1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предрасуди ги расипуваат односите меѓу Србија и Бугарија

Ивица Петровиќ/ Ж. Ацеска4 март 2015

Односите меѓу Србија и Бугарија се подобри од кога било, тврдат од Белград и Софија. Но, тие односи би можеле да бидат многу подобри кога би имало помалку предрасуди, оценува за Дојче веле Игор Новаковиќ од фондот ИСАК.

https://p.dw.com/p/1Eknz
Фотографија: AP

Во текот на изминатите дваесетина години се развиени прилично добри односи и потпишани се бројни билатерални спогодби меѓу Србија и Бугарија. Но, се чини оти од српска страна постои извесна незаинтересираност за дополнително продлабочување на односите, а од бугарска постои многу поголема приемчивост за производите на српската култура и воопшто за се‘ она што може Србија да понуди. За односите меѓу двете земји за Дојче веле зборува истражувачот од фондот ИСАК, Игор Новаковиќ.

Дојче веле: Што е причината за тој, ако можеме така да го наречеме, недостаток на ентузијазам од српска страна за унапредување на односите?

Игор Новаковиќ: Мислам дека е тоа остаток на пристап уште од времето на Студената војна, односно кога Бугарија беше многу послаба и економски понеразвиена од Србија. Тогаш беше развиен специфичен поглед на светот. Може да се каже дека во односите со Бугарија уште доминираат некои предубедувања и стереотипи од тој период. Да се разбереме, односите воопшто не се лоши, далеку од тоа, но со оглед на централната позиција на Србија на Балкан, факт е дека Србија генерално нема односи со соседите во сите сфери какви што би можеле да бидат.

ДВ: Што ги оптоварува односите меѓу Србија и Бугарија во моментов?

Игор Новаковиќ: Моментно нема отворени прашања. Но, она што би можело да претставува проблем во иднина, е положбата на бугарското малцинство во Србија. Тоа е сконцентрирано главно во две општини-Димитровград и Босилеград. Се поставува прашањето за почитување на неговите права, врз основа на законите донесени во Србија, а тоа се Законот за национални малцинства и Законот за советите на националните малцинства, како и самиот устав на Србија, во кој е содржан значаен дел за правата на припадниците на националните малцинства. Нивната примена е она на што повремено се жалат бугарските функционери, а неколкупати е истакнато дека тоа ќе биде услов за пристап на Србија кон ЕУ. Забелешките главно се однесуваат на правото на користење на учебници на мајчин јазик, школување на мајчин јазик, употреба на лични документи.

Меѓутоа, морам да нагласам-формалните права на националните малцинства се почитувани, дури можеби во уште поголема мерка од европските стандарди, а во конкретниов случај кај бугарското малцинство станува збор за помали проблеми. Едноставно, потребно е и локалната администрација во овие две општини да се обучи во врска со издавањето документи. Во случајот со учебниците, проблемот е посложен. Српската страна не може да се согласи учебниците едноставно да бидат увезени од Бугарија, зашто не се во согласност со домашните програми, имаат поинаква содржина, постои поинаков пристап кон одредени историски прашања, и тоа треба да се реши.

Igor Novakovic, International and Security Affairs Centre
Игор НоваковиќФотографија: Media centar Belgrad

Сепак морам да кажам, по престојот во споменатите две општини и во Софија за време на работата на истражувањето, основниот проблем на луѓето кои живеат во двете општини има економска природа. Нивната економска ситуација, исто како и во целиот југ на Србија, е незавидна, а тоа е она што доведува до сфаќање за запоставеност на припадниците на бугарското малцинство во Србија.

ДВ: Дали Бугарија може сепак да го користи ова прашање за забавување или на некој начин блокирање на патот на Србија кон ЕУ?

Игор Новаковиќ: Според мое мислење, Бугарија е прилично неодлучна околу тоа. Тоа прашање се актуелизира повремено кога треба да се одговори на некој притисок стигнат од Србија, но тоа не доаѓа од страна на бугарското малцинство, туку од одделни невладини организации. Често тоа прашање се користи и за внатрешна употреба во самата Бугарија. Имено, најголеми заговорници на таков пристап се екстремните десничарски партии во Бугарија, кои имаат прилично мал број пратеници. Тука е првенствено политичката партија Атака, која и направи неколку инциденти на српско-бугарската граница. Мојот впечаток е дека односите со Македонија сепак се надворешно-политичко приоритетно прашање. Тие односи значително се влошија откако на должност стапи сегашниот премиер на Македонија Никола Груевски и мислам дека тоа ќе биде приоритет, додека прашањето за бугарското малцинство во Србија сепак ќе остане второстепено. Тоа може да биде користено само во случај на големи внатрешно-политички тензии, но ако продолжи билатералниот дијалог и натамошно се решава тоа прашање, според мене нема да има проблеми. Но, потребен е поактивен пристап.

ДВ: Какво влијание на меѓусебните односи на Србија и Бугарија имаа случувањата околу проектот Јужен поток?

Игор Новаковиќ: Во никој случај не мислам дека Бугарија на било каков начин беше обвинета во српската јавност како виновник за пропаста на Јужен поток. Според мојот впечаток, и пошироката јавност, и политичарите тоа го посматраат во поширокиот контекст на меѓународните политички односи, а Бугарија беше само еден од чинителите. Значи,таа беше влезна земја на ЕУ за Јужен поток, па сите се свесни оти Бугарија како членка на ЕУ мора да има одредено ниво на компромис во својата политика. Подигната е исто така и свеста за важноста на изградбата на гасниот интерконектор меѓу Србија и Бугарија, а тоа е многу позитивно, бидејќи поради Јужен поток тој проект беше некаде на опашка.

Игор Новаковиќ е истражувач на фондот ИСАК и авторна истражувањето „Бугарите во Србија и српско-бугарските односи во свтелина на европските интеграции на Србија“.