1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путиновата герилска војна 2.0

Инго Мантојфел / Превод: Е.М.Фиданоска29 август 2014

Веќе не може да се одрекува - Русија води војна против Украина. Тоа ја принудува Европа на дејствување, оценува Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/1D3XM
Фотографија: AFP/Getty Images

Два дена по средбата во Минск на рускиот претседател Владимир Путин со украинскиот претседател Петро Порошенко, Киев јавува за инвазија од страна на руските трупи на југоистокот на земјата и за окупирање на некои погранични места од страна на руски единици. И НАТО ја обвинува Русија за воената ескалација во Украина и објави сателитски снимки кои треба да се доказ за тоа дека руските војници со многу модерно оружје и тенкови оперираат на украинска територија. Во Европа се множат гласовите за воведување нови, поостри санкции против Русија. На сите овие обвинувања Русија реагира на циничен начин - демантира дека трупите вмарширале и тврди дека се работи за чисто внатрешен проблем на Украина.

Перфидна тактика

Русија со месеци применува ваква перфидна тактика, со која се чини Западот не знае како да се справи. Зашто, Кремљ официјално се залага за мир, а од март води необјавена војна против Украина. Почна со Крим. И со оглед на тоа што оваа операција беше толку успешна, Кремљ почна со дестабилизација на источна Украина, затоа што поради внатрешо и надворешнополитички интереси не е заинтересиран за европска Украина.

Ingo Mannteufel
Инго Мантојфел, уредник на Руската редакција на ДВФотографија: DW

Ваквата нова форма на асиметрично водење војна - герилска војна 2.0 - во себе обединува цел еден конгломерат на тактики: ангажман на платеници и доброволци, кои се обучувани од страна на професионални војници или се предводени од нив, тајни специјални операции и вешта информативна војна.

Западот долго не сакаше да сфати што се случува меѓу Русија и Украина, меѓу другото и поради тоа што во Европа никој нема интерес од конфронтација со Москва, а особено не воена конфронтација. Освен тоа, ниту еден одговорен политичар не сака да ја влошува ситуацијата уште повеќе со употреба на зборот војна. Притоа, не треба да се заборави дека формално и украинското државно раководство досега зборува за антитерористичка операција.

Нови санкции

Но кога лидерот на сепаратистите Сахарченко сега самиот потврдува дека три до четири илјади руски војници се борат на страната на сепаратистите, наводно за време на својот одмор, тогаш станува уште појасно она што веќе долго е јавна тајна - Русија со помош на сепаратистите води војна против Украина. Извештаите за загинати руски војници, кои најверојатно животот го загубиле во Украина, во Русија се‘ потешко може да се скријат.

Се‘ поотвореното руско мешање во Украина ја принудува Европа на дејствување. Наспроти некои украински надежи, Европа или НАТО нема воено да се вмешаат во конфликтот. Но ЕУ ќе одговори со нови санкции. Тоа натамошно ќе ја забрза спиралата на насилство. Но на руското раководство мора многу јасно да му се стави до знаење дека војната и насилството не смеат да бидат средства за водење политика во Европа. Добро е што сега во Русија сепак се подигаат храбри гласови кои се спротивставуваат на ваква политика.