1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проклетството на слабото евро

Улрих Клаус/З.Јордановски24 март 2015

Лабавата монетарна политика на ЕЦБ го слабее еврото, но со тоа го поттикнува извозот. Истовремено, со поскапениот увоз расте и стапката на инфлација. Обата ефекта се посакувани - но долгорочно се заканува и опасност.

https://p.dw.com/p/1Evxy
Фотографија: picture-alliance/dpa

За германските извозници еврото губи од значењето како платежно средство. Според наводите на Сојузниот завод за статистика, лани само околу 62 процента од зделките со земји надвор од ЕУ се одвивале во евра. Уделот континуирано опаѓа од 2010 година, кога изнесуваше речиси 67 проценти. Наместо евро, се’ почесто се користи доларот: во 2014 година повеќе од 26 проценти од извозните зделки надвор од ЕУ беа реализирани во долари, а во 2013 беа околу 23 проценти.

Партнерите не го прифаќаат еврото

„Надолниот тренд во договарањето на зделки во странство во евра покажува дека кај некои наши трговски партнери има проблеми во однос на прифаќањето на еврото“, нагласува за ДВ Фолкер Траер, од Германската индустриска и трговска комора, одговорен за надворешно стопанисување. „Централна причина за трендот кон неприфаќање на еврото како трговска валута е несигурноста околу економскиот развој во Европа“, оценува тој.

Конечно, една валута може да биде силна само ако зад неа стои силен стопански регион, а Европа тука уште е на крстосница, „оти големи играчи како Франција и Италија уште не фатија чекор кон вистински структурни реформи“, вели Траер. Европската централна банка (ЕЦБ) на тоа реагира со се’ поекспанзивна монетарна политика, додека емисионата банка во САД полека сака да ја напушта политиката на ниски камати. „Сето тоа во моментов го прави доларот поатрактивен за нашите трговски партнери отколку еврото. А покрај ова, тука е и театарот во врска со Грција“, нагласува Фолкер Траер.

Infografik Anteil der Währungen am Welthandel
Инфографика: учество на валути во светската трговија

Расте потребата од обезбедување на менувачкиот курс

Грегор Волф од Здружението за надворешна трговија истакнува и други негативни аспекти за извозниците од политиката на евтини пари: „Расте потребата од инструменти за обезбедување на менувачкиот курс. Најновото драматично паѓање на вредноста на еврото изненади и тешко погоди некои помали претпријатија кои мораа да се соочат со значителни загуби“. Истовремено расте самоувереноста на земјите во забрзан подем. Како последица на тоа, кај тие клиенти тешко може да се наметнат договори врз основа на еврото, вели монетарниот експерт.

Но, развојот отсликува и дека „имаме значителен пораст на извоз во зоната на доларот. Последица од значително побрзото опоравување на пазарот во САД, при недоволни импулси од БРИК-државите (Бразил, Русија, Индија и Кина, н.з.), е дека повеќе зделки се реализираат на база на долари“, вели Грегор Волф.

Конјунктурата и извозот само краткорочно се динамизираат

Ни Фолкер Траер од Германската индустриска и трговска комора не сака да биде сфатен како ноторен песимист. „За да биде јасно: германското стопанство црпи голема полза од европската монетарна унија. Во моментов слабиот курс на еврото дури е и дополнителен потпорник за нашиот извоз и за конјунктурата“.

Но, Траер истовремено ги предупредува извозниците да не се залажуваат со подобрената конкурентност која е условена од актуелната слабост на еврото: „Оти, со тоа ниеден производ не стана подобар, ниту некој процес во претпријатијата стана поефективен. Освен тоа, големото варирање на менувачкиот курс на претпријатијата им го отежнува планирањето и ги покачува трошоците за осигурување од тие ризици“. Во анкетите на Комората поради тоа дури расте перцепцијата на менувачкиот курс како деловен ризик. Токму затоа е предност продажбата да се засметува во сопствената валута, истакнува Траер. „Ако се’ повеќе бизниси договараме во долари, тогаш последиците од промените на менувачкиот курс се’ почесто директно се одразуваат врз резултатите на нашите извозни претпријатија“.

Грегор Волф, експерт од Здружението за надворешна трговија, имајќи го предвид времето пред европската должничка криза, вели: „Еврото беше на добар пат да се етаблира како замена за доларот. Но, кој покажува толку малку решителност да го стори неопходното за да излезе од кризата, како Европејците, а згора на тоа уште и така самоволно се однесува со својата валута, не треба да се чуди поради опаѓањето на довербата и намаленото прифаќање“. Цената за тоа се растечките трансакциони трошоци и значителен ефект на оптоварување на страната на увозот - за потрошувачите, како и за претпријатијата“.