1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблеми на банки во Португалија и Бугарија - се враќа ли кризата?

Дирк-Улрих Кауфман/ Зоран Јордановски 24 јули 2014

Секогаш кога во Европа некоја банка ќе западне во сериозни тешкотии, сеништето на кризата повторно крева глава. Дали е во прашање кревање паника или мора да се научиме трајно да живееме со тој Дамоклов меч над вратот?

https://p.dw.com/p/1ChEG
Фотографија: Getty Images

„Банко еспирицио санкто - гласини за банкрот во Португалија“, „Нов банкарски скандал во Бугарија“ - само два од насловите од минатата недела. Ако каде и да е во Европа некоја банка се најде во проблематична ситуација, кризата наводно веќе не е многу далеку. Во случајот со бугарската Корп-банка владата на таа земја соопшти дека ќе мора дополнително да се задолжува и на финансиските пазари да обезбеди околу една милијарда евра за спасување на банката.

Такви случаи ќе има и во иднина, уверен е Андреас Домбрет од Управниот одбор на Германската бундесбанка: „Тоа воопшто не може да се исклучи, напротив“. И кога една земја како Бугарија, најсиромашната во ЕУ, мора да прави долгови во толкав обем, тоа има последици за целата економија. Бугарија мораше да ги коригира своите цели во однос на дефицитот - од планираните 1,8 сега би можеле да испаднат преку 3 проценти од севкупниот економски производ на државата.

Вжештена атмосфера

Во сегашната глобална финансиско-политичка ситуација, во која во САД и ЕУ каматите се на историски ниско ниво, особено лесно може да се дојде до потфрлување во банкарскиот сектор, вели Домбрет: „Таа смеса од ниски камати, ниска инфлација, низок волатилитет (варирање на параметрите на финансиските пазари, како курс на акции и камати) и висок ликвидитет (количество на пари во оптек) води кон тоа, на финансиските пазари повторно да започне лов на рендити (каматни стапки како приход од вложен капитал)“. Во таква вжештена ситуација доволни се криминални прекршоци, како што се чини дека е во бугарскиот пример, или потфрлување на менаџерите, за некоја банка да се доведе во тешкотии.

Andreas Dombret, Vorstandsmitglied der Deutschen Bundesbank
Андреас ДомбретФотографија: picture-alliance/dpa

Притоа веќе и самите гласини дека некоја банка можеби веќе не е ликвидна можат да и’ го запечатат крајот - имено, ако многу штедачи од страв да не ги загубат парите, сакаат веднаш да ги повлечат. Банката по правило не е во состојба да го стори тоа и тогаш фактички е инсолвентна (платежно неспособна). На тоа се надоврзува, како што вели економскиот експерт Томас Хартман-Венделс од универзитетот во Келн, дека „кај банките секогаш постои опасност од заразување. Кога една банка запаѓа во неволји, честопати тоа ја разнишува довербата и во другите банки, или пак банките меѓусебе си доделувале кредити и преку тоа запаѓаат во тешкотии. Тоа се тие системски ефекти, какви што не познаваме во реалната економија“.

Надежи во банкарската унија

Поради актуелните турбуленции бугарската влада реши да се приклучи кон банкарската унија. Со неа министрите за финансии од земјите на евро-зоната сакаат да регулираат како да се постапува со банки во криза. Притоа во преден план стои прашањето за гаранциите, за да не мора веднаш да бидат оптоварени даночните обврзници. Составен дел на новата постапка е еден фонд во кој банките мораат да уплатуваат пари и кој треба да биде со обем од 55 милијарди евра..

Пред да биде реализирана банкарската унија, кај 128 најголеми европски банки се врши проверка на билансите и стрес-тест. Со тоа, според Андреас Домбрет од раководството на Германската бундесбанка, „ќе се гарантира дека од билансите на банките ќе бидат отстранети стариот товар и слабите точки, пред во ноември да започне да функционира Европскиот банкарски надзор“.

Bulgarien Sofia First Investment Bank
Фотографија: picture-alliance/dpa

Стрес-тестот преценет?

Но, Домбрет веднаш искажува и задршка: и ако некоја банка го полжи стрес-тестот, таа сепак може да западне во тешкотии. Секогаш е прашање што всушност бараат контролорите, вели тоа и прави споредби со медицината: „Ако правите испитување барајќи вируси, не можете да го барате секој постоечки вирус, туку се концентрирате на најверојатниот.“

И професорот Хартман-Венделс од универзитетот во Келн советува „да не се преценуваат“ стрес-тестовите. Во конкретен поединечен случај резултатите не се многу основа за донесување заклучок: „Голем број контролори ги земаат банките под лупа и проверуваат до подробности“. Но, на крајот огромната маса податоци не може соодветно да биде обработена: „Тогаш, поради недостиг на време, се посегнува по паушални претпоставки и ситуацијата на некоја конкретна банка може да се сфати само помалку или повеќе добро.“

Prof. Dr. Hartmann-Wendels
Томас Хартман -ВенделсФотографија: Universität Köln

Кој е навистина "too big to fail"?

Мора ли некоја банка безусловно да биде спасена? Андреас Домбрет потсетува на тоа дека банкарските менаџери се дел на нашиот пазарно-стопански систем. А „кон темелните принципи на едно пазарно стопанство спаѓа и дека претпријатијата и банките можат да исчезнат од пазарот ако немаат уверлив деловен модел.“ Затоа Домбрет „ апсолутно е на мислење дека и банките би морало да е можно да пропаднат“.

Но, претходно мора недвосмислено да е дефинирано која банка под кои услови е "too big to fail", односно преголема и премногу важна за системот, па да не смее да пропадне. Домбрет смета дека уште нема „вистински уверливо решение за ова прашање“. Според него сепак не смее да се случи „да бидеме зависни од само неколку големи, меѓународно поврзани банки, кои имаат потенцијал за уценување на општеството оти едноставно се толку големи“.

И што ако некоја банка, која и натаму е сметана за "too big to fail", сепак се најде во банкрот? Ќе мора ли тогаш повторно даночните обврзници да плаќаат за спасување? Андреас Домбрет во таков случај укажува на редоследот на гаранирањето, што е пропишан во банкарската унија: тогаш „прво плаќа сопственикот на банката, потоа нејзините доверители, потоа фондот од банкарските уплати и сосем на крајот, ако воопшто дојде до таму, даночните обврзници“.

Нејасно е сепак колку бргу се стигнува до тој крај. Професорот Хартман-Веделс во секој случај е скептичен: „Мислам дека државата никогаш нема сосем да се ослободи од обврската ако дојде до навистина голема криза, која ќе зафати повеќе банки.“