1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прекројување на медиумската сцена по брза постапка

Сања Кљајиќ / Александар Методијев30 јули 2014

Неделава српското Собрание расправа за сет медиумски закони со кои се предвидува повлекување на државата од медиумите, проектно финансирање и такса за јавните сервиси. Според новинарските здруженија, фали транспарентност

https://p.dw.com/p/1Clxs
Фотографија: Fotolia/Alistair Cotton

Експертската јавност упатуваат најголеми забелешки за нетранспарентната постапка за носење на трите закони, кои жестоко ќе го изменат медиумскиот пејзаж во Србија. Нацрт-законите беа достапни во понеделникот (28.07.), а парламентарната расправа почна вчера (29.07.). Се чини дека носењето закони по брза постапка стана вообичаена работа во Србија. Во новинарските здруженија тврдат дека нема причина законите да се усвојуваат по итна постапка, бидејќи е потребно време за јавноста да се запознае со конечните предлози. „Европската федерација на новинарите“ за ваквото однесување на српската Влада му се пожали на Мајкл Девенпорт, шеф на делегацијата на Европската комисија во Србија.

„Јавната расправа за овие закони заврши пред повеќе од една година, а во меѓувреме се менуваа сите текстови“, вели Раде Велјановски, професор на Факултетот за политички науки, кој всушност учествуваше во изработката на законите. „Знам со сигурност дека на текстовите на законите се работело до саботата, значи ден пред Владата да ги усвои предлозите. Никој, освен оние кои учествувале во изработката на нацртите, не знаеше што се наоѓа во тие предлози“, додава Велјановски во изјавата за Дојче веле.

На медиумските здруженија не им беше овозможено ниту да имаат набљудувач во Работната група за изработка на нацрт-законите. Единствен кој ја претставуваше медиумската коалиција е Саша Мирковиќ од АНЕМ, кој во меѓувреме стана државен секретар во Министерството за култура и информирање. Меѓутоа, тој ги отфрла критиките.

Zeitungskiosk in Serbien
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Законите се усвојуваат по итна постапка затоа што немаме време да чекаме со усвојувањето на реформските закони, за кои се води јавна расправа во различни облици од усвојувањето на ’Медиумската стратегија’ во 2011 година“, вели Марковиќ.

Наместо претплата такса

Со Предлог-законот за јавни медиумски сервиси се предвидува постоење на два јавни сервиса – Радио Телевизија Србија и Радио Телевизија Војводина, кои до 2016 година ќе се финансираат од буџетот. РТС ќе добива 50 милиони евра, а РТВ 15 милиони евра.

Финансирањето од буџетот многу бргу ќе биде заменето со директна наплата од граѓаните. И покрај помпезните најави на премиерот Александар Вучиќ дека претплатата ќе биде укината, од јануари 2016 година се воведува наплата на такса, чиј износ нема да биде поголем од 500 динари или помалку од 4,5 евра.

„За граѓаните на Србија ќе биде исто како со претплатата, само што таксата би требала да обезбеди полесна наплата, бидејќи ќе се смета за даночна обврска, па даночните органи ќе мораат да се занимаваат со тоа“, објаснува професорот Велјановски.

Медиумско развластување на државата

Државата со законот гарантира дека ќе се повлече од сопствеништвото во медиумите. Во Србија во моментов има три закони кои се во меѓусебна колизија. Така бројни локални и регионални медиуми и натаму имаат статис на јавни претпријатија, па директорите ги поставува локалната власт, која медиумите ги користи како сопствен информативен сервис.

Сега државата се обврзува до јули следната година да ги приватизира сите локални и регионални медиуми.

„Оправдано стравуваме дека рокот за приватизација, иако е многу разумен, поради различни непредвидливи околности ќе биде поместен, бидејќи такви се искуствата во последните десет години“, вели Вукашин Обрадовиќ, претседател на Независното здружение на новинарите на Србија.

Belgrad Stadtpanorama
Ниту Белград нема да има свој јавен сервис - од врвот на „Београѓанка“ ќе се јавува приватизирано „Студио Б“Фотографија: Imago/Peter Widmann

Во регионалните медиуми не се задоволни од ваквото решение. Јованка Маровиќ, директорка на РТ Крагуевац вели дека медиумуте треба да се трансформираат во јавни сервиси, за да се заштити јавниот интерес, слободата во уредувачката политика и економската одржливост на медиумите. Според неа, „ниту една приватизација на локалните медиуми досега не е успешна“, бидејќи не постои медиумски пазар на кој тие би опстанале.

Пари само преку конкурс

Досега локалните самоуправи најголем дел од парите ги даваа за подобни медиуми. Со новиот закон медиумите ќе мораат парите во иднина да ги добиваат само на конкурс, а за пријавите ќе одлучува комисија составена во најголем дел од независни медиумски експерти.

„Нас не загрижува што не е предвидено колкави средства ќе се издвојуваат. Факт е дека не е усвоено нашето барање да се одвојуваат два проценти од буџетот за информирање“, вели Обрадовиќ.

Единствени кои во иднина ќе можат да основаат и финансираат свои медиуми ќе бидат советите на националните малцинства. При доставувањето на своите проекти ќе мораат да имаат и мислење од соодветниот национален совет, а професорот Велјановски во тоа гледа допуштање на политичко влијание врз работата на медиумите.

Борбата допрва почнува

Претставниците на владеачката гарнитура тврдат дека овие закони даваат конкретен одговор на „Извештајот за притисоците и контролата на медиумите“, кој беше направен во 2011 година од страна на „Советот за борба против корупцијата“. Професорот Велјановски, пак, во законите препознава лоби-влијание од страна на сопствениците на медиумите, кои не сакаат да се знае кои се вистинските сопственици.

Со закон ќе се воведе „Регистар на медиуми“, во кој ќе се внесува секој сопственик на повеќе од пет проценти од сопствеништвото во кој било медиум.

Обрадовиќ вели дека „во Србија никогаш не беа проблем самите закони, туку нивното спроведување“. Тој смета дека „медиумите треба да престанат да бидат огласни табли и треба да станат четвртиот столб на демократијата, но од она што го гледаме – борбата за слободата во медиумите ќе потрае“.