1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руските камиони ја напуштија Украина

АТ/ афп/ ртр/ дпа/ ард23 август 2014

До ескалација не дојде, иако рускиот конвој со помош без дозвола на Киев навлезе на украинскa територија. Камионите во меѓувреме, според ОБСЕ, повторно ја напуштиле земјата.

https://p.dw.com/p/1Czhb
Фотографија: Reuters

Сите камиони од спорниот руски конвој за помош за источна Украина ја напуштија оваа земја, се вели од страна на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Конвојот бил повторно во Русија, изјави раководителот на набљудувачката мисија на ОБСЕ на граничниот премин кај Доњецк, Пол Пикард.

Русија во петокот претпладне (22.08) го испрати конвојот камиони со помош во источна Украина, кој повеќе денови чекаше на граничниот премин, без дозвола на Киев и Црвениот крст. Набљудувачите на ОБСЕ соопштија дека камионите влегле во Украина во шест групи. Според руската државна телевизија, вчеравечер камионите биле растоварени во Луганск.

Нема согласност во Советот за безбедност на ОН

Испраќањето на рускиот конвој со помош без одобрување на Киев предизвика неразбирање и реакции во меѓународната заедница.Членовите на највисокото тело на ОН на итна седница не успеаја да постигнат согласност за заедничка реакција за едностраните постапки на Русија. На итната вонредна седница на Советот за безбедност на ОН повеќе држави ја повикаа Москва да ги врати камионите, бидејќи нелегално влегле во земјата. Русија, од своја страна, нагласи дека станува збор за хуманитарна помош. Кај некои членки имало „голема загриженост“ дека конвојот би можел уште повеќе да ја заостри нестабилната ситуација, предупреди амбасадорот на Велика Британија во ОН Марк Лиал Грант, овој месец претседател на Советот.

Неговиот руски колега Витали Чуркин оцени дека дискусијата во Советот за безбедност го потсетувала на огледало што дава изобличена слика. Некои држави ја извртуваат интенцијата на Русија, вели тој. На новинарско прашање пред седницата на ОН - дали конвојот ги поддржувал и проруските милиции, Чуркин со потсмев одговори: „Со бебешка храна?“

Претходно, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун оцени дека секој едностран чекор крие опасност за натамошна ескалација.

Генералниот секретар на НАТО Андрес Фог Расмусен рече дека преминувањето на границата без согласност на Киев е „еклатантно кршење на руските ветувања пред меѓународната заедница“ и повторно го повредува украинскиот суверенитет.

Портпарол на високата претставничка на европската безбедносна и надворешна политика Кетрин Ештон рече дека со „јасното повредување на украинската граница“ Русија сноси вина и оваа одлука мора да биде ревидирана.