1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приказна за двете Ирски

Гаван Рајли/Б.Георгиевски22 мај 2015

Граѓаните на Ирска денеска гласаат на историски референдум на кој треба да се реши дали ќе се дозволат хомосексуални бракови. Анкетите навестуваат позитивен исход, но многумина се сомневаат во тоа.

https://p.dw.com/p/1FU7X
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Faith

Однадвор Ирска изгледа како длабоко конзервативна земја: 84 проценти од населението се католици, националниот сервис двапати дневно го емитува биењето на црковните камбани, нејзиниот Устав го признава Бог за врховен авторитет, конзервативните партии се на власт од 1923 година, а парламентот секој ден започнува со молитва за Господ.

Но, како што е често во случајот со Ирска, фактите не ја откриваат целата слика. Серија скандали со злоупотреби ја разнишаа јавната доверба во Црквата и многумина сега јавно ги отфрлаат нејзините учења. Забраните за развод и контрацепција одамна се укинати, а анкетите покажуваат дека мнозинството би сакале да се ублажат и ригидните закони за абортус.

Во 2011 година Ирска го избра првиот јавно деклариран геј-пратеник, а пет години откако беше донесен закон со кој се дозволува граѓанско партнерство меѓу лица од ист пол, денеска (22.05.) ќе се гласа дали тие да добијат целосно признаен граѓански брак. Доколку мнозинството каже „Да“, Ирска ќе стане првата земја која ќе го легализира геј-бракот со референдум. Сите големи политички партии дадоа поддршка, а меѓу политичарите само неколку независни актери се противат.

Irland Referendum zur Homo-Ehe
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Crawley

Желбата за семејство

Главниот аргумент на оние кои ја застапуваат опцијата „против“ е дека уставното признавање на истополните бракови би можело да го отвори патот и за давање еднакво пристап до сурогатството и другите методи на асистирана репродукција. Тоа би можело да доведе до ситуација во која детето би растело без да знае за нив, или без да бидат инволвирани неговите биолошки мајка и татко.
„Бараат од нас да гласаме за измама“, вели Кит Милс, портпарол на групата „Мајките и татковците се важни“. Милс и самиот е хомосексуалец, но верува во фундаменталната разлика меѓу врската која еден маж ја има со жена, или со друг маж. „Имам лично искуство во обете и верувам дека врската која еден маж ќе ја оформи со жена е примарно базирана врз желбата да се има семејство, но тоа не е случај со истополовите бракови“.

Но и „Да“ страната ги презентира семејните вредности во кампањата. Ирските закони за усвојување и сега дозволуваат децата да бидат усвоени од геј-парови, а сурогатството воопшто не е регулирано. Поради тоа, истополовите парови и сега имаат можност да усвојуваат деца во Ирска, а евентуалниот негативен исход на референдумот тоа нема да го смени. Оттука, некои поддржувачи велат дека гласањето „Да“ ќе биде само јавно признание дека нетрадиционалните семејства се еднакви во општеството и пред законот.

Irland Referendum zur Homo-Ehe
Фотографија: Reuters/C. McNaughton

Забуни во дебатата

Но, според нив, инволвирањето на прашањето за децата во дебатата има за цел единствено да внесе забуна и да ги оддалечи гласачите од вистинското прашање. Тоа го докажуваат и анкетите на јавното мислење во последнава година. Кога беше отворено прашањето за референдумот речиси 80 проценти до испитаниците планираа да гласаат со „Да“. Но, откако и други прашања беа отворени во кампањата, гласачите станаа помалку сигурни. Последните анкети покажуваат дека само 53 проценти од гласачите ќе гласаат „Да“, а некои се сомневаат дека тој број всушност ќе биде далеку помал затоа што многу „Не“ гласачи се плашат да се изјаснат за да не бидат етикетирани како хомофоби.
„Постои силно групно размислување кое го туркаат медиумите и политичките елити“, вели сенаторот Џим Волш, кој поднесе оставка во својата партија за да и даде поддршка на „Не“ кампањата. „Познавам политичари во сите партии кои ќе гласаат ’Не‘, но не се подготвени тоа да го признаат“.

Ирска ќе дознае веќе в сабота дали е тоа точно - и дали овој историски референдум е само случај во кој фактите не ја кажуваат целата приказна.