1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Признавањето на анексијата на Крим- банкрот за ЕУ“

Тобијас Армбристер,длф/ Симе Недевски21 ноември 2014

ЕУ мора да ја потсетува Русија на договорот од Минск и да инсистира на дипломатија, вели Волфганг Ишингер во интервју за германското радио Дојчландфунк.Тој ја отфрла идејата дека ЕУ треба да ја признае анексијата на Крим

https://p.dw.com/p/1DqKQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дојчландфунк: Конфликтот во Украина е повторно прв на дневниот ред на светската дипломатија по заострените тонови на самитот Г20 во Бризбејн и, по неколкунеделна пауза, новите воени конфликти на истокот на Украина. Шефот на германската дипломатија Штајнамер отпатува за Киев и Москва. Господине Ишингер, дали и понатаму верувате во договорот од Минск, кој предвидува и запирање на огнот?

Волфганг Ишингер: Тоа е единственото нешто што го имаме и поради тоа- да искористам позната конструкција- немаме алтернатива освен да се придржуваме кон тој договор. Нема друга основа за каков било напредок. Проблем кај договорот од Минск е дека врз основа на него понатаму билатерално преговараат Киев и Москва. Не е многу добра идејата да имате на маса еден силен и еден слаб играч- тогаш главно оној послабиот може да остане со куси ракави. Поради тоа многу умни набљудувачи, германската влада, но и владата во Киев предлагаат да се прошири процесот. Премиерот Јацењук изрази надеж дека договорот од Минск ќе биде на стабилни нозе доколку процесот не би бил билатерален туку следен, носен и контролиран и од страна на ЕУ и секако од страна на САД. Мислам оти тоа е добра идеја која секогаш треба да им се повторува на руските соговорници. Тоа и го правиме. Засега се’ уште нема продолжение на разговорите од Женева, од април годинава, но за тоа никогаш не е доцна.

Но тешко дека во Москва имаат голема доверба во ЕУ и во САД?

Така е тоа во дипломатијата. Дојдовме до ситуација во која никој не сака да направи чекор со кој би можел да изгледа како губитник. Тоа, меѓу останатото и од внатрешнополитички причини, не го сака ни претседателот Путин, ниту украинското раководство, но ни Западот. Поради тоа е нереално да се очекува сега од Путин некој вид каење.

Шефот на руско-германскиот форум, социјалдемократот Матијас Плацек предлага ЕУ да ја признае реалноста дека сега Крим и’ припаѓа на Русија. Зарем тоа не би бил добар начин да се заврши кризата?

Тоа секако би било објавување банкрот од страна на ЕУ и на Западот. Тоа не би бил почеток на процесот туку негов крај. Не можеме да правиме договори на штета на трет. Фрапирачки би било сега, по се’ што е кажано, да признаеме анексија на Крим на штета на Украина. Не! Но исто така не би било правилно сега да се излезе со барање Крим да се врати на Украина. Тоа е нереално. Правилно е таа тема да се посматра од правна гледна точка и да се занимаваме со процесот на стабилизација на Украина. На Крим, чија анексија не ја признаваме ниту некогаш ќе ја признаеме, можеме да се вратиме кога за тоа ќе дојде време. First things first!

Но многу луѓе имаат впечаток дека е ова борба против ветерници, оти ЕУ сака враќање на состојба која не е можна кога се работи за Крим и за истокот на Украина.

Не смееме да заборавиме дека оваа тешка криза на европска безбедност не е само криза за Украина и стратешки пораз за Русија. Москва со ова не добива ништо. Довербата во Русија е силно разнишана, вредноста на рубљата паѓа и така натаму. Ова е криза која би требала да го интересира целиот свет. Доколку поуката на кризата биде- а јас се надевам дека нема да биде- оти се подобро заштитени земјите кои имаат атомско оружје, која држава тогаш со нуклеарни амбиции ќе се откаже од тие амбиции. На Украина во 1994. година и’ е кажано: дајте го нуклеарното оружје, а ние ви ги гарантираме границите. Неприфатливо е пораката од кризата да биде подобро да се развиваат или да се набават атомски бомби бидејќи во спротивно границите се незаштитени. Тоа е само пример зошто е ова повеќе од криза која може да се реши со површни отстапки. Затоа оваа идеја за признавањето на Крим како руска територија ја сметам за најлош совет кој сум слушнал во последно време.

Gespräche in Charkiw
Фотографија: DW/O.Indukhowa

Видовме дека Путин во Бризбејн беше изолиран. Често во текот на Вашата кариера сте имале работа со државници како рускиот претседател. Каква е сега неговата тактика?

Мислам дека руското раководство е пред голем проблем. Од една страна за ова моќничко шоу очигледно добиваат силна поддршка од сопствениот народ. Повторувам дека не можеме да очекуваме Путин да се повлече или покае. Тоа нема да се случи. Затоа не мислам ништо добро за јавните инсценации во кои страните меѓусебно се обвинуваат. Потребен е процес зад затворени врати, разговори како оние кои со месеци наназад канцеларката Меркел ги води со Путин. Потребен е и постојан професионално воден мултилатерален процес далеку од телевизиските камери- контакт група, женевски формат со целосно учество на ЕУ и се разбира на Русија, можеби и под закрила на ОБСЕ. Така може да се покрене дипломатски процес на чиј крај никој нема да го загуби образот а ситуацијата ќе биде стабилна, без пукање. И конечно: несоодветно е да се очекува брзо решение на конфликтот. Потребна е стратешка трпеливост. Тоа ќе потрае со месеци, или со години, хектика и паника не се пожелни. Трпеливост, опуштеност, без возбудување- само така ќе останеме во дијалог со Русија и ќе бидеме во позиција долгорочно да го решиме проблемот.

Волфганг Ишингер, (1946) е германски правник и поранешен дипломат кој беше посредник во украинската криза. Овој поранешен амбасадор на Германија во САД и во Велика Британија имаше клучна улога во формирањето на германската политика на Балканот, пред се’ во поглед на конфликтите во Босна и на Косово. Од 2008. година ја води Минхенската конференција за безбедност, на која еднаш годишно се собираат најзначајните светски политичари и дипломати.