1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропагандна војна на социјалните мрежи

Кејт Шатлворт / Александар Методијев 22 јули 2014

Очите на светот и натаму се вперени кон израелско-палестинската војна. Освен на фронтовите, борбата се води и на општествените мрежи, каде двете страни ја користат пропагандата за да добијат поддршка.

https://p.dw.com/p/1CgUn
Фотографија: Getty Images

Брутални слики, кои ја илустрираат реалноста во Газа, веќе две недели се шират преку социјалните мрежи. Застрашувачки фотографии на крвопролевање сега се веќе толку многу присутни што емотивно ги погодуваат дури и оние кои никогаш не биле во Израел, на Западниот Брег или во Појасот Газа. Поради неселективното убивање и фактот дека расте бројот на настрадани деца меѓу цивилите, што предизвикува чувство на гадење во широката јавност, на социјалните мрежи почна и пропагандна војна, која изгледа ја добиваат Палестинците.

Војна на мрежите

Во мирниот зелен кампус долж идиличниот медитерански браг е сместена компјутерската лабораторија „ИД Херзлија“. Внатре во зградата, која се наоѓа северно од Тел Авив, се наоѓа команден центар на израелската војска за војна на социјалните мрежи. Група од 400 израелски студенти во кампусот се бори против изливот на сочувство кон Палестинците, кои се убиени и ранети во Газа, под хештагoт #IsraelUnderFire (Израел под оган). Тие се обидуваат да ја придобијат поддршката за војната која ја сметаат за неизбежна и која, според нив, била предизвикана од Хамас. Базата на оваа интернет војска е позната како „Хасбара рум“, односно „Соба за објаснување“.

Противничкиот палестински тим го користи хештагот #GayaUnderAttack (Газа под напад). Меѓутоа, тие го загубија кредибилитетот кога БиБиСи откри дека неодамна објавени фотографии од нивна страна се всушност фотографии од претходни израелско-палестински судири или од конфликтите во Ирак и Сирија.

Од друга страна, „Њујорк тајмс“ тврди дека фотографиите кои се пласираат на Твитер од страна на „Хасбара рум“ исто така се лажни.

„Се покажа дека една од фотографиите под хештаг #IsraelUnderFire, која вусшност е најмногу споделувана, а на која муслимански демонстрант држи странспарент ’Стоп за тероризмот на Хамас врз Израел’ всушност е фотомонтажа на фотографија од протестите во Сараево во ноември 2012 година“, пишува „Њујорк тајмс“.

Едната страна вели: „Сите страдаме поради Хамас“

Нели Пинчевски, 22-годишна студентка на политички науки, работи полно работно време во кампањата и ги координира волонтерите и персоналот во „Хасбара рум“, која се финансира од универзитетски фондови и донации.

„Денес во светот доминираат социјалните мрежи и всушност вие го знаете тоа што го гледате таму. Научивме во текот на овие години дека светот не добива информации од Израел и не ја знае нашата страна од приказната“, вели таа. „Секоја приказна има две страни и ние имаме своја приказна која сакаме да ја раскажеме. Минавме низ толку многу лаги, пропаганди и говори на омраза. Чувствуваме дека мораме нешто да направиме“, вели Пинчевски за Дојче веле.

Таа смета дека она што го прави нејзината група не е пропаганда:

„Не, јас мислам дека ние само ја раскажуваме својата приказна онака како што ја чувствуваме и проживуваме. Му кажуваме на светот како изгледа да се живее во Израел, како изгледа кога не смееш да ја напуштиш куќата, бидејќи стравуваш дека би можеле да се огласат сирените“.

Прашана дали сочувствува со убиените и ранети невини луѓе во Газа, таа одговара:

„Знам дека децата во Газа се исплашени исто колку и мојот мал брат и сакам светот да знае дека сите страдаме поради она што го прави Хамас. Тоа мора да биде запрено“, смета Нели Пинчевски.

Основачи на „Хасбара рум“ се студенти. Групата е основана за време на судирот во 2012 година и тогаш, наводно, активноста на групата допрела до 21 милион луѓе ширум светот. Затоа сега е направена и вебстраница www.israelunderfire.com. На оваа вебстраница свој видеоблог има и еден холивудски сценарист и резервист на израелската војска. Неговите блогови го бранат израелското право на самоодбрана и ракетите од Газа ги споредуваат со терористичките напади на САД на 11.09.2001 година.

Пропаганда од канцеларијата на израелскиот премиер

Али Абунимах, основач на противничкиот сајт www.electronicintifada.net, за „Њујорк тајмс“ вели дека е многу изненаден што студентите во израелската кампања се идентификуваат како партизани, кои и’ помагаат на владата во оправдувањето на употребата на сила.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги поддржува луѓето кои стојат зад хештагoт #IsraelUnderFire. И самиот премиер покрена нешто слично – таканаречена „Соба за воена дипломатија“, која има слични принципи како и „Хасбара рум“, само што е сместена во неговата канцеларија. Страницата www.masaisrael.org „претставува резултат од заедничкиот напор да се подигне свеста за судирот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа и да му се објасни на светот дека Израел започнал одбрана токму под паролата ’Израел под оган'“.

Владината канцеларија за медиуми не сакаше да открие колку Владата издвојува за финансирање на пропагандната машинерија, но таа делумно се финансира и од Еврејската агенција за Израел. Дали сето ова дава резултати или не – тоа е друго прашање, но е неспорно дека Твитер е преплавен со пораки од канцеларијата на премиерот и израелските одбранбени сили.