1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Противниците на штедењето-нови кормилари во Грција

Јанис Пападимитриу/ Жана Ацеска28 јануари 2015

Новите грчки министри положија заклетва, владата на левичарскиот премиер Ципрас може да почне со работа. Во неа по смената на власта тонот сега го даваат економистите критички расположени кон Германија.

https://p.dw.com/p/1ERwd
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Министерството за финансии го презема професорот по економија и публицист Јанис Варуфакис. Економистот, школуван во Велика Британија и во САД, се смета за остар критичар на политиката на штедење, протежирана првенствено од Германија, и пледира за отпис на долговите, како и за нова ориентација на европската кризна политика. Економските тези на Варуфакис во форма на статии и книги достигнуваат огромни тиражи во Грција. Во својата најнова книга „Глобалниот Минотаурус. Америка и иднинатана светската економија“, економистот ги прогласува спасувачките мерки во рамките на евро-кризата за пропаднати, инсистирајќи на „историски одлуки“ преку кои во преден план би бил ставен економскиот пораст, на пример преку заедничка европска инвестициска програма. Варуфакис се смета за ратоборен економист, кој по правило сепак, за разлика од многумина политичари на левичарската партија Сириза, не користи идеолошка, туку објективна и конкретна аргументација.

Во умерените гласови во леввоориентираната партија се вбројува министерот за економија Јоргос Статакис, кого во сопствените редови го сметаат за лев социјалдемократ. Нему, како и на Варуфакис му стои од страна еден „вардач“: Јанис Драгасакис, економист школуван во Лондон на Лондонскиот факултет за економски и политички науки и досегашен заменик-претседател на грчкиот парламент, длабоко почитуван како од пријателите, така и од непријателите. Како заменик-премиер тој во Атина ќе има надзор над целокупната област на економијата и финансиите. Освен тоа, 67-годишникот планира формирање „национална комисија за преговори“ која треба да дискутира околу новото регулирање на грчките долгови. „Варуфакис можеби изгледа малку избувлив, но околу важните економски мерки веројатно Драгакис ќе го има последниот збор“, објаснува политичкиот аналитичар Ставрос Лугерос во програма на државната телевизија.

Giannis Dragasakis Wirtschaftsminister Archiv 19.01.2015 Athen
Јанис ДрагасакисФотографија: AFP/Getty Images/A. Messinis

Концесии кон левото крило на партијата

Марксистички ориентираните економски експерти како досегашниот главен економист на левичарската партија, Јанис Милиос, при формирањето на владата останаа настрана. Но, затоа се ангажирани бројни проминентни акадамичари. Но, премиерот Алексис Ципрас не сака целосно да го запостави ни левото крило на својата партија: Панајотис Лафацанис, клучна фигурна на внатрепартиската лева опозиција, го презема клучниот ресор за „продуктивна обнова“ на Грција. Со тоа тој добива и право на соодлучување при важни инвестициски проекти, на пример во енергетската област. Дали Лафацанис ќе се држи до предизборните ветувања на партијата за анулирање на веќе извршените приватизации, останува да се види. Уште во ноќта на изборната победа тој пред новинарите изјави дека новата влада ќе ја реализира својата економска програма „во цел обем“.

Panagiotis Lafazanis / Griechenland
Панајотис ЛафацанисФотографија: picture-alliance/dpa

„Ме вознемирува фактот што некои од денешните владини политичари во минатите години се истакнаа како луѓе кои ги блокираа реформите“, констатира политичкиот аналитичар Алексис Папахелас за ТВ Скај.

„Освен тоа, во оваа влада јас гледам различни струења и многу силни личности, па се прашувам дали е тоа можно да се усогласи“, скептичен е експертот. Кабинетот на Алексис Ципрас има вкупно 13 министри, 21 заменици министри и пет државни секретари. Прашање е на лично гледање дали со тоа Ципрас го исполнува за грчки прилики радикалното изборно ветување за формирање мала и ефикасна влада: ако се поаѓа од бројот на членови во кабинетот, ветувањето е исполнето. Но, тоа не менува ништо во фактот што и натаму на масата во владата седат до 40 лица.

Активна надворешна политика

Уште денеска, 28.01.2015 треба да се одржи првата владина седница. Плитичкиот новинар Павлос Цимас смета дека владата е на добар пат. Како недостаток тој сепак го гледа немањето доволно владејачко искуство: „Ниеден министер нема искуство на владини позиции, со исклучок на вицепремиерот Драгакис, кој помина четири месеци во преодната влада на Ксенофен Цолотас во 80-те години и министерот за одбрана Каменос кој еднаш беше заменикминистер за бродска трговија и тоа само девет месеци. Тоа е се‘.“

Die neue Koalition steht: Tsipras und Kamennos 26.01.2015 Athen
Алексис Ципрас и Панос КаменосФотографија: AFP/Getty Images/L. Pitarakis

Посебно спорен е новиот министер за одбрана. Бидејќи Сириза на куриозен начин се впушти во коалиција со деснопопулистичката партија „Независни Грци“, нејзиниот шеф Панос Каменос го побара ресорот одбрана и го доби. Во минатото Каменос застапувашеисклучително патриотски позиции во надворешната политика, на пример во грко-турските односи.

Сега тој сепак ќе стои во сенката на новот министер за надворешни работи - Никос Коцијас, непартиски професор и остар аналитичар. Неговата политичка социјализација тој ја почна како член на Комунистичката партија на Грција и долги години беше близок соработник и советник на поранешниот премиер Јоргос Папандреу. По полагањето заклетва, Коцијас најави „активна надворешна политика“. Знак за тоа беше даден синоќа, откако шефовитена држави или влади на ЕУ се заканија со построги санкции против Русија поради украинската криза. Димитрис Цанакопулос, шеф на кабинетот на премиерот, изјави дека ова соопштение на ЕУ-не е договорено со Грција.