1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рускиот конвој на пат кон Украина без дозвола

АТ/ дпа/ртр/шпигел 22 август 2014

Рускиот конвој со помош најверојатно се упатил кон Луганск, јавуваат повеќе извори. Владата во Москва претходно најави дека конвојот ќе го продолжи патот кон крајната цел без дозвола на Киев.

https://p.dw.com/p/1Cz8F
Фотографија: Reuters

Без одобрување од украинската влада Русија ги испратила првите камиони од конвојот помош да ја минат границата кон источна Украина. Ова го јавија руските агенции од граничниот премин Доњецк.

Москва претходно соопшти дека по повеќенеделен спор со Киев нема повеќе да чека на согласност на Црвениот крст и прозападното раководство на Украина. Овој чекор доаѓа еден ден пред посетата на канцеларката Ангела Меркел на главниот град на Украина.

„Вакво самоволие и очигледни лаги не можеме повеќе да толерираме. Русија донесе одлука да делува“, се вели од Министерството за надворешни работи во Москва. Рускиот претседател Владимир Путин бил информиран дека конвојот се упатил во правец на Луганск, го цитираше руската агенција РИА портпаролот на Путин.

Новинар на агенцијата АП потврди дека првите камиони ја минале границата кон Украина. Уште еден очевидец, кого го цитира агенцијата Ројтерс исто така потврдил дека конвојот се движел кон Украина.

Русија првично се договори водењето на конвојот да му го предаде на Црвениот крст. Оваа организација меѓутоа не сакаше конвојот да го продолжи патот кон Украина без безбедносни гаранции од оваа земја. Киев пак одби да даде такви гаранции укажувајќи на тоа дека областа меѓу границата и Луганск била контролирана од бунтовниците.

Колоната со околу 2.000 тони прехранбени производи тргна од Москва на 12. август по што повеќе денови стоеше на границата. Од украинска страна на почетокот беше изразен сомнеж дека во камионите би можело да биде скриено и оружје за сепаратистите.