1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Република на дупки - на германските патишта им треба реновирање

Грета Хаман/Б. Георгиевски23 април 2014

Повеќечасовни застои, дупки на патиштата, и расклатени мостови: германските патишта се распаѓаат, предупредуваат експерти, политичари и лобисти. Но кој да плати за поправките?

https://p.dw.com/p/1BmRT
Фотографија: picture-alliance/dpa

За германските патишта во странство одамна кружат легенди: некој на автопатот возел со 350 километри на час, друг раскажува за слободни коловози на автопатот во секое време од денот. Но, реалноста е далеку од овој позитивен имиџ. Бројот на градилиштата на патиштата драматично расте, голем број возачи минуваат часови во застои секој ден, расклатените мостови се затвораат за сообраќај, а на голем број патишта по долгите, студени зими, се отвораат големи дупки.

Проблемот е познат одамна, но политиката не презема ништо, критикува Хартмут Бекедал, професор за изградба и развој на патишта на Универзитетот Вупертал. „Доколку не се стори нешто повеќе, се плашам дека за 20 години ќе се соочиме со економско пропаѓање“, вели тој за ДВ.

По квадратен метар пат мора да се инвестираат 1,3 евра за подобрување на мрежата. Во моментов се инвестира помалку од половината од потребната сума, вели Бекедал. Една покраинска комисија дојде до заклучок дека на државата годишно и‘ недостигаат околу 7,2 милијарди евра за одржување на патиштата.

Недостигот на инвестиции, чекор по чекор води кон влошување на сообраќајните патишта. Честопати, дупките на патиштата се поправаат со евтин материјал, кој не е долготраен, па затоа, наместо брз сообраќај, на секој чекор има градилишта.

Symbolbild - Schlagloch
Германија го губи епитетот- сообраќаен рај.Фотографија: picture-alliance/dpa

Многу улици, малку инвестиции

И Герд Ландсберг, претседател на Здружението на германските градови и општини, се согласува дека е крајно време да се дискутира за нов модел за финансирање на поправката на патиштата. „Потребни ни се повеќе пари за санација и подобрување на сообраќајниот проток. Сообраќајот се зголемува. Толку брзо не можеме да градиме“, вели Ландсберг.

Најголемиот дел од германските улици, околу 600 илјади километри, се под надлежност на покраините и општините, и оттука мора да се финансираат од нивните буџети. Но, мнозинството германските градови и општини се хронично во лоша финансиска состојба и се соочуваат со големи долгови- затоа штедат на инфраструктурата.

Од каде тогаш да се најдат пари? Премиерот на покраината Шлезвиг Холштајн, Торстен Албиг од редовите на СПД излезе со оригинален предлог: секој сопственик на возило во Германија годишно да плаќа дополнителни 100 евра во буџетот, со кои би се финансирале поправките на улиците и патиштата.

Сообраќајниот експерт Бекедал смета дека, покрај данокот за автомобили и патарините за камиони кои се плаќаат во земјата, ова би можело да биде решение: „Но се сомневам дека овие пари на крајот ќе бидат уплатени таму за каде што се наменети“, вели тој. Притоа, тој мисли на данокот на автомобили кој во моментов се плаќа во Германија. Од него, во сојузниот буџет се собираат околу 8,5 милијарди евра годишно. Но, тие пари не се трошат наменски, односно возачите не ги финансираат само улиците по кои возат, туку веројатно со тие пари државата плаќа и други инфраструктурни трошоци или дури и издршката за семејствата за родителите кои детето не го носат во градинка до втората или третата година.

Патарина за цела Европа

И Герд Ландсберг смета дека возачите треба дополнително да се оданочат, но тој предлага воведување европска патарина: „Во речиси цела Европа се етаблирани различни системи на патарина. И ние мора да размислиме за тоа. Воведуваме стандардизација за штекери и мобилни телефони, а патарината не ја прифаќаме. Не мислам дека е тоа во корист на потрошувачите“, вели Ландсберг.

Screenshot - BAST
Фотографија: bast.de

Германија сѐ уште профитира од бумот од 60. и 70. години на минатиот век. Тогаш беше целосно реновирана речиси целата сообраќајна мрежа во западна Германија. Сликата за фантастичните германски патишта датира од тој период.

Но, за Германија да го задржи својот добар имиџ, ќе мора брзо да се делува, предупредуваат експертите. „Нашите улици сѐ уште не се толку лоши за да мора нешто итно да се презема“, вели Хартмут Бекедал. Но, не треба да се дозволи да се дојде до таму, да мора да се реновира од корен целата сообраќајна мрежа. Од економски аспект тоа ќе биде речиси невозможно, и тука нема да помогнат ниту патарини, ниту нови даноци, вели експертот.