1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претстои долга борба против ИД

Бернд Ригерт / Превод: Е. М. Фиданоска16 септември 2014

Конференцијата против тероризмот што се одржа во Париз не донесе нови сознанија. Важно е да се преземат мерки, доволно долго се зборуваше. За истражување на причините има време - подоцна, оценува Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1DCn7
Двајца претседатели во Париз - Франсоа Оланд и Фуад Масум од ИракФотографија: Reuters/John Schults

Францускиот претседател Оланд испрати покани за конференцијата против терористичката милиција „Исламска држава“ (ИД). Свои претставници испратија 26 држави, но само еден беше претседател на држава - оној од Ирак, земјата која е најмногу загрозена. Останатиот дел беа министри за надворешни работи. Пред неколку недели Оланд најави голем самит на шефови на држави или влади. Од тоа, меѓутоа, не излезе ништо. Тоа можеби се должи на тоа што всушност веќе има коалиција против бескрупулозната терористичка органзиација. Во Париз таа беше само уште еднаш потврдена. САД одамна го органзирираа она што францускиот претседател сега го повторува. На самитот на НАТО во Велс пред десетина дена, американскиот претседател Обама веќе ја „скова“ коалицијата на волните од западниот камп земји. Претседателот Оланд беше во Велс, но сепак сега, со оглед на тоа што внатрешнополитички е соочен со големи предизвици, сакаше уште еднаш да дојде до израз.

Во текот на изминатите денови американскиот министер за надворешни работи Кери при неговата посета на регионот на арапските земји, успеа да создаде релативно лабава коалиција од десет држави. Се разбира, нема да штети ако државите се соберат уште еднаш во Париз, но вистински нови супстанцијални ветувања на антитерористичката конференција не се дадени. Велика Британија и Франција само најавија дека можеби ќе учествуваат во воздушните напади на САД врз позициите на ИД. Арапските држави повторно го ветија она што мораше да се случи одамна. Тие сакаат на терористичката милиција конечно да и‘ ја затворат славината за пари. Зашто, свирепите исламисти се финансираат во добар дел од донации од Саудиска Арабија, Катар, Кувајт и Обединетите Арапаски Емирати. Германија и другите држави сакаат да им достават оружје на противнците на ИД и да се погрижат за обука за ракување со оружјето и опремата. Освен тоа, тие треба и да ги прекинат бизнисите со нафта кои ИД се‘ уште ги води.

Воздушни напади и подобро вооружување на Курдите нема да бидат доволни за да се „уништат“ трупите на ИД, како што побара британскиот премиер Камерон. ЦИА го процени бројот на терористите на околу 30.000. Тие оперираат не само во пустината, туку и во градовите и населените места. Милициите нема да можат да се победат од воздух, освен ако не се процени дека ќе се гаѓа од воздух без оглед на цивилните жртви. На крајот ќе бидат потребни копнени сили ако навистина се сака разоружување на терористите на ИД. Но дали тоа воопшто се сака? Целите формулирани во Париз се скромни и не се многу конкретни. Терористе треба да бидат „протерани“, се вели во заедничката декларација. Протерани каде? Во Сирија, Турција, Либан? Со воздушни напади новата коалиција може можеби да го намали ширењето на бруталните крволочни банди, но повеќе не.

Учесниците на конференцијата сакаат да се држат до меѓународното право при своите постапки, за разлика од војната во Ирак во 2003 година кога САД и нивните сојузници вмаршираа без мандат на ОН. За да се добие мандат на ОН, потребна е согласност на Русија и Кина. Тешко дека Москва ќе се убеди на такво нешто со оглед на кризата во Украина. Со оглед на тоа што решавачки фактор е времето, САД нема да чекаат долго на Русија или на ОН и ќе мораат и без мандат да ги бомбардираат позициите каде што се повлекуваат терористичките милиции во Сирија. Борбата против теророт, кој лесно може да се прелее од Ирак и Сирија во Европа и САД, би била всушност задача за НАТО, за ОБСЕ или за ЕУ.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

Но кога станува навистина сериозно, се чини меѓународните алијанси не ја дават посакуваната цел. Ниту НАТО ниту ЕУ не можат да најдат заеднички став. Во Париз допатуваа дел од членките. Тајните служби проценуваат дека во Европа веќе има 2000 таканаречени „спијачи“ на ИД кои чекаат на својата задача. Значи, опасноста е многу реална, особено во големите држави на НАТО и ЕУ - Франција, Велика Британија и Германија. Французин обучен од страна на ИД веќе уби четворица луѓе во Белгија. Значи, крајно време е да се работи заеднички во Европа, да нема извлекувања и да не се мисли како порано дека САД некако ќе ја завршат работата. Исто така, веќе не е време за криење зад аргументот дека САД се виновни за хаотичните состојби во Ирак и за зајакнувањето на терористичките милиции поради нивната војна во 2003.

Можеби е и така, но и остатокот на светот, барем од 2006 година наваму, го вртеше погледот настрана иако беше јасно дека во Ирак се создава убиствена терористичка организација подготвена на бомбашки напади. Таа често го менуваше името, се‘ додека конечно не стана заканата која денес ја гледаме. ИД и нивните претходници во текот на изминатите години убија стотици цивили. Тоа во Европа речиси не беше забележувано од страна на медиумите. Дури спектакуларната опсада на илјадници бегалци во Ирак и ѕверското обезглавување на во меѓувреме тројца западни заложници ја разбудија политиката.

Притисокот стана толкав што американскиот претседател Барак Обама, наспроти своите првични намери, мора да стане воено активен. Притисокот стана толкав што германската влада првпат доставува оружје во еден кризен регион. Притисокот води кон конференции како оваа во Париз. Притисокот мора да доведе до тоа коалицијата на волните да не‘ ослободи од заканата на теророт. Досега најавените мерки за тоа не се доволни.