1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама наскоро со врзани раце?

Миодраг Шориќ/ Превод: Жана Ацеска18 септември 2014

Дали заврши дебатата за копнени трупи на САД во Ирак и Сирија? Никако! Политичките противници на американскиот претседател ќе се погрижат да ја одржат дискусијата, смета дописникот на ДВ од Вашингтон, Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/1DEyB
Фотографија: AFP/Getty Images

Администрацијата на американскиот претседател дава противречни најави. Барак Обама вети - нема да испрати копнени трупи во Ирак и Сирија. Но, првиот човек на Генералштабот, Мартин Демпси, во Конгресот навести дека сепак може да настане ситуација во која ќе бидат неопходни американски копнени трупи. Што е точно?

Можеби и едното и другото. Обама зборува како политичар кој несомнено знае колку натамошни воени авантури се неомилени кај неговите сонародници. Генерал Демпси, напротив, настапува од позиција на војник. Тој сака да ги остави отворени сите опции со цел да бидат победени терористите од Исламска држава, во што спаѓаат и американски копнени трупи. Тој има исто мислење со мнозинството експерти во Вашингтон: ИД не може да биде запрена само со воздушни напади. Дали ирачките владини трупи, Слободната ирачка армија и курдските борци се доволно моќни за да ги принудат исламистите на дефанзива, засега никој не знае.

Miodrag Soric
Миодраг ШориќФотографија: privat

Дискусија во невреме

Дебатата околу американски копнени трупи во Ирак и во Сирија за Обама доаѓа во неповолен момент. Остануваат само уште седум недели до денот кога Американците треба да изберат нов парламент. Последните анкети на јавното мислење им даваат предност на Републиканците. Главна причина е често противречната надворешна политика на Белата куќа. Неизвесноста околу ангажман на американски борбени трупи на Средниот Исток е само еклатантен пример. Со месеци, само мал дел од американските граѓани се согласува со политиката на претседателот Обама, што се одразува и на Демократската партија, на која и‘ се заканува опасност да го загуби мнозинството во Сенатот.

Последиците би биле катастрофални за Обама - тоа уште повеќе би го отежнало неговоот владеење на крајот на мандатот. Тој буквално би се нашол во позиција на врзани раце, па не би требало ни да помисли на нови планови, натамошни реформи, на пример во политиката на доселување. Но, се‘ уште не е стигнато толку далеку. Со својот најнов говор во воздухопловната база во Флорида Обама сакаше да ја заврши дискусијата околу евентуален ангажман на американски копнени трупи во Ирак. Тоа не му успеа, таа ќе продолжи и натаму, за што сигурно ќе се погрижат неговите политички противници.