не треба да се оставаат да тлеат, туку треба да се решаваат навремено.

https://p.dw.com/p/1Cm9Q
Фотографија: MIA

Посредникот Метју Нимиц денеска (30.07) во Атина ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, соопшти грчкото МНР. Како што јави агенцијата МИА, засега нема официјални информации дека Нимиц ќе има средби и со други претставници на грчкиот државен врв.

Медијаторот на ОН во грчко-македонскиот спор околу името вчера во Скопје се сретна со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и новиот македонски преговарач Васко Наумовски.

Речиси сите грчки медиуми објавија извештаи за средбите на Нимиц во Скопје, истакнувајќи ја неговата изјава дека „прашањето за името е прашање кое засега многу земји, вклучувајќи ги САД и Германија, и тие сакаат да го видат решено со оглед на случувањата во светот“, пренесува МИА, додавајќи дека само дел од грчките медиуми го пренесле коментарот на Нимиц дека не преговара за идентитетот.

Matthew Nimetz
Нимиц на средба со македонскиот министер Никола Попоски и преговарачот Васко НаумовскиФотографија: MIA

„Треба да бидеме јасни. Мандатот на ОН е јасен и тој се однесува за името на државата. Треба да разгледаме што треба да се разреши. Народите имаат свои идентитети и Обединетите нации не преговараат за идентитети. Народот го создава својот идентитет преку своите дејствија својата култура и оваа земја си има свој идентитет“, рече Нимиц вчера во Скопје.

Секоја посета носи нова надеж

Неофицијално, на средбите на Нимиц со македонскиот државен врв било разговарано за неколку стари и досега разгледувани предлози, односно за нивни модалитети, кои би можеле да бидат основа за доаѓање до компромисно решение. Не изостанало и уверувањето дека во разговорите не се допира до идентитетот, ниту пак дека можното компромисно име ќе има какви било импликации врз него. Од македонска страна забелешките биле најмногу насочени кон важноста од владеење на правото, односно за важноста од почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Нимиц уште вчера најави дека не носи нов предлог, но дека има идеи кои ќе ги изложи. По вчерашните средби, прашање е што донесе и какви впечатоци ќе однесе од Скопје во Атина? Според поранешниот министер за надворешни работи и актуелен потпретседател на Собранието, Антонио Милошоски, Нимиц со секое доаѓање носи надеж, без разлика дали во неговата чанта носи нов предлог за решавање на спорот.

„Но, често и таа надеж заминува по неколку недели од заминувањето на Нимиц. Сметам, дека овојпат целта е да се испита импулсот и во Македонија и во Грција, околу постари предлози и врз основа на тоа во октомври или во ноември, пред следниот самит на ЕУ да излезе со конкретен предлог. Очекувам дека Самарас ќе ги искористи економските потешкоти и потреби од дополнителни кратења во буџетот, како изговор за одлагање на решение во овој период. Второ, во Грција наскоро ќе се избира нов претседател на државата. Самарас треба да обезбеди 180 пратеници да гласаат за наследник на Папуљас, а сега има 153. Ако изборот не успее, парламентот ќе се распушти и треба да се одржат нови избори. И тоа може да биде изговор пред Нимиц за одложување на решението во некое, поповолно грчко време“, прогнозира Милошоски.

Од „епилогот“ на бомбастично најавената посета на медијаторот, не е изненаден ни поранешниот амбасадор Нано Ружин. Тој за ДВ изјави дека престојот на Нимиц, според статистиката, веројатно е меѓу јубилејните средби со владите на Македонија и Грција, од кои повторно нема да произлезе некој конкретен резултат. Зошто е скептичен во неговите предвидувања за можно решение во догледен рок?

„Затоа што ниту еден побитен индикатор меѓу посредникот и преговарувачите не е во полза на можната солуција која нашиот претседател Иванов ја означи со неговата легендарна реченица 'разумен компромис'. Македонија е далеку од разумниот компромис од најмалку три причини: Прво, не постои билатерална атмосфера на релација Скопје-Атина, одредено затоплување на односите меѓу соседите за да се биде дури и скриен оптимист. Грците стравуваат од некои германско-американски заговор, а Груевски стравува од секоја можна солуција освен уставното име, која би го довела во инфериорна положба во однос на неговите политички противници. За оваа власт побитно е задржувањето на власта до бескрај, дури и во бескрај да не се реши прашањето со името и нашиот влез во НАТО и ЕУ. Во спртивно, генерациите нема да му го заборават 'непатриотскиот чин' на Груевски, дури да отстапи и една педа. Второ, дојде до смена на нашиот долгогодишен преговарач Јолевски со многу понеискусен 'дипломат'. Во случај на финално решение, кое срамежливо го најави Нимиц, Јолевски веројатно немаше да биде сменет, со оглед дека решавачкиот чин бара и искуство и не би се ризикувало со неискусниот Наумовски“, вели Ружин.

Matthew Nimetz
Фотографија: MIA

Нема подготвеност за крупен чекор?

Тој смета дека во овој мртов политички летен период за Македонија, за регионот, но и за Брисел, Вашингтон и Берлин, не постои дури ни подготвеност на дипломатиите за еден таков крупен чекор.

„Доволно е да ги анализираме препораките на германската канцеларка Меркел, која неодамна во Дубровник истакна дека меѓународната заедница ќе треба да се позанимава со ефикасно решевање на проблемот со името. Но, тоа го кажа како долгорочна операција, а не како секавично решение како што тоа можеше да се разбере од изјавата на Нимиц дадена пред десетина дена. Според тоа, и оваа посета ќе биде еден рутински дипломтски шлагер без многу хит-ефекти и само ќе потстети дека преговорите се одвиваат ad calendrae grecas“, констатира Ружин.