1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред век полн со војни?

Миодраг Шориќ / Превод: Е.М. Фиданоска14 септември 2014

Барак Обама на функцијата стапи за да донесе мир, а сега повторно е соочен со војна. Но, американскиот претседател и нема друг избор, оценува Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/1DC4a
Фотографија: picture alliance/CPA Media

Американскиот претседател Обама беше избран затоа што на Американците им вети дека ќе и‘ стави крај на „глупавата војна“ во Ирак и ќе ги врати дома војниците од Авганистан. Во изборната кампања Обама како да зборуваше од срцата на своите сонародници кога во 2008 година ја стави под знак прашалник смислата на војните.

Сигурно е дека САД тoгаш, а и денес, имаат најмодерна и најподготвена армија на светот и тоа со голема предност пред другите. Но, и таа армија се соочува со своите граници кога треба да биде ангажирана на различни жаришта во светот. Дури и на студените воини во Конгресот им текна дека има проблеми кои не може да се решат по воен пат. Дека тоа не го можат дури ни САД.

Но, сите тие согледувања сега се во втор план во Вашингтон. Политичарите, кои се во „изборен модус“, насекаде држат патриотски говори: „Исламска држава“ мора да биде уништена. Си-Ен-Ен, Фокс Њус и сите останати „канали за вести“ - кои всушност се само бизнис модели - наголемо раскажуваат за Америка како „најголема сила која е воопшто видена во историјата на човештвото“. Пилотите пред стартот на авионите особено срдечно ја поздравуваат армијата. „Луѓето во униформа“ смеат први да влезат во авионот, заедно со хендикепираните лица и мајките со деца.

Нација одбележана од војна

Но, патриотскиот бран некако не може вистински да ја зафати земјата. Американците со право се уморни од војна, иако мнозинството претпочита операција во ирачко-сириското погранично подрачје. Меѓутоа, ако операцијата се оддолжи, расположението ќе падне брзо.

Во меѓувреме, за збор се јавуваат и првите политичари, како сенаторката Меккејн, кои сметаат дека повлекувањето од Авганистан е погрешен потег. Во тинк-тенк организациите во Вашингон се дискутира околу можноста Германија или други држави на НАТО да испратат свои борбени трупи во Авганистан и по 2014 година. Зашто, Ал Каеда е заслабната, но ни оддалеку не е поразена. Поразена не е ниту во соседен Пакистан. А, тука се и исламистите во Јемен, кои исто така мора да се држат во шах, советуваат политиколозите. Не треба да се заборави ниту Сомалија, на која токму сега и‘ е неопходна поддршка од Западот.

Miodrag Soric
Миодраг Шориќ, известувач на ДВ од ВашингтонФотографија: privat

Чарлс Волд, генерал во пензија, кој во 2001 година управуваше со воздушните напади против талибанците во Авганистан, неодамна работите ги нарече со вистинското име - Америка е исправена пред период на бескрајни војни. Со него се согласија и други генерали: Американците кои сега живеат нема веќе да доживеат вистински мир.

На отстојание - да, сосема настрана - невозможно

Дали тоа е она што терористот Бин Ладен на крајот на краиштата го сакаше? Дали исламистите, кои под какво и да е име и‘ се презентираат на светската јавност, ги загубија сите битки, но на крајот ја добија војната против Западот? Ниту една земја, па ни супер силата САД, не може и не сака да живее во состојба на перманентна воена состојба. Некогаш ќе настапи умор од битките.

Се чини дека претседателот Обама тоа го знае. Во неговиот последен говор до нацијата тој го подвлече она што ја разликува операцијата против „Исламската држава“ од војните во Ирак и Авганистан - нема да бидат испратени американски копнени сили. Но, што ако ИД се покаже поотпорна од очекуваното? Што ако воздушните напади на Американците и копнените сили на Курдите и Ирачаните не се доволни за победа над ИД? Дали САД ќе се откажат? Тешко. Дали Вашингтон на крајот ќе биде приморан сепак да испрати американски копнени сили во кризниот регион? Оваа одлука веќе нема да ја носи претседателот Обама, туку неговиот наследник во Белата куќа, или наследникот на неговиот наследник.