1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руски траги во Источна Украина

Маркус Рехер / Жана Ацеска31 јули 2014

Кратери од бомби по улиците и полињата, масовни гробници - конфликтот во Источна Украина за тамошните луѓе одамна прерасна во сурова војна. Каква вина сноси Русија во ескалацијата?

https://p.dw.com/p/1Cmid
Фотографија: picture-alliance/dpa

Од кај стариот споменик за војната доаѓа тежок, сладникав мирис кој предизвикува гадење. Минатата недела властите од Славјанск овде открија закопани десетина човечки тела. Валериј Ступко, историчар во градскиот музеј, го доживеал заземањето на Славјанск од страна на проруските сепаратисти од април до јуни.

„Нивниот водач самиот го избрал ова место за гроб. Ако се вратат, ако ’Доњецката Република’ сепак победи, ова овде би требало да биде симбол на нивната борба, во чест на помошта од Русија“, објаснува историчарот.

До почетокот на јули Славјанск во Источна Украина важеше за упориште на проруските милиции. Кога украинската армија се приближи кон градот и го опколи, бунтовниците започнаа се‘ повеќе загинати да ги закопуваат директно на завојуваните места. За Валериј Ступко и другите жители на Славјанск, со тоа беше јасно: овде се борат и Русите.

Slowjansk Ostukraine Ruinen
Напуштен контролен пункт од бунтовниците во СлавјанскФотографија: DW/K. Tatarinova

Москва одрекува учество

Москва и натаму одрекува учество во украинскиот конфликт. Официјално, таа се претставува како мировен посредник. Но, истовремено радикалните националисти како Валериј Колозеј во рускиот главен град регрутираат доброволни борци. Валериј Колозеј всушност е фитнес-тренер. Со набиените мускулести раце тој пренесува лопати од еден агол во другиот во еден подрум. Лопатите тој и неговиот пријател тукушто ги купиле од пари од доброволни прилози, а освен нив и панцири, униформи и преврски. Тоа е „хуманитарна помош“ за Русите во Источна Украина, вели Валериј Колозеј. Според него, историска грешка е што регионот на Доњецк и Луганск, Донбас, во советскиот период и‘ припаднал на Украина.

Тој веќе испратил во војна неколкумина доброволци. Но, ветераните од Авганистан и Чеченија ретко се јавуваат, се жали Валериј:

„Важни се воените специјалисти, исто така и медицинарите. Такви ни се најитно потребни. Но, ги прифаќаме сите. Во меѓувреме, имаме доволно познаници таму кои им помагаат на нашите луѓе“.

Prorussischer Separatist bei Lysychansk 24.06.2014
Има различни мислења за тоа колкумина Руси има меѓу бунтовницитеФотографија: Reuters

Во Русија има илјадници кои би сакале да се борат во Источна Украина.

Оттаму, од милионскиот град Доњецк, уште од април известува британската воена дописничка Хериет Селем. Во градот во меѓувреме се водат борби. Проруските милиционери насекаде поставиле контролни пунктови од вреќи песок, стебла на дрвја и бетонски блокови. Секој автомобил, кој влегува или излегува од градот, е строго контролиран. Тоа ја отежнува работата на Хериет Селем.

Руси меѓу бунтовниците

Нејзе уште рано и‘ било јасно дека не само меѓу водачите, туку и меѓу бунтовниците има Руси, но нема никакви докази. На крајот на мај се случило нешто чудно: бунтовниците од Доњецк нејзе и на двајца нејзини колеги им понудиле да придружуваат еден конвој. Требало над 30 мртви да се однесат назад во нивната руска татковина. Но, низ област која повторно ја контролирала украинската војска. Новинарите се возеле со конвојот.

„Тоа беше пресвртна точка, наеднаш излезе на виделина дека овде има руски војници“, вели Хериет Селем. Притоа, се отвориле прашањата: Кои се тие луѓе? Дали се војници? Дали се патриоти кои се борат од убедување? И колкумина ги има всушност?

Region Donezk Ostukraine Gesprengte Brücke
Фотографија: DW/K. Tatarinova

„Бунтовничките водачи прикажуваат мали бројки, велат дека меѓу бунтовниците има 20-30 проценти Руси. Но, некои набљудувачи претпоставуваат дека можеби ги има дури 70-80 проценти“, раскажува Селем.

За украинската влада во Киев овие борци се терористи. Според неа, Русија од почеток го потпалува конфликтот. Во тоа е сигурен и украинскиот воен експерт Валентин Бадрак. Дури и по падот на малезискиот патнички авион, Москва и натаму ги снабдува борците со тешко оружје, со тенкови и ракети. Бунтовниците тврдат дека ваквото оружје од руско производство го заробиле од украинската армија. Но, Валентин Бадрак се сомнева во тоа: се работи за оружје од тип кој Русија воопшто не го испорачала на Украина.

„Во прашање е првенствено ефективноста. Се гледа дека ова оружје е многукратно поефикасно отколку претходните недели. А тоа значи - Русија е таа која директно го лиферува ваквото оружје на терористичките групи“, вели Валентин Бадрак.

На украинската армија и‘ успеа да ги протера бунтовничките групи од Славјанск. Властите очекуваат таму да најдат и други масовни гробници. Многумина се водат за исчезнати. Властите сакаат да помогнат во нивното наоѓање, па дури и на руските семејства, кои претпоставуваат дека нивните синови можеби загинале во Источна Украина.


.