1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораки на преживеан во масакрот на Брејвик

Стефани Хепнер / Александар Методијев22 јули 2014

Тие ја растресоа Норвешка во нејзините темели - двата напади на Андерс Брејвик на 22 јули 2011 година во Осло и на островот Утоја. Бјорн Илер преживеа и за Дојче веле зборува за последиците.

https://p.dw.com/p/1CgGt
Фотографија: Dennis Lehmann

Бјорн Илер (на насловната фотографија) има 22 години и беше на островот Утоја кога десноекстремистичкиот атентатор Андер Брејвик на 22 јули 2011 година уби 69 лица на островот и осум во Осло. Бегајќи од нападот на Брејвик, Илер успеал да спаси две момчиња на осум и девет годишна возраст. Младиот Норвежанец се ангажира активно против десниот екстремизам и расизмот во подмладокот на Социјалдемократската партија, а пишува и за норвешкиот весник „Афтенпостен“. Тој во интервју за Дојче веле зборува за животот по нападот.

Дојче веле: Масакрот беше пред три години, а процесот против Брејвик, што Вие исто така го посетивте, беше пред две години. Како сте денес?

Бјорн Илер: „Мене ми е многу подобро отколку што ми беше за време на истрагата и процесот. Денес патувам наоколу и работам активно против нацизмот и десниот екстремизам. Можам да го живеам мојот живот и имам контрола врз тоа“.

Дојче веле: Колку Ви се силни сеќавањата на овој ден?

Бјорн Илер: „Сега да, сеќавањата се тука и засекогаш ќе останат. Но, тие повеќе не ме измачуваат“.

Дојче веле: За време на масакрот на островот Утоја Вие им го спасивте животот на две момчиња. Дали се’ уште сте во контакт со нивните семејства?

Бјорн Илер: „Имам слаб контакт со некои од нивните роднини на Фејсбук. Ама момчињата во моментов ме оставаат намира. Тие знаат дека, ако сакаат, можат да зборуваат со мене. Но, мислам дека јас за нив претставувам потсетник на траумата, а тоа јас го респектирам и ги оставам намира“.

Дали е потребен споменик за жртвите од Утоја?

Дојче веле: Каков ефект имаше масакрот врз денешниот живот. Имате ли одредена мисија, или дали би сакале да го направите подобро место?

Бјорн Илер: „Да, ја имам оваа мисија и мислам дека секогаш и ја имав, независно од тоа што се случи. Активно се ангажирав против расизмот и за слобода. Но, секако по настаните гледам на се’ низ еден специфичен фокус и секако дека го користам моето искуство во мојата работа“.

Дојче веле: По драмата Норвежаните многу дискутираа за јавноста и демократијата. Каде се наоѓа норвешкото општество денес?

Бјорн Илер: „Според мое мислење ова беше една шоу-дебата. Веднаш потоа тие се обидоа да донесат нови закони за лицата да може подолго да бидат притворени, што е многу недемократски. Владејачката Работничка партија поради цензура ми нареди сите текстови кои ги пишувам за весници да ги доставувам до партиското раководство. Ова секако не е воопшто демократски. Сметам дека тие ги кажаа сите оние работи за демократија и јавност, ама не ги спроведоа“.

Дојче веле: Дали сте разочарани?

Бјорн Илер: „Да“.

Дојче веле: Дали она што се случи во вашата земја има последици за остатокот од Европа?

Бјорн Илер:„Да, има последици за Европа. Десните екстремисти ширум Европа се меѓусебно поврзани. Тие меѓусебно комуницираат и тоа го гледаме, на пример, преку писмата меѓу Беате Чепе и Андерс Брејвик. Двајцата ја имаат истата идеолошка позадина. Ние меѓународно работиме заедно против ова, бидејќи тие меѓународно работат за своите расистички цели“.

Дојче веле: Овој месец бевте во Минхен и го проследивте процесот против Беате Чепе, членка на десноекстремистичкото Националсоцијалистичко подземје (НСУ). Каков впечаток добивте?

Бјорн Илер: „Мојот впечаток беше дека овој процес оди многу подлабоко и во детали отколку оној против Брејвик. Секако дека трае подолго и случајот е покомплексен, бидејќи опфаќа повеќе поединечни убиства. Но, вкупно земено има многу сличности“.

Дојче веле: Што ги разликува злоделата на Брејвик и оние на НСУ?

Бјорн Илер: „Една значајна разлика е што Брејвик нападна мнозинство на населението. Тој нападна млади луѓе. НСУ претежно напаѓаше турски доселеници. Тоа дефинитивно е разликата, но тие ги направија овие работи поради исти политички цели“.