1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте бројот на сајбер-напади врз фирми

К. Кобер/ Ж. Ацеска23 август 2014

Во германската криминалистичка статистика, покрај многуте други вознемирувачки бројки, е и оваа: лани во Германија имало 64.000 сајбер-напади, просечно, речиси 200 на ден, како никогаш досега.

https://p.dw.com/p/1Cjca
Фотографија: picture-alliance/dpa

Нападите се извршени врз приватни лица и фирми, кои се‘ почесто своите податоци ги разменуваат преку интернет и таму ги чуваат. Сајбер-криминалците биле заинтересирани за семожни информации: податоци на корисниците, финансиски статистики, па дури и должина на пантaлоните!

Ногавиците горе пошироки, долу малку потесни. Во зимската колекција на „Ворк ин Прогрес“ има само мали промени. Првобитно работна облека од САД, сега новокреирана за млади муштерии кои сакаат да се во тренд - тоа е бизнисот на фирмата.

А тоа привлекува криминалци. Неодамна од еден сервер хакери ја украле комплетната маркетинг-кампања за летната колекција.

Тил Дреге, ИТ-менаџер во „Ворк ин Прогрес“ објаснува:

„Ние особено се дефинираме преку нашиот маркетинг. Многу сме присутни во одредени сцени, во БеЕмИкс, скејт бординг, музичките сцени, и на соодветен начин им се обраќаме на луѓето.

Кампањата мораше да биде променета во последен момент, што за фирмата беше болна загуба.

Подоцна се покажа дека нападите биле извршени од Русија - покрај азиските земји, една од најчестите локации на сајбер-криминалот. Речиси е неможно откривање и казнување на тамошните хакери.

Ваквите напади не предизвикуваат толкави штети во ниедна друга земја во светот, мерено според брутодомашниот производ, колку во Германија.

Опасни порти за пробив на хакерите не се само недоволно обезбедените интернет мрежи на претпријатијата.

Николај Ландцетел, експерт за заштита на податоци од „Дата Сек“:

„Еден од најголемите проблеми што го среќаваме во претпријатијата е што мобилните уреди не се кодирани, што значи недоволна заштита на овие системи. Или, мобилните соработници, кои цела година работат на лаптоп-компјутер на улица, во хотели, во аеродромски чекалници, не се сензибилизирани, а немаат ни технички мерки за да бидат доволно заштитени.“

Во центарот за логистика на „Ворк ин Прогрес“ пристигнуваат панталони, кошули, чорапи произведени на Далечниот Исток и натамошно се препраќаат. Секојдневната работа со пратки бара тесна поврзаност.

Освен тоа, претставништвата и продавниците низ цел свет преку дигитални канали се исто така тесно вмрежени со матичната куќа.

Се чини тоа им е привлечно на криминалците, иако фирмата значително ги засили безбедносните мерки.

Тил Деге, ИТ-менаџер во „Ворк ин Прогрес“ констатира:

„Постојано има напади целно насочени на инфраструктурата. Тоа значи, нашата инфраструктура се користи за изведување натамошни напади. Ние сме глобално активни, имаме различни седишта, што, разбирливо, дава можност и за глобално стартување на напади“.

Последиците веројатно тогаш би биле далеку посериозни отколку една украдена маркетиншка кампања.