1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поради еболата се заканува криза со глад

ЖА/дпа/афп/ртре21 август 2014

На областите во западна Африка, погодени од ебола, им се заканува криза со глад, предупредува организацијата Помош против гладот во светот. Во Либерија изби насилство во карантин за заболените, а бројот на жртвите расте.

https://p.dw.com/p/1CyhQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поради еболата на земјите кои се најпогодени од болеста, како Либерија и Сиера Леоне, им се заканува криза, предупреди Помош против гладот во светот. Според оваа организација, трговијата во многу региони целосно замира поради затворените граници, големите пазари остануваат затворени. Во Сиера Леоне многу од луѓето кои инаку ги обработуваат полињата, се починати од ебола или со недели не смеат да ги напуштаат своите домови, истакна на прес-конференција во Берлин Асја Ханано, координатор на организацијата во Либерија. Цената на основните прехранбени продукти, како оризот, се покачени веќе и до 40 проценти. Хуманитарната организација најави зголемување на својата помош за овие држави.

Во Либерија дојде до насилство во зона во која владее карантин поради еболата. Силите на безбедноста во главниот град Монровија употребија солзавец и гумени куршуми против демонