1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширувањето на ЕУ е успешна приказна

Марина Максимовиќ / Александар Методијев14 мај 2014

Во Брисел се нагласува предноста од политиката на проширување на ЕУ. Бриселските дипломати го потврдуваат продолжувањето на ширењето на Европската унија кон Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/1BzTq
FOTOLIA EU Flagge
Фотографија: Fotolia/Szabolcs Szekeres

Европската унија од почетните шест држави-членки порасна на денешните 28. Само во последата деценија бројката на членки речиси се удвои. Денес таа претставува заедница од над 500 милиони граѓани, заснована на заеднички вредности за мир, соработка и напредок.

„Сега е речиси невозможно да се замисли нашето европско семејство без 13 членки, кои нам ни се придружија само во последните 10 години. И покрај бројните стравувања, сега на сите им е јасно дека проширувањето се покажа како успешна приказна“, нагласи Евангелос Венизелос, министер за надворешни работи на Грција, земјата која во моментов претседава со ЕУ.

По повот десетата годишнина од „големото проширување“, најзначајните европски институции укажуваат на политиката на проширување како на „најефикасното оружје“ за јакнење на мирот и стабилноста, демократијата, но и економијата на европскиот континент. Истовремено, покрај успехот на претходните проширувања, официјален Брисел ја нагласува и неопходноста од продолжувањето на таквата политика.

„Перспективата за продолжувањето на проширувањето на Западен Балкан е потврдена со заклучоците на Советот на ЕУ од минатиот декември. Овој процес е насочен кон изградбата на мирот, стабилноста и напредокот на тој регион, кој беше тешко погоден од војната. Токму перспективата на европското членство за овие земји има значајна улога во процесот на помирување во регионот, а добар пример за тоа е неодамнешниот договор и дијалог меѓу Србија и Косово“, изјави потпретседателот на Европската комисија Сим Калас.

Google Hangout ANDERES FORMAT EU Europa Brüssel
За европските институции политиката на проширување е најефикасното оружје за јакнење на мирот, стабилноста, демократијата и економијата во ЕвропаФотографија: imago/imagebroker

Проширувањето е успешна приказна, но со мала поддршка од граѓаните на ЕУ

Кога се зборува за проширувањето, во европските институции се зборува како за глобално единствен пример на слобода на движење на граѓаните, за најголема единствена економска зона која, така обединета, претставува светски извозник, но и инвеститор. Поради подобро разбирање се наведуваат и бројки кои покажуваат дека како последица на „големото проширување“, од 2002 до 2008 година се отворени три милиони нови работни места, за приходот по глава на жител во новите земји-членки, кои на крајот на 90-ите години имаа помалку од половина од европскиот просек, годинава да се искачи до 72 проценти од примањата во ЕУ, а извозот на Германија во новите членки, по „големото проширување“, речиси да се удвои.

„Проширувањето од ЕУ направи глобално речиси успешна приказна. Тоа можеби не е така очигледно за сите Европејци. Денес, во просек, 36 проценти од граѓаните на Унијата го поддржуваат понатамошното ширење на унијата“, укажа Сим Калас.

Истовремено, во Европскиот совет напоменуваат дека влегувањето на новите членки во ЕУ не претставува само „договорен однос“ меѓу државите, туку и „договор“ меѓу граѓаните кои имаат заеднички обврски.

Siim Kallas EU Kommissar Verkehr Flugverbot Vulkan
Калас: Важна е перспективата за членство во ЕУФотографија: AP

„Усогласувањето со принципите на слобода, демократија, почитување на човековите права и владеење на правото, се клучни барања кои се поставуваат во Договорот за членство. Политичките и економски критериуми од Копенхаген исто така мораат да бидат исполнети. Барањата за членство во ЕУ не се лесни. Тие изискуваат време, посветеност, работа и политичка волја. Сите тие реформи се неопходни за новите членки да бидат подготвени не само за придобивките што ги донесува ЕУ, туку и за обврските кои одат со тоа“, порача шефот на грчката дипломатија и претседавач со Советот на министри на ЕУ, Евангелос Венизелос.

Венизелос во Брисел потсети дека одбележувањето на годишнината на „големото проширување“ оди паралелно со одбележувањето на годишнината од Солунскиот самит во 2003 година, кога на земјите од Западен Балкан им е ветена перспектива за европско членство, како и дека 28-те земји-членки на ЕУ и шесте балкански земји ја обновија посветеноста на работата на заедничката европска иднина на минатонеделната министерска конференција одржана исто така во Солун.