1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рандеву во Монс

Сабине Олце/З. Јордановски28 јануари 2015

Монс, белгиски и европски главен град на културата за 2015 година, не е само попатно место на патот од Келн кон Париз. Туристите неправедно го заобиколуваат - градот годинава сака да го докаже тоа.

https://p.dw.com/p/1ERvk
Фотографија: picture-alliance/dpa/C.Lefebvre

Патувањето кон Монс крие во себе една подмолност: ако се бара на железничкиот возен ред на аеродромот во Брисел, стои „Берген“. Така го нарекуваат Фламанците, а Монс е во валонскиот дел на Белгија. Градот во моментов дури нема ни железничка станица во фактичката смисла на зборот. Наместо тоа, натрупани еден врз друг сиви контејнери; станицата беше урната за да направи место за нова. Но, на неа мора да се причека - дури во 2017 година треба да биде готова новата станица според проектот на познатиот архитект Сантијаго Калатрава. Ќе изгледа како инсект со огромни крила.

Се чини дека со тоа Монс несакајќи следи една традиција типична за европските престолнини на културата. Имено, валонскиот град со 95 илјади жители ни од далеку не е првиот, кој не бил целосно подготвен при отворањето на годината на културата. Тоа и не е за чудење, кога се поставуваат толку високи цели. Монс сака да се промени себе си, наново да се позиционира на туристичката и културната мапа на Европа. Оти, по крајот на ерата на рударство и тешка индустрија во 1958 година, градот не беше познат токму како град на културата. Економскиот пад уште ја фрла својата мрачна сенка: стапката на невработеност изнесува 20 проценти. Многубројни приземни куќи од цигла, во бесконечна низа долж улицата која води од предградието кон центарот, стојат празни. Но, гордоста остана.

Eröffnung Mons Kulturhauptstadt
Светлечки инсталации на отворањето на свеченоста во МостФотографија: picture-alliance/dpa/C.Lefebvre

Сликовито руинирани

Ив Васер, куратор на европската престолнина на културата 2015, вака ја опишува привлечната сила на валонскиот град: „Монс е заспана убавица, што надвор од Белгија никој не ја познава. Ние ќе и’ вдахнеме нов живот“. Мотото „Монс метаморфоза“ покажува за што станува збор. Кога Ив Васер зборува за своите визии, од него прозвучува искрено воодушевување. И, иако на некои куќи итно им е неопходна кофа со боја, Монс има специфики на кои другите можат да завидуваат. Само во градот има пет споменици на светското културно наследство на УНЕСКО, во целиот регион се 19. Еден е камбанаријата, на далеку видлив симбол за долгогодишните аспирации на Монс за своја самостојност. Францускиот писател Виктор Иго некогаш надмено ја нарекол „чајник“, оти нејзините барокни форми се многу набабрени и заоблени. Но, и тој имал респект пред големината на камбанаријата.

И „Мунданеум“ е симбол за отворен и модерен град. Овој УНЕСКО-споменик во април ќе биде отворен како нов научен музеј. Зад белата фасада дреме ризница на знаење. „Мунданеум“ жителите на градот го нарекуваат „Гугл од хартија“ поради 18-те милиони картички во датотеката, кои содржински упатуваат едни на други.

Спој на технологија и култура

Мост кон 21. век воспоставува и Конгресниот центар на ахритектот Даниел Либескинд. Свечено беше отворен пред одвај две недели. Новата железничка станица ќе биде спојката меѓу историскиот центар на градот и „Диџитал скај“ („дигитално небо“, н.з.), како што во Монс се вика зоната во која се сместија повеќе големи претпријатија од информатичката технологија. Зошто токму во Монс? „Малите градови се градови на иднината“, вели градоначалникот и некогашен премиер на Белгија Елио ди Рупо. Кратки растојанија, безбедност, историја и култура се сигурни свртници на патот кон израснување во стопански центар. Елио ди Рупо се заложи повеќе од било кој друг политичар за кандидатурата за титулата Европска престолнина на културата. Изборот беше извршен во 2004 година. Оттогаш се во тек подготовките за изградба на пет нови музеи: музеј на звуци, дизајн-центар, две музички сали, меморијалниот музеј на Монс - во спомен на Првата светска војна, како и една артотека (архив на фотографии од уметнички дела, н.з.) сместена во некогашна црква. За хит-изложби и перформанси на 5 илјади уметници од 12 земји стојат на располагање многу пари: 70 милиони евра, од кои еден дел доаѓа од ЕУ-фондови за помош.

Mons Kulturhauptstadt Van Gogh Ausstellung
Изложбата „Ван Гог во Боринаж“Фотографија: picture-alliance/dpa/Belga Photo B. Doppagne

Почетоците на Ван Гог

Манифестацијата на отворањето беше успешна. Макар и само изложбата „Ван Гог во Боринаж“ заслужува да се посети. А кога в лето ќе се одбележи 125-годишнината од смртта на сликарот, ќе почне и серијата изложби во Монс. Холандскиот сликар не дошол доброволно во 1880 година во рударскиот регион. Како теолошки школуван, а непрофесионален проповедник, бил принуден на тоа од неговите претпоставени во Брисел. Тогаш уметникот имал 27 години. Врз него оставиле длабок впечаток искуствата од Боринаж, место оддалечено 10 километри од Монс. Тој две години ја студирал сиромаштијата на луѓето и тешките услови за работа во рудниците, што го навело она што го видел, со молив и јаглен, да го стави на хартија: жени кои носат тешки вреќи со јаглен, мажи, само кожа и коски, како влегуваат во рудник.Тие цртежи од неговата рана фаза биле непознати. Излегле на виделина дури по смртта на сликарот - сензационално откритие.

Монс се прилагодува

„Ние не правиме ништо друго, туку само ги отвораме очите за раниот период на ван Гог“, вели Ив Васер, најодговорниот за годината на културата во Монс. Тој тоа го нарекува „да се врати довербата во Валонија“, оти треба да профитира целиот регион и заеднички да ја надмине кризата. За таа цел Монс агитира и во градовите во околината, а востанови и Дом за партнерства со градови, за подобро да се поврзе. Заеднички проекти има и со францускиот град Лил, некогашна културна престолнина на Европа. Ив Васер сака да го следи примерот на Лил, каде секое вложено евро на градот во краен биланс му се вратило шесткратно. Ако тоа добро функционира, тогаш метаморфозата на Монс ќе се исплати за сите.