1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна најголемата криза на Путин

Инго Мантојфел / превод: ЕМФ19 декември 2014

Путин смета дека е во право за се‘ и, со оглед на падот на рубљата, настапува со пароли за издржливост. Но најголемата криза во неговиот мандат почна, оценува Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/1E7IN
Фотографија: Reuters/Zmeyev

Овогодинешната голема годишна прес-конференција на Владимир Путин, од аспект на рускиот претседател може веројатно да се сведе на неколку збора: Русија е надворешно политички во право во секој поглед и тој - Путин - и покрај турбуленциите на рубљата има се‘ под контрола.

Путин додуша го подготви народот на тешки економски времиња, но - како што рече рускиот претседател - најдоцна за две години светската конјунктура повторно ќе бележи напредок, а Русија ќе ја има доволно реформирано својата економија. Дотогаш тешкотиите ќе се минуваат со помош на големите руски девизни резерви. Најновите чекори на Централната банка и Владата за поддршка на рубљата Путин ги пофали како исправни мерки.

Значителното зголемување на основната каматна стапка на 17 проценти е и од аспект на пазарната економија исправна мерка за да се зајакне рубљата, но прашање е дали концептот на Путин ќе се оствари така едноставно.

Стигнуваат ли парите?

Девизните резерви во висина од околу 420 милијарди американски долари (340 милијарди евра) се сигурно добар тапацир за да се пребродат економските и пред се‘ социјалните тешкотии. Но и покрај релативно високиот износ, сериозно се поставува прашањето дали парите ќе стигнат за сите проблеми, зашто на руската држава и‘ се закануваат дополнителни издатоци не само со тоа што мора да и‘ се дава поддршка на рубљата. Многу повеќе, Путин вети дека пензиите и платите на државните службеници - двете најголеми социјални групи се двата столба на неговата моќ - ќе треба да се зголемуваат соодветно на инфлацијата.

Истовремено, банките, а пред се‘ големите државни претпријатија како Роснефт, Гаспром и Руската железница, имаат потреба од голема финансиска помош. До крајот на 2015 година руските претпријатија, најголемиот дел од нив државни, би требало да отплатата околу 130 милиони американски долари долг кон странство. И тоа покрај западните финансиски санкции, кои го отежнуваат рефинансирањето на старите кредити за руските претпријатија.

Како во услови на намалени (државни) приходи со оглед на падот на цената на енергенсите во меѓународни рамки, топењето на девизните резерви, растечката инфлација и основна каматна стапка од 17 проценти за нови кредити, воопшто ќе успее по којзнае кој пат повторената диверзификација на руската економија, е големо прашање. Во секој случај, тешко замисливо е дека руската држава или водечките државни претпријатија во наредните години се‘ уште ќе можат да спроведуваат големи инвестициски проекти во инфраструктурата, образованието или здравството.

Структурни проблеми

Актуелните тешкотии се потенцираат повеќе со тоа што структурните проблеми на руската економија се познати со години. Руската економија базирана врз суровини мора да се реформира во економија од висока технологија, модерна индустрија и развиени услужни дејности. Најголемиот пропуст на руската политика во времето на Владимир Путин е што овој курс на модернизација во поповолни светски и надворешнополитички услови во изминатите 14 години не беше воден консеквентно.

Ingo Mannteufel
Инго Мантојфел, уредник на програмите за Европа во ДВФотографија: DW

Агресивната политика кон Украина сега води до тоа Русија да не може да го оди патот кон модерната во партнерство со Западот, туку под влијание на санкции и чувство на меѓусебна загрозеност.

Дали кризата ќе стане системско прашање?

Тоа што сегашниот економски модел на Русија веќе не функционира е само дел од жешката политичка равенка која ќе го стави претседателот Путин под притисок. Зашто, ако економската стратегија на Путин не излезе како што треба, тогаш брзо ќе се постави прашањето на политичка одговорност. Темната страна на високиот рејтинг на Путин е што во руската политика веќе нема никој друг кој би можел да биде погоден како „грешник“. Како што премиерот и шефицата на Централната банка постојано повторуваат - во Русија Владимир Путин е сам одговорен за се‘.

Актуелната криза со тоа не е само економска криза на Русија, туку е најголема политичка криза на претседателот Путин. За нејзино решение, тој на годишната прес-конференција фактички побара време од две години. Ќе биде возбудливо да се види дали народот и пред се‘ руската елита ќе му го дадат тоа време.