1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пронајден голем дел од малезискиот авион

ЖА/дпа/афп/ртре25 јули 2014

Во Украина, на местото на несреќата, е пронајден голем дел од малезискиот авион на лет МХ17, како и повеќе тела на загинати патници. САД упатија нови обвинувања на адреса на Русија.

https://p.dw.com/p/1Cj1s
Фотографија: Reuters

Местото каде што се пронајдени дел од трупот и тела на уште жртви од падот на малезискиот „Боинг 777“ кој на 17-ти јули се урна над источна Украина, при што животите ги загубија 298 луѓе, се наоѓа во шумската област, недалеку од останатите делови, пренесуваат австралиските медиуми, повикувајќи се на извори од ОБСЕ. Претставници на ОБСЕ се во придружба на австралиските истражители во регионот на падот на авионот.

„Пронајдовме посмртни останки вчера и денеска“, потврдил за австралискиот дневен весник „Сиднеј Морнинг Хералд“, портпаролот на мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Метју Бочјукив.

Тој лично го обиколил местото на несреќата во областа на источниот украински град Доњецк кој е под контрола на проруските бунтовници, заедно со истражители од Холандија, Малезија и Австралија. Тоа беше првата посета на австралиските форензичари на местото на несреќата во којашто загинаа и 37 австралиски државјани.

„Заминавме во шумата и пронајдовме голем дел од трупот. Се појави од никаде, бидејќи немаше никакви надворешни знаци, скршени гранки, ништо што би упатувало дека тој дел таму паднал“, рече Бачјуркив за телевизијата ЕјБиСи.

Од посебен интерес за истражителите е пилотската кабина, во која се наоѓаат лични и службени предмети на пилотите. Во областа во која е најден новиот дел ќе биде извршено ново пребарување на теренот.

По повиците за испраќање меѓународна полициска единица на местото на падот на авионот, проруските сепаратисти не ја исклучуваат веќе категорично таа опција.

„Ако Австралија, Холандија или Малезија ни‘ се обратат, се разбира ќе го разгледаме предлогот“, изјави Сергеј Кавтарадзе, од т.н. Нардона одбрана во Доњецк.

Вакви барања беа иницирани во Холандија и во Австралија. Холандија не исклучува оружена воена мисија со согласност на владата во Киев и проруските сепаратисти во Источна Уураина. И Австралија веќе стави во готовност полициска единица од 200 луѓе, заради заштита на меѓународните експерти во регионот на падот на малезискиот авион.

Во меѓувреме САД ја обвинија Русија за учество во борбите во Источна Украина. Постојат укажувања според кои руска војска со артилерија од руска територија стрелала врз украински единици, изјави портпаролката на американското министерство за надворешни работи Мари Харф. Таа се повика на информации од тајните служби на пријателски држави. Харф ја обвини руската влада и за намера да испорача натамошни ракетни фрлачи на бунтовниците. Конкретни докази се‘ уште нема.