1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Професорскиот штрајк ги откри „дефектите“ во универзитетската автономија

Костадин Делимитов23 јули 2014

Битката на тројцата универзитетски професори, кои со штрајк со глад се дигнаа во заштита на правата, е предизвик за надлежните. Експерите предупредуваат дека автономијата им даде преголема сила на менаџментите.

https://p.dw.com/p/1CgvA
Фотографија: Fotolia/Franny-Anne

Во Македонија се случи и универзитетски професори да стапат во штрајк со глад. Тројца професори од штипскиот економски факултет кои наместо унапредување, се пред отказ, веќе десети ден гладувајќи ја бараат правдата. Гласот го дигнаа преку непопуларната мерка, откако во законска процедура на реизбор наместо повисок статус се соочиле со отказ и покрај позитивните извештаи од рецензентската комисија. И покрај исцрпеноста, не се откажуваат да ја истераат правдината.

„Не се откажуваме, исцрпени сме но ќе истраеме и ќе одиме до крај. Сакаме до втори август да не изберат, затоа што рецензентскиот извештај е позитивен за сите нас. Апелираме надлежните иснтитуции да помогнат во решавањето на проблемот и да се стави крај на самоволието“, изјави за Дојче веле Крсте Шајноски еден од тројцата професори кои штрајкуваат со глад во просториите на синдикатот во Штип.

Експертите се загрижени, но не се изненадени

Како е можно да се случи и да се дозволи професори во една земја на овој начин да алармираат за одредени проблеми во образовниот систем? Дел од експертите предупредуваат дека овој случај не е изолиран настан туку се работи за еден сериозен обем што ги одразува проблемите што се јавуваат во последно време во високото образование во целина. Поранешниот министер за образование и универзитетски професор Ненад Новковски предупредува дека почнува да се нарушуваат основните академски принципи за извршувањето на изборите според постигањата на професорите.

„Имено, овие реизбори имаат смисла за утврдување на тоа дали професорот ја вршел квалитетно работата во претходните години, односно служат за тоа да се елиминираат оние кои биле несериозни. Во таа смисла неизборот е чуден посебно за една институција како што е Штипскиот универзитет, кој е во крајна оскудица со кадри, малку луѓе огромен број на студенти на еден професор и практично би се очекувало тие да молат за наставници за сите оние кои што ги исполнуваат за условите секако без да се наложуваат многу високи критериуми како на универзитетите кои што одбираат само одредени наставници. Овде сите оние што се квалитетни и што покажале резултати не би требало да се очекува да отпаднат при една ваква постапка која во секој случај би требало да биде само формална“, смета Новковски.

Ваквиот случај според него само ги исфрла на виделина проблемите од начинот на практикување на универзитетската автономија што им даде преголема сила на менаџментите на универзитетите. Оттука според него постои нужност од промени во процесот.

„Тоа што се случува сега укажува на многу лоши односи во високото образование и е поврзано со концепциите, ние на времето имавме голема полемика околу тоа што е автономија на универзитетот, автономија на професорите или на менаџментот. Кај нас победи таа опција дека менаџментот всушност го претставува целиот универзитет, дека под автономија се подразбира менаџментот и за тоа дадоа огромна поддршка голем дел од луѓето во универзитетот, кои што се залагаа за тоа дека раководните структури треба да имаат многу поголеми овластувања. Во таа смисла сега овде наместо ценење на квалитетот доаѓаат до израз различни критериуми кои почнуваат да ги спроведуваат универзитетските менаџменти кои добија преголема сила. Мислам дека тоа е клучниот проблем! И тоа што доаѓа до ваква ситуација и што се вклучува синдикатот секако со задоцнување, бидејќи синдикатот се исклучуваше многу долго од случувањата во образованието. Сето ова се случува со доста големо задоцнување, процесите се отидени многу далеку и тоа што се укажувања од инспекторатот се од формален карактер и тешко дека можат да помогнат во ваква ситуација. Конечно што треба да се направи е да се возобнови целосно академскиот амбиент и да се воспстават академските вредности на нашите високо образовни институции. Политиката во ваква ситуација може да донесе негативни ефекти и дополнително да ги влоши состојбите. Клучно е универзитетот да ги собере своите сили, мислам универзитетот, општо академијата за да ги соберат сите сили за да се насочат кон воспоставување кон вистинските вредности , во конкретниот случај кога се избира некој се избира според квалитетот и постигањата и ниту еден друг мотив не треба да доминира. Треба да се воспостави вистинската автономија која според болоњските принципи подразбира автономија која подразбира автономија на професорите, на академската заедница центрирана околу интересите на студентите, а носена од професорите како индивидуи. Имено болоњските принципи бараат сите средства за реализација на автономијата да им бидат достапни на одделните професори“, коментира Новковски.

