1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Растот на политичката криза може да влијае на економијата

Костадин Делимитов27 февруари 2015

Политичките кризи му прават лоша услуга на економскиот амбиент во земјата, особено во делот на извозот, предупредуваат експертите

https://p.dw.com/p/1EiWn
Фотографија: DW/K. Blazevska

Нови вработувања, нови инвестиции, мерки за создавање нови работни места, нови огласи за работа во државниот сектор. Со растот на политичката криза расте и динамиката на најавите и плановите на власта за натамошно намалување на невработеноста во Македонија. Неизвесноста на политички терен воопшто не ја намалува динамиката на ваквата стратегија, но експертите предупредуваат дека неизвесноста околу кризата веќе ги прави извесни последиците:

„Мислам дека во секој случај ваквите состојби влијаат негативно на економски план, но очекувам дека на долг рок работите ќе се средат. Но со вакви политички кризи мислам дека се прави лоша услуга на економскиот амбиент, посебно во делот на извозот како главен двигател на економскиот раст, што воопшто не може да биде добро. Еве веќе гледаме дека од аспект на надворешната политика има реперкусии на политички план, а многу лесно може да има и на економски план“, предупредува универзитетскиот професор Марија Зарезанкова Потевска.

„Актуелната неизвесност околу политичката криза не се очекува да создаде проблеми во функционирањето на домашните фирми зашто ние сме во криза веќе долго време. Но во вакви услови единствено непознаница е во делот на странските директни инвестиции каде може да има влијание. Ако час поскоро антагонизираните политички елити не седнат да разговараат околу решение на политичката криза секако дека може да има одредени негативни влијанија“, коментира Маријан Николов претседател на Центарот за економски анализи.

А планот на Владата е трендот на намалување на невработеноста која во моментов изнесува 27,9% да продолжи и до 2018 година да достигне 22%. Серијата мерки за поддршка на невработеноста преку грантови, поволни кредити, обуки, во комбинација со политиката на привлекување на странските инвестиции и создавање поволен амбиент за домашниот бизнис според Владата се реална основа за продолжување на позитивниот тренд. Експертите предупредуваат дека е потребно зголемување на фокусот и кон проблемите на домашните стопанственици:

„Целта на економската политика на Владата е отворање на нови работни места и тоа во комплементарност со политиката на привлекување на странски инвестиции. Невработеноста кај нас е последица на долгорочни проблеми. Но мислам дека е редно да се мисли за креирање на повеќе работни места и во домашниот сектор, да се детектира кои се работите што ги кочат домашните претприемачи да работат и да креираат работни места. Редно е фокусот да се помести кон домашните бизнисмени да се детектираат и да се отстранат пречките за поголемо апсорбирање на невработеното работоспособно население и во овие компании“, смета Николов.

Според професорката Зарезанкова Потевска мерките што се преземаат за поддршка на вработувањето се добри, но клучно е тие да бидат и конзистентни:

„Што се однесува пак до политиките на Владата за намалување на невработеноста клучното прашање е дали и колку мерките што се преземаат се конзистентни, долгорочни. Треба да се обезбедат повеќе средства за почетници, за нови вработувања. Ако имаме пораст на БДП повисок од 5% секако дека може да имаме и поголема вработеност. Во делот на плановите да се достигне 22% невработеност до 2018 година мислам дека тоа е малку преоптимистички, но ако се создадат потребните предуслови можеби и би било можно. Сепак клучно е да се делува конзистентно, а не одвреме навреме или стихијно со мерки од времен карактер. Лицитациите не даваат резултати, потребна е долгорочна стабилност, луѓето мора да веруваат во системот“, предупредува Зарезанкова Потевска.

Од серијата мерки што се активни во моментов, најголем интерес и ефект имаат грантовите за почнување бизнис во висина од 3.000 евра и поволностите за работодавачите кои ќе ангажираат млади до 29 годишна возраст. Во моментов на пазарот на труд има отворено околу 5.200 работни места. Најмногу се бараат продавачи, занаетчии, обебзедувачи. На крајот на минатата година без работа беа евидентирани 123.660 лица.