1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија сака да привлече азиски туристи

Милена Рајман/ Симе Недевски24 октомври 2014

Рускиот туризам од почетокот на украинската криза се наоѓа во проблеми. Гости од Запад има се’ помалку, а места за сместување во Москва се’ повеќе. Големата празнина би требало да ја пополнат- Азијци.

https://p.dw.com/p/1DbCS
Moskau Skyline
Фотографија: picture-alliance/dpa

Погледот од прозорецот на претседателскиот апартман е тмурен: неколку луѓе поминуваат низ Црвениот плоштад во Москва, со брзи чекори ја заобиколуваат снежната лапавица. Потрагата за шарени туристички групи е залудна- тие овој октомври тука ретко можат да се сретнат. Но во некогашниот хотел Москва расположението е одлично бидејќи денеска тука се отвора уште еден „депанданс“ на луксузниот ланец на хотели Четири Сезони. И покрај фактот дека главниот град на Русија го посетуваат се’ помал број туристи. „Сега треба да се лови во различни рибници“, вели Макс Мусто, менаџер на новиот хотел. Тој и понатаму е концентриран на европскиот пазар, но неговиот продажен тим моментално се фокусира на Кина

Среде новата, сјајна финансиска населба Москва-Сити на почетокот на месецот е отворен и првиот облакодер- хостел во светот. Наместо туристи со ранци од Европа во него, меѓутоа, сега на 43. спрат престојуваат дипломати и бизнисмени и уживаат во погледот на градот. „Сметавме дека ќе ни доаѓаат пред се’ бизнисмени, но ги очекувавме во толкав број“, вели Роман Дрозденко. Ово 25-годишник е еден од тројцата млади сопственици и основачи на хостели од висока категорија. .

Max Musto Manager des Four Seasons Hotels in Moskau
Макс МустоФотографија: DW/M. Reimann

Алексеј е еден од тројцата бизнисмени кои уживаат во погледот од новиот хостел. Во шарена блуза и куси панталони стои во заедничката кујна и пиејќи го својот чај гледа низ огромната стаклена површина. Тој за прв пат во еден хостел се чувствува удобно. „Навечер никогаш не си сам“, вели овој бизнисмен од една руска провинција. Бидејќи тогаш се отвора масата од Икеја и на портокаловата покривка се играат разни друштвени игри.

Повеќе Азија, помалку Европа

Руската економија е во проблеми, санкциите и украинската криза силно влијаеа врз рускиот туризам. Тој се насочува кон мотото кое за целата економија го најави претседателот Путин: повеќе Азија, помалку Европа. Во првата половина на годината кинеските гости се наоѓаат на првото место во Москва, порано со години тоа беа Германците. Но, изгледа дека тие се сега малку исплашени од медиумските извештаи. Така во првите 6 месеци годинава дојдоа 6 проценти помалку отколку во истиот период минатата година. Бројот на туристи од САД е повеќе од двојно намален, велат од градската управа. Руското здружение на хотелиери и гастрономи предвидува оти годинава Москва ќе ја посетат 50 насто помалку туристи од ЕУ. Прогнозите за есенва и за претстојната зима, велат, се лоши.

Туристичката бранша во Русија со удел од помалку од 3 проценти од вкупниот домашен бруто-производ е пропорционално мала, но до почетокот на украинската криза беше во постојана експанзија. Од владата веќе неколу години добива разни поддршки во форма на програми и инвестиции во досега речиси непостоечката инфраструктура, пред се’ во Москва. Оваа година се исто така поставени и некои плочи со имиња на улиците- на латиница. Досега постоеја само на кирилица. Но на пероните на подземната железници потрагата по натписи напишани на латиница е се’ уште залудна.

Русија која светот не ја познава

Max Musto Manager des Four Seasons Hotels in Moskau
Фотографија: DW/M. Reimann

Поради лошата сотојба на пазарот руските хотели веќе ги намалија цените и бараат нов персонал кој зборува кинески и корејски. Роман Дрозденко вели дека тој, покрај кризата, не се плаши за иднината на својот хостел: „Кој ја познава својата работа, не треба да се плаши за пазарот.“ Првите недели покажуваат дека е во право: за ноември уште сега речиси сите кревети во неговиот хостел се резервирани.

И Макс Мусто е оптимистичен. „Ако излезете во 3 часот по полноќ ќе видите луѓе кои танцуваат и добро се забавуваат. Проблем е само што малку луѓе го познаваат тоа лице на Русија“, објаснува тој. Поголемиот број луѓе веднаш мислат на конфликтот меѓу Русија и Украина, додава, гледајќи низ прозорецот на големата сала за танц во својот хотел. Долу на плоштадот под шарени чадори стои група туристи и го фотографира неговиот хотел: група туристи од Азија.