1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин: Можна е нормализација на односите со Западот

СН/ам/миа/дпа/мф/ртр19 април 2014

Рускиот претседател Путин во поглед на украинската криза изрази подготвеност за подобрување на нарушените односи со Западот. Украинските власти од друга страна објавија велигденско примирје на истокот на земјата.

https://p.dw.com/p/1Bl7e
Фотографија: Reuters

Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин денеска (19.04.2014) во телевизиско интервју рече и дека нема причина односите меѓу Русија и Западот да не се поправат. „Мислам дека нема ништо што би можело да го спречи нормализирањето на односите и нормалата соработка“ со Западот, рече рускиот челник. „Меѓутоа, тоа не зависи само од нас. Тоа зависи од нашите партнери“, истакна Путин.

Рускиот претседател не зборуваше што мисли дека Западот треба да стори во оваа насока, но треба да се потсети дека портпаролот на Кремљ во петокот навести дека главна пречка за нормализацијата на односите е недостигот од почит што Западот го покажува кон Русија, третирајќи ја како „учениче што нешто згрешило“.

Во меѓувреме портпаролот на Путин Дмитриј Песков изјави дека дополнителните руски воени сили кои се распоредени на границата со Украина се испратени таму како реакција на нестабилната ситуација во соседната земја.

„На украинската граница има наши сили. Некои се стационирани постојано, а другите пристигнаа како засилување, имајќи ја предвид актуелната ситуација во Украина“, изјави во денеска за државната телевизија Дмитриј Песков.

„Украина е држава во којашто пред извесно време се случи државен удар, па оттаму природно е која и да е земја во нејзиното опкружување да заземе посебни мерки на претпазливост поради безбедноста“, изјави Песков и додаде дека Русија има право да ги разместува своите воени сили на сопствената територија без никакви рестрикции.

Портпаролот на рускиот претседател ги демантираше и информациите според кои руската армија се меша во настаните на украинската територија, оценувајќи дека станува збор за наводи „во целост погрешни“.

Украинскиот министер за надворешни работи Андреј Дешчицја инаку денеска изјави дека за време на велигденските празници на истокот на земјата се запрени акциите против проруските воени сили.

Дешчицја рече дека безбедносните сили на Украина ќе ги продолжат воените акции, доколку сепаратистите продолжат да ги заземаат државните институции. Проруските сили одбиваат да ги напуштат институциите во неколку градови, кршејќи го договорот постигнат во четвртокот во Женева. Шефот на украинската дипломатија објасни дека целта на воените акции на Украина на истокот на земјата е „враќање кон нормалниот живот и заштита на населението“; но дека за време на Велигден ќе бидат запрени.