1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Русија подготвува анексија на Абхазија“

Роберт Шварц/ Жана Ацеска24 октомври 2014

Во Грузија е можна реприза на кримското сценарио. Москва преку нов договор сака уште посилно да ја врзе за себе отцепената област Абхазија, вели министерката за надворешни работи Панџикидзе во интервју за Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1Dbb5
Фотографија: Vano Shlamov/AFP/Getty Images

Дојче веле: Госпоѓо Панџикидзе, со потпишувањето на Договорот за асоцијација во јуни Грузија е чекор поблиску до ЕУ. Но, колку безбедно се чувствува Грузија со оглед на украинската криза и договорот кој Москва го подготвува со Абхазија, а кој содржи и дел за воена соработка?

Маја Панџикидзе: Се разбира, ние се чувствуваме небезбедни, зашто овој договор кој Руската Федерација и‘ го понудила на абхазиската де факто-влада, е јасен чекор во насока на анексија на Абхазија, односно на Грузија. Како во ваква ситуација да се биде мирен? Но, што се однесува на европската интеграција, тоа е одлука на грузискиот народ, на грузиската влада и ние ќе продолжиме по тој пат.

Дали стравувате од реприза на кримското сценарио во Абхазија?

Ништо не би исклучила. Русија е непредвидлива. Сосема е јасно, Москва е против прозападната ориентација на земјите од нејзината некогашна зона на влијание, како што тоа го сфаќа Русија. Тоа го видовме во Украина, исто така и во ембаргото кон Молдавија, како и во војната во 2008 во Грузија. Сеедно дали некоја од овие земји сака прием во ЕУ, во НАТО или во двата сојуза истовремено, Русија е против и ќе се обиде да ги запре таквите амбиции, поставувајќи пречки на патот. Затоа, мора да се биде многу претпазлив во поглед на прашањето за иднината на овие држави.

Georgien Maya Panjikidze Außenministerin
Маја ПанџикидзеФотографија: DW/A. Oganjanyan

Важна цел за Вашата влада е повторното воспоставување на територијалниот интегритет на Грузија, вклучувајќи ги Абхазија и Јужна Осетија. Како можете да ги убедите овие два региона во исправноста на патот по кој одите? Како можете да ја убедите Абхазија да не го прифати овој договор со Русија?

Тоа е единствено исправниот пат за нашата земја, во тоа сме потполно сигурни. Највисок приоритет на нашата надворешна и внатрешна политика е повторното воспоставување на територијалниот интегритет на Грузија. Знаеме, во тој поглед на наша страна е целиот свет, зашто убедливо мнозинство држави, со исклучок на три, кои ја признаа независноста на Абхазија, никогаш не го доведоа под прашање територијалниот интегритет на Грузија. Но, градењето мостови, стекнувањето доверба и повторно наоѓање заеднички јазик со нашите граѓани од Абхазија и Јужна Осетија, е тешка задача за владата на Грузија, која со сите сили сака враќање на довербата и изградба на заедничка иднина на таква основа.

Без оглед на тензичната ситуација во регионот, поинаку отколку во Украина или Република Молдавија, постојат знаци на извесно попуштање на напнатоста во грузиско-руските економски односи...

Точно е, но затоа околу 20 проценти од нашата земја се окупирани од Русија, Абхазија и Јужна Осетија се прогласија за независни држави. Економските односи веројатно за рускиот пазар не играат голема улога. Фактички, обидот за нормализирање на односите водеше кон некои економски контакти, но и тие можат да бидат искористени, по потреба, како лост за на грузиското стопанство да му се нанесе повторно штета со ново ембарго, што веќе се случи во 2006 година.

Karte Georgien Abchasien
Карта на Грузија со АбхазијаФотографија: DW

Дали под овие околности е можно повторното воспоставување дипломатски односи меѓу Тбилиси и Москва, прекинати во 2008 година поради руско-грузиската војна за Јужна Осетија?

Во никој случај, тоа е исклучено се‘ додека, како што споменавме, една петтина од земјата е окупирана од страна на Москва, која две области во Грузија призна за независни држави.

Каква поддршка и‘ треба сега на Вашата земја од ЕУ и од Германија во новиот развој на настаните?

Во новава ситуација ни треба силна политичка поддршка за задржување на нашиот територијален интегритет и суверенитет, како и јасни зборови кон Русија. На Москва мора да и‘ се каже дека нејзините посташки во Абхазија се исто толку тешко злосторство како и анексијата на Крим и безредијата во источна Украина, тоа мора да се постави на исто ниво.