1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Пулицер“ за „Гардијан“ и „Вашингтон пост“

БГ/миа/ап15 април 2014

Британскиот весник „Гардијан“ и американскиот „Вашингтон пост“ се овогодинешните добитници на Пулицеровата награда, најпрестижното новинарско признание, за откривањето на шпионирањето на НСА

https://p.dw.com/p/1Bi1f
Фотографија: picture-alliance/dpa

Двата весника беа удостоени со најпрестижната американска новинарска награда во категоријата „Во служба на општеството“, поради тоа што минатата година први ги објавија написите за злоупотребувањата на американското разузнавање, засновани на документите, добиени од поранешниот соработник на Агенцијата за национална безбедност Едвард Сноуден. Наградите беа прогласени вчера во Њујорк.

Во категоријата „објавување на актуелна вест“ наградата ја освоија репортерите од весникот „Бостон глоуб“ за известувањето за терористичкиот напад за време на Бостонскиот маратон во април минатата година.

Весникот „Њујорк тајмс“ освои две награди, во категориите „новинарска фотографија“ и „фоторепортажа“. „Пулицер“ за истражувачко новинарство освои новинарката Крис Хемби од Центарот за јавен интегритет во Вашингтон.

Агенцијата Ројтерс доби награда во категоријата „меѓународна репортажа“ за материјалите за дискриминацијата на муслиманското малцинство Рохинги во Мјанмар.

Наградата „Пулицер“ е основана од познатиот американски магнат во печатените медиуми Џозеф Пулицер (1847-1911). Од специјално оставените два милиони долари е основана фондација на негово име. Од 1917 година наградата се доделува секоја година во 21 категорија во областа на новинарството, литературата, музиката и театарот.

Лауератите на наградата во категоријата „Во служба на општеството“ добиваат златни медали, а „Пулицер“ за сите останати категории е придружена и со парична награда во износ од десет илјади долари. Свечената церемонија за доделување на наградите ќе се одржи на Универзитетот Колумбија во Њујорк на 5 мај.