1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прислушувањето на Меркел беше повик за будење

Марсел Фирстенау Превод А.Трајковска 23 октомври 2014

Пред точно една година се обелодени дека американската тајна служба НСА го прислушувала мобилниот телефон на канцеларката Ангела Меркел. Оттогаш некои работи се придвижија, Марсел Фирстенау меѓутоа очекува повеќе.

https://p.dw.com/p/1DaAX
Фотографија: Reuters/Fabrizio Bensch

Тоа беше време на големи деманти и обиди ситуацијата да се претстави како безопасна: Тогашниот шеф на кабинетот на канцеларката и координатор на тајните служби Роланд Пофала (ЦДУ) летото 2013 негираше секаква поврзаност на германските служби со шпионската афера на Националната агенција за безбедност (НСА). Обвинувањето дека Германската тајна служба (БНД) незаконски им проследувала информаци на американските колеги за Германци, Пофала лежерно го отфрли: Тие „сто проценти“ се придржувале до одредбите за заштита на податоците, тврдеше блискиот соработник на Ангела Меркел. А дека американските шпиони, но и британските, постојано ги почитувале германските закони, овој политичар простодушно ѝ писмено увери. Тоа мораше, тоа требаше да биде доволно за да се смири германската јавност среде изборната кампања за Бундестагот!

Оваа глумена (?) наивност по откритијата на екс-соработникот на НСА Едвард Сноуден одлично се вклопи со смирувачките изјави на тогашниот министер за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих (ЦСУ). Тој отпатува дури во Вашингтон, за да му се потврди наводно коректното однесување на НСА. Аферата, така се чинеше пред една години, ги преокупирше само уште малограѓански настроените поборници за заштита на податоците и оние кои веруваат во теории на заговор. На канцеларката Меркел и нејзините верни следбеници им успеа темата да ја исфрлат од изборната кампања.

Прислушување на пријателите, тоа никако не оди? Напротив!

Скандалот уследи еден месец по победата на парламентарните избори во септември. И мобилниот телефон на Меркел беше цел на НСА! Она што во споредба со следењето и бележење на податоците на милиони германски граѓани фактички е ситница - одеднаш се претвори во скандал од прв ред. „Прислушување на пријатели, тоа никако не оди!“ - оваа реченица на Меркел која стана позната, содржински и тогаш, и денес е исправна. Но и дванаесет месеци подоцна, јасно е дека имаше погрешен призвук. Погрешен во смисол на неискреност, оти основните права важат за сите подеднакво. Прислушувањето на мојот мобилен телефон е исто толку скандалозно, колку повредата на приватната сфера на канцеларката.

Kommentarfoto Marcel Fürstenau Hauptstadtstudio
Марсел ФирстенауФотографија: DW/S. Eichberg

Но, всушност добро е што НСА во своето тотално прислушкувачко лудило немаше задршки ниту пред најмоќната жена во светот! Оти оттогаш германската политика барем не реагира толку плашливо - понекогаш дури и одлучно! Тоа најмногу важи за опозицијата, за која сепак е полесно при оваа осетлива тема. Благодарение на инсистирањето на Зелените и Левицата, од пролетта со активностите на НСА и БНД се занимава парламентарна истражна комисија.

Селективен поглед?!

Дотолку повеќе лутат повеќекратните обиди на кабинетот на канцеларката пратениците да се запрат со оцрнување или одбивање на докуметнтите. Поради тоа постојано страда и веродостојноста на владините политики. Сепак постојат први знаци на олабавување на рестриктивниот став на владата. Исто така и протерувањето на соработникот на американската амбасада, кој во Берлин ја координираше шпионажата на НСА во Германија, беше важен сигнал. Да се надеваме повеќе отколку само симболичен. Оти колку малку тоа остави впечаток врз американската страна и покрај сѐ, покажува отфрлањето на договорот за нешпионирање.

Многу работи говорат во прилог на тоа дека САД продолжуваат да ги водат своите шпионски активности како и досега - исто и кон пријателски држави како Германија. Се чини дека германската влада се помири со тоа. Затоа е добар знак тоа што министерот за внатрешни работи Томас де Мезие најавува промена на курсот за 360 степени при одбраната од шпионажа на Службата за заштита на уставниот поредок. Тоа подразбира не само критички поглед во правец на исток, туку и кон запад. Во однос на руските и кинеските тајни служби Германија од разбирливи причини секогаш имаше недоверба. Ќе видиме што во наредните години ќе се појави под шифрата НСА во извештајот на Службата за заштита на уставниот поредок. Оваа година за тоа немаше ништо - иако имаше материјал на претек!