1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русин се станува лесно!?

АТ/ ртр/ дпа/ афп21 април 2014

Среде конфликтот во Украина, шефот на Кремљ Путин испрати јасен сигнал до сите кои се чувствуваат приврзани кон Русија-граѓаните на поранешните советски републики во иднина полесно ќе можат да добијат руско државјанство.

https://p.dw.com/p/1BllD
Фотографија: AFP/Getty Images

Граѓаните кои говорат руски во поранешните советски републики во иднина поедноставно отколку досега ќе можат да добијат руски пасош. Претседателот Владимир Путин ги потпиша соодветните укази, соопшти неговиот кабинет во Москва.

Во руското говорно подрачје на истокот на Украина претставници на владата и меѓународните набљудувачи во моментов се обидуваат да ги намалат тензиите. Организацијата за безбедност и соработка во Европа се обидува со набљудувачи да навлезе во градот Славјанск, контролиран од проруските сили. Таму во текот на викендот имаше престрелаки со мртви и повредени.

Посета на Бајден

Во Украина денеска (21.04) пристигна американскиот вицепретседател Џо Бајден, кој со тамошното раководство ќе ги разгледа можностите за натамошна помош за земјата. Во преден план меѓутоа стои спроведувањето на договорот постигнат минатиот четврток во Женева. Притоа, во прва линија станува збор за разоружување на проруските сепаратисти во областа околу Доњецк. Тие, согласно договорот од Женева, треба и да ги напуштат веќе запоседнатите административни објекти.

Украинскиот преоден претседател Олександер Турчинов повторно ја повика Русија да го искористи своето влијание врз акивистите ориентирани кон Москва за да придонесе за деескалација на состојбата. Русија, од своја страна, меѓутоа, смета дека е на потег владата во Киев, која треба исто така да ги разоружа групите верни на владата, како на пример ултранационалистичкиот Десен сектор.

Joe Biden in Warschau 18.03.2014
Џо БајденФотографија: Janek Skarzynski/AFP/Getty Images

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини Украина за „грубо кршење“ на женевските мировни заклучоци. Киев не сака да ги контролира „екстремистите“, рече тој на прес-конференција во Москва. Има сѐ повеќе повици кон Русија, „да ги ослободи луѓето од ова самоволие“, рече Лавров и подвлече: „Тоа нѐ става во тешка позиција“.

Визит-картичка како доказ?

Една визит-картичка, која треба да докаже вмешаност на деснорадикалната група Десен сектор во смртоносната престрелка крај Славјанск, на интернет во меѓувреме стана предмет за потсмев. Многубројни Украинци се шегуваа околу тврдењето на прорускиот водач Вјачеслав Пономарев дека црно-црвената визит-картичка докажувала дека ултранационалистички парамилитарци биле одговорни за инцидентот, во кој во неделата утрото, во близина на Славјанск, беа убиени најмалку двајца проруски милиционери.

Според Пономарев, кој самиот се означува како „градоначалник“, визит-картичката му припаѓа на водачот на Десен сектор, Дмитро Јарош и била пронајдена во изгорен автомобил во близина на местото на нападот. Американската телевизија Си-Ен-Ен се јавила на телефонскиот број кој се наоѓа на картичката, но на телефон добила само една жена која уверувала дека нема никаква врска со групата Десен сектор.