1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русите „бегаат“ од рубљата

Јулија Вишњеветскаја / Е. М. Фиданоска19 декември 2014

По драстичниот пад на вредноста на рубљата, во Русија владее „шопингманија“. Се купуваат автомобили, електроника, апарати за домаќинство. На тој начин граѓаните ги спасуваат своите заштеди од падот на курсот на рубљата.

https://p.dw.com/p/1E7MV
Фотографија: Getty Images/K. Kudryavtsev

Кога почна падот на рубљата, многумина Руси се нафрлија на купување секакви можни стоки. Во Москва, на „црниот вторник“, луѓето навечер пред продавниците со мебел и апарати за домаќинство стоеја и по два часа. Руските медиуми известуваат за преголема побарувачка по електронски апарати и автомобили. Весникот „Ведомости“ пишува дека на рускиот пазар на автомобили може да се забележи вистинска паника. „Веќе сега има недостиг. Се продаваат и автомобили чии цени веќе беа зголемени“, пишува весникот.

„Зголемена побарувачка на автомобили меѓутоа можеше да се забележи веќе во ноември“, оценува Андреј Ридонов, вработен во застапништвото на една автомобилска куќа во Русија. Пораст на прометот има во сите ценовни сегменти. „Ова одамна е бегство од рубљата. Муштериите на автомобилот гледаат како на заштеда“, вели Родионов. Луѓето се обидуваат на тој начин во време на криза да ги спасат своите заштеди од губење на вредноста.

Wechselkurse des Rubels vom 16.12. (Screenshot)
Курсевите на размена на 16.12.2014Фотографија: xe.com

Не секој може да си дозволи нов автомобил

Руската персонал-менаџерка Јевгенија Болгарова во ноември си купила нов автомобил. Сега е среќна поради тоа: „Имав голема среќа. Ако го одложев купувањето, сега ќе немав автомобил!“ Зашто, производителите сега или ќе ги зголемат цените, или ќе ја запрат сосема продажбата.

Но, не сите Руси можат воопшто да си дозволат купување автомобил. Сепак, и наставничката по англиски јазик Вера Кастрел сака да си ја спаси заштедата. Таа купила нов компјутер, таблет, печатар, како и чизми и облека за своето дете. „Со учителска плата не може да се направи многу. Но неодамна, за среќа, добив бонус за истражување“, вели таа. Порано Вера радо трошела пари за патувања низ Европа. Сега тоа веќе нема да може да си го дозволи. „Тоа е тажно. Но едноставно ќе патувам повеќе низ Русија“, раскажува таа.

Само предбожиќна „шопингманија“?

Антон Пантелејев е портпарол на синџирот продавници „М.видео“, најголем понудувач на електроника за забава во Русија. Тој повикува да не се крева паника. „Навистина, во моментов е забележлива навалица на муштерии, но тоа не е многу невообичаено. Наскоро е Нова година и луѓето традиционално купуваат многу“, нагласува тој.

Russland Jekaterinburg MEGA-Einkaufszentrum
Се купува наголемо за да се спаси заштедатаФотографија: picture-alliance/dpa

Според негово мислење, нема причина за паника. „Нашите цени нема да се зголемуваат до крајот на јануари“, вели тој. Трговските договори со производителите, меѓу нив и со странските, ќе се преиспитуваат, според планираното, на крајот на првиот квартал на наредната година. Пантелејев не исклучува дека цените би можеле да се зголемат до 20%. „Но, голем дел од електрониката и апаратите за домаќинство се произведуваат во Русија. 75 проценти од продадените телевизори кај нас се произведени од домашни претпријатија. Овие производи ќе поскапат само малку“, уверен е тој.

Има уште поголеми проблеми

Фармацевтскиот менаџер Александр Гуков не сака да оди по продавници. „Во вакви ситуации луѓето од возбуда купуваат работи кои воопшто не им се потребни“, вели тој и нагласува дека има сосема поинакви грижи. Неговата плата ја добива во рубљи, студиите на своите двајца синови во Европа мора да ги плати во евра. „Нашите заштеди во евра се доволни само за неколку месеци“, се жали тој.

Russland Wirtschaft eine Handvoll Rubel Geldscheine
Фотографија: Reuters

Пензионерката Људмила Сергејева, пак, никогаш не била во странство. Не и‘ е потребна странска валута. „Порано во ваква ситуација ќе си купев скап крзнен мантил или нов фрижидер. Денес тоа не е можно. Мојата пензија е доволна само за најнеопходното“, вели таа тажно. Људмила е загрижена поради порастот на цените на прехранбените намирници и трошоците за домување. „Не сакам да се прехранувам како во војна со трошки, или како во советското време да собирам хељда и конзерви.“

Фотографот Валериј Пахомов има разбирање за луѓето кои сакаат брзо да купат работи по стара цена. „Тоа е добра можност да се спаси вредноста на заштедите“, вели тој. Летоска сакал да си купи нов апарат, но денес веќе не може да си го дозволи. „Тогаш чинеше 150.000 рубљи, денес 250.000. Не ми останува ништо друго освен да ги разменам заштедите во американски долари и да чекам подобри времиња“, вели Пахомов.