1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија и Украина се договорија за испораката на гасот

Р. Клебер/Б. Георгиевски31 октомври 2014

Со месеци во преговорите меѓу Москва и Киев за испораката на рускиот гас не можеше да се најде решение. Вчера во Брисел конечно беше направен пробив, и потпишан е договор.

https://p.dw.com/p/1DepU
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Chirikov

Украина и Русија најдоа заеднички јазик во судирот околу испораката на гас. Министрите за енергија од двете земји, Александар Новак и Јури Продан, под покровителство на ЕУ-комесарот за енергетика Гинтер Етингер го потпишаа договорот, кој беше парафиран и од шефовите на двата големи гасни концерни, рускиот Газпром и украинскиот Нафтогаз.

Цената на гасот, главната точка на судир меѓу двете страни, е фиксирана на 385 долари за 1.000 кубни метри, што е попуст од руска страна од околу 100 долари за кубен метар. Притоа, Украина ќе мора во иднина гасот да го плаќа еден месец однапред. Во моментов се осигурани испораките до март 2015 година. Овој договор треба да го гарантира снабдувањето со гас на Украина, но и на Европа, претстојнава зима. До крајот беше неизвесно како, речиси банкротираната Украина, ќе го гарантира договорот.

„Денес на европските граѓани можеме да им порачаме дека снабдувањето е обезбедено“, изјави Етингер. Преговорите биле тешки, но професионални. Претседателот на Европската комисија во заминување, Жозе Мануел Барозо изрази надеж дека договорот ќе води и кон зајакнување на довербата меѓу Русија и Украина. Рускиот министер Новак изјави дека неговата земја уште еднаш покажала дека е доверлив партнер и така и ќе остане.

EU-Gespräche zum Gasstreit zwischen Russland und der Ukraine 30.10.2014
Шефот на руски Газпром, Алексеј Милер на преговорите во БриселФотографија: Reuters/Francois Lenoir

Од падот на прорускиот украински претседател Виктор Јанукович во февруари, Москва бараше од Киев не само да ги исплати новите количества набавен гас, туку и да ги врати старите долгови во износ од 3,1 милијарди долари. Притоа, Русија бараше и гаранции од ЕУ за навремено плаќање на идните испораки на гас. Етингер изјави дека ЕУ не дала гаранции, ниту за старите ниту за новите долгови на Украина кон Русија. Според него, Нафтогаз во наредните денови ќе плати 1,45 милијарди долари, а до крајот на годината уште 1,65 милијарди од заостанатиот долг.

Сепак, овој договор не го затвора во целост конфликтот меѓу двете земји околу висината на долгот. Според руски пресметки, Украина должи севкупно 5,3 милијарди долари, но договорено е конечната сума да се утврди пред Арбитражниот суд во Стокхолм.

Русија ги прекина испораките на гас на Украина во јуни годинава, поради спорот. ЕУ беше загрижена дека спорот ќе ги прекине испораките и во земјите-членки на ЕУ кои се зависни од рускиот гас во текот на зимата. ЕУ задоволува околу една третина од своите потреби преку рускиот гас. Половината од тоа количество транзитира во европските земји преку Украина.