1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руски авиони предизвикаа аларм во НАТО

Кај Кистнер / Елизабета М. Фиданоска30 октомври 2014

Руски борбени авиони изведуваа маневри над Северното и Балтичкото Море и предизвикаа аларм во НАТО. Авиони на НАТО, меѓу кои и германски Еурофајтери, полетаа за да утврдат дали Русите го повредиле воздушниот простор.

https://p.dw.com/p/1DeHW
Фотографија: AFP/Getty Images

НАТО зборува за „голема руска воздухопловна активност“ во Европа и како доказ за тоа наведува дури четири примери: во маневрите над Северното и Балтичкото Море учествувале и стратешки бомбардери и борбени џетови. Маневрите траеле два дена.

НАТО опширно ги опишува случувањата над Северното Море. На радарот се појавиле осум руски авиони кои летале во формација. Тие се наоѓале во меѓународен воздушен простор над Норвешкото Море. Портпарол на НАТО нагласи дека воздушниот простор на НАТО не бил повреден. Кога норвешки џетови ги пресретнале руските авиони, шест летала завртеле назад, во насока кон Русија. Двата преостанати авиона продолжиле да летаат во насока на југозапад. Тоа било повод да полетаат британски борбени авиони. Руските авиони повторно ја промениле насоката и заминале западно од Португалија, над Атлантикот. Тоа било причина за вклучување на португалските воени виони Ф-16, по што руските авиони се вратиле назад.

Описот на настаните кој го дава Алијансата наликува на сценарио за филм кој се занимава со времињата на Студената војна. НАТО наведува дека руски борбени авиони се откриени и во меѓународниот воздушен простор над Балтичкото Море. Таму биле пресретнати од германски борбени џетови. Германската армија е задолжена да го надгледува воздушниот простор во тој регион. Со оглед на кризата во Украина, НАТО, меѓу другото, го зголеми бројот на набљудувачки летови во Источна Европа. Како што се наведува, два руски борбени авиони и бомбардери биле лоцирани и над Црното Море, по што од страна на НАТО за пресретнување биле вклучени турски борбени авиони.

Тест од Русија?

Испраќање борбени џетови е стандардна постапка кога неидентификувани авиони се приближуваат во воздушниот простор на НАТО. Експертите проценуваат дека руските воени сили се обидуваат да откријат колку бргу и колку прецизно реагира западниот сојуз при повреда на воздушниот простор.

НАТО ја обвинува Русија дека со своите активности го загрозува цивилниот воздушен сообраќај. За маневрите немало комплетни планови на летање, а невозможно било да се воспостави и врска со џетовите. Ненајавени летови се опасност за редовните воздушни линии. Само годинава околу сто пати се пресретнати руски авиони, соопштува НАТО. Тоа е три пати повеќе отколку во целата 2013 година.