1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ренци во дилема, Италија во рецесија?

Жанг Данхонг / Елизабета М. Фиданоска29 септември 2014

Она што долго се претпоставуваше, сега е извесно - Италија ќе влезе во рецесија, тврдат инсајдери. Тоа го става под притисок младиот премиер Матео Ренци.

https://p.dw.com/p/1DMWW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ако некој воопшто може да ги реформира крутите структури во Италија, тогаш тоа може тој. Така мислеа многумина пред седум месеци, кога на власт во Рим дојде младиот и харизматичен Матео Ренци. Неговата листа на работи кои мора да се реализираат е долга.

На пример, реформа на пазарот на работна сила. Тој што има работно место на неопределено време во Италија, може да се смета за среќен. Зашто во ретко која друга земја таквите вработени уживаат толкава заштита од отказ. Доколку некој сепак треба да биде отпуштен, тој може да се жали на суд. По правило, тој што тужи и го добива процесот и мора или повторно да биде вратен на работа, или да добие огромно обесштетување.

Радоста на едните е страдање за другите. Во ваков систем страдаат пред се‘ младите. Големите пречки при давањето отказ ги спречуваат претприемачите да отвораат нови работни места. Така, речиси секој втор Италијанец под 24-годишна возраст е без работа.

Матео Ренци има намера да го промени ваквиот „апартхејд“ на пазарот на работна сила. Во програмата „1000 дена“ тој најави дека ќе биде воведен единствен закон при новите вработувања. Нововработените ќе добиваат и натаму договор на неопределено време, но тој во првите три години може да биде прекинат без да бидат наведени причини за тоа.

Досега има малку резултати

Не е сигурно дали 39-годишниот премиер тоа и ќе го спроведе. Марко Вагнер, аналитичар во Комерцбанк, тврди дека Ренци од стапувањето на функцијата има постигнато малку: „Тој навистина многу зборуваше. Рече дека ќе го уништи целиот естаблишмент.“

La spezia Italien Marine Terminal Container Wirtschaft
Тој што има работно место на неопределено време во Италија, може да се смета за среќенФотографија: contship press-service

Ренци сакаше да спроведува по една реформа месечно. Но големите реформи кои би ја превртеле Италија на глава досега се покажаа или како козметика, или како ПР-трик, како што е на пример данокот за фирми, кој треба да се намали за 10 проценти: „Тоа звучи како да е многу, но ако се погледне попрецизно, тоа се само 10 проценти од регионалнот данок кој изнесува 4 проценти. Значи, тоа се 0,4% од вкупниот даночен товар“, нагласува Вагнер за ДВ.

Според него, многу смисла немаат ниту даночните олеснувања за оние што заработуваат малку. „Тоа беше мала бонбона за избирачите. Но на крајот тоа ќе доведе само до тоа државата да има уште помалку фискален простор за дејствување.“

Нема излез од ѓаволскиот круг

Италија успеа да се „ослободи“ од постапката на ЕК во врска со преголемиот дефицит минатата година. Сега земјата треба повторно да внимава да не ја надмине границата на буџетски дефицит од 3 проценти од брутодомашниот производ. Рим може да го држи овој дефицит под контрола, но затоа вкупното задолжување на државата е сосема надвор од контрола. Државните долгови изнесуваат 133 проценти од економското постигнување. Повисока квота на задолжување во еврозоната има само Грција. Италија, слично како Јапонија, е во прв ред задолжена кај сопствените граѓани.

Italien Wirtschaft Finanzkrise Kurstafel in Mailand
Рим може да го држи буџетскиот дефицит под контрола, но затоа вкупното задолжување на државата е сосема надвор од контролаФотографија: dapd

„Ако се сака намалување на долговите, тогаш треба или да се зголемат даноците или да се намалат издатоците на државата“, вели Хенинг Фепел, директор на хамбуршкиот Институт за светска економија (ХВВИ). Или пак, треба да се постигне повисок економски пораст. Но, оваа година нема да биде постигнат ниту мини порастот што го прогнозираше Рим. Рецесија е речиси сигурна. Фепел вели дека во ваква ситуација зголемување на даноците или кратење на издатоците би било контрапродуктивно. „Се забележува ѓаволски круг“, вели Фепел.

Според негово мислење, државата не треба да ги намалува издатоците, туку треба да ги преструктуира. „Мора да се инвестира во конкурентноста, во продуктивноста на италијанската економија“, нагласува Фепел.

Италија заостанува се‘ повеќе

Минатата година Италија стануваше се‘ понеконкурентна. На ранг листата на Светскиот економски форум таа беше на 49 место, далеку зад Шпанија и Португалија. Тоа не е за чудење, ако се има предвид дека придонесите на плати таму во последните 10 години растеа многу повеќе отколку во другите големи евро-држави. Тоа се должи на еден стар закон, кој предвидува раст на платите соодветно на растот на инфлацијата.

Renzi/ Italien/
Ќе остане ли на функција доволно долго за да ја реализира својата програма? Матео Ренци најави многу, а досега оствари малкуФотографија: Reuters

Преголемата бирократија е другиот голем проблем на државата. Таму еден претприемач мора да чека околу 260 дена додека добие дозвола за изградба на една нова хала. Во САД е потребно десет пати пократко време за добивање дозвола.

Освен тоа, Италија е позната по својот нестабилен политички систем. По војната дури 18 премиери имале мандат пократок од 1000 дена. Значи за да ја спроведе програмата „1000 дена“ Матео Ренци ќе мора прво да опстои толку долго на функцијата.