Nenad Novkovski
Ненад НовковскиФотографија: DW/Kalinski

За штипскиот случај реагираше и Државниот просветен иснпекторат

По извршениот вонреден инспекциски надзор надлежните констатираа неправилности и побараа повторување на постапката за избор.

„Од страна на Државниот просветен инспекторат е потврдено согласно закон, издадено е решение за поништување на постапка и дадено е рок од осум дена, кој се засметува од приемот на решението. Ако не постапат по решението следува прекршочна пријава за ректоратот, за правниот субјект и одговорното лице. Но секако ние претходно ќе извршиме контролен инспекциски надзор, па ќе ја согледаме фактичката состојба“, изјави за Дојче веле Надица Неделковска дриректор на инспекторатот.

Stip Mazedonien
ШтипФотографија: Petr Stojanovski

Но, наместо да го спроведе решението на инспекторатот, Универзитетот „Гоце Делчев“ преку соопштение повика на прекин на штрајкот со глад и предложи формирање на нова рецензентска комисија за мониторинг на целата досегашна постапка. Професорите реагираат дека ваквото ветување е уште еден обид за манипулација, бидејќи ако нивниот избор не биде извршен до законскиот рок кој истекува на 2 август, целата постапка ќе мора да се повтори и да се распишат целосно нови конкурси. Професорите во меѓувреме добија поддршка и од Синдикатот на образование на наука и култура чии претставници се вклучија во штрајкот со глад:

„Очигледно е дека се повредени повеќе закони и уставот со самото тоа што не им беше дозволено да штрајкуваат на работното место. Затоа СОНК ги отвори вратите и ги прибравме во нашите простории во Штип. Им даваме максимална поддршка да издржат. Одлучивме како раководство и претседателство на синдикатот да се приклучиме на штрајкот со глад. Ние упативме барање до надлежните органи да утврдат кршење на закони и устав. Закон за високо образование, устав, статут на универзитетот, закон за работни односи. Надлежните органи доставија решение, но очигледно е дека универзитетот не постапува по него и се обидува да манипулира по целото прашање. Ги повикуваме надлежните да преземат мерки во своите надлежности за целата работа да заврши со позитивен исход и повторување на процедурата на гласање наставно научниот совет и со полно право овие професори да останат на работа и да добијат повисоко звање“, изјави за Дојче веле Јаким Неделковски претседател на СОНК.

Universität Cyril and Methodious in Skopje, Mazedonien
Универзитетот во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Штрајкувачите бараа реакција од Владата и од министерството за образование и наука но тие, според Уставот, не можат да бидат страна вклучена во случајот поради автономијата на Универзитетот. Поради тоа Универзитетот треба да го реши проблемот самостојно, во договор на двете засегнати страни, од кои една се доцентите што штрајкуваат, а друга менаџментот и Ректоратот на Универзитетот. Штрајкот со глад во меѓувреме продолжува да се шири, со што расте и притисокот за брзо решение на проблемот. Оттука и апелот на дел од експертите кои сугерираат на сериозност во решавањето не само на овој случај туку и на конечно отстранување на системските аномалии за во иднина ваквите случаи да не станат и правило во македонскиот образовен систем.