1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порасна бројката на жртви во лавината на Монт Еверест

Александар Методијев/дпа/макфакс19 април 2014

Бројката на загинати во лавината на Монт Еверест се искачи на 13 лица, соопштија властите во Катманду. Министерството за туризам информира дека уште едно тело е извадено од снегот. Три лица и натаму се исчезнати.

https://p.dw.com/p/1Bl6K
Фотографија: Klaus Ohlmann

Потрагата по исчезнатите лица продолжи денеска, откако вчера беше прекината поради лошите временски услови. Во несреќата, што се случи во петокот, се спасени седум лица. Лавината погоди група шерпаси додека тие се искачувале од базниот камп кон кампот број еден. Секоја година, пред да започне во мај сезоната за искачување, водичите го прават првото патување низ планината со цел да постават шатори, да остават храна и опрема потребна за искачувачите.

„Нема никакви изгледи да бидат пронајдени преживеани трите исчезнати лица. Под снегот се повеќе од 24 часа. Се надеваме дека ќе ги пронајдеме телата, но се’ уште не можеме да го потврдиме податокот за 16 загинати“, изјави за Дипендра Паудел, функционер на непалското министерство за туризам.

Лавината се случила на околу 5.800 метри надморска височина во зоната наречена „поле на пуканките“, поради големите топчести блокови мраз, на многу опасниот премин на ледениот слап Кумбу.

Во последно време расте загриженоста за бројот на туристи на планините, посебно откако владата оваа година ги намали таксите за алпинизам. Владата сега им понуди на семејствата на жртвите по околу 416 долари, како компензација за загубените животи. Роднини на жртвите изразија фрустрираност од понудената сума, која ја нарекоа милостина.

Повеќе од 4.000 лица успеаја да се искачат на Монт Еверест од првото искачување во 1953 година. Еверест првпат е освоен од новозеланѓанецот Едмунд Хилари и локалниот шерпас Норгеј Тенцинг на 29-ти мај 1953 година. 400 лица загинаа обидувајќи се да го реализираат овој потфат. Непал има осум од 14 највисоки врвови на светот, од кои највисок е Монт Еверест. Хималаите секоја година привлекуваат илјадници алпинисти, посебно во пролет, но и кон крајот на септември и во октомври, по монсуните.