1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сајбер војна на истокот на Европа

К.Харенброк/ С. Недевски23 ноември 2014

Од избувнувањето на конфликтот меѓу Русија и Украина и на интернет се води еден вид војна. Украинските веб-страници ги напаѓаат непознати хакери. Украинските компјутерски стручњаци тврдат дека нападите доаѓаат од Русија.

https://p.dw.com/p/1DiNJ
Фотографија: Sergey Nivens - Fotolia.com

Регионалната управа во украинскиот град Луцк. Веќе двапати нивната веб-страница ја напаѓаат хакери. Наместо информации, на страницата се појавија антиукраински пароли.

Компјутерскиот стручњак Роман Матвијчук по неколку часа ја одбрани управата од сајбер-напад. Кои се напаѓачите не успеа да открие, но извлече одредени заклучоци: „По она што таму пишуваше по нападите и со оглед на техничката позадина на нападот можам да заклучам дека сето тоа доаѓа од руска страна“, вели Матвијчук.

Тоа не е единствен случај во Украина. Хакери манипулираа и со интернет-страницата на претседателот Порошенко и украинската страница на економскиот магазин Форбс.

Заштита против хакерските напади пружа киевската старт-ап фирма Виртуал Системс. Нејзините стручњаци за тоа развија сопствена програма. Услугата чини 125 евра месечно.

За да можат успешно да се борат против хакерските напади украинските компјутерски стручњаци изнајмија компјутерски капацитети во Франкфурт на Мајна. За нивната работа нема доволно компјутерски центри во Украина.

„Бројот на хакерските напади се зголемува и би рекол дека сложеноста на нападите се зголемува“, вели Вјачеслав Смирнов, компјутерски експерт од Виртуал Системс.

Нападите на интернет можат да ја разнишаат економијата и инфраструктурата на некоја земји, во тоа се согласуваат стручњаците на една НАТО-конференција во Киев. Кога станува збор за заштитата од хакерски напади Украина мора уште многу да учи, на пример за заштита на аеродромите и на централите.

„Кога станува збор за напади на интернет-страници ние внимаваме дали од нив директно се погодени луѓето. Но, што ако дојде до хакерски напад на атомска централа, за тоа никој не размислува. А тоа би можело да се случи во секој момент, и сега“, Дмитриј Андрушко, професор на Универзитетот во Харков.

Во Луцк во меѓувреме тројца компјутерски стручњаци работат на спречување на хакерски напади. И покрај тоа шефот на одделот Роман Матвијчук не е сигурен дали некому по крајот на работното време сепак ќе му успее да ги пробие неговите заштитни механизми на компјутерската мрежа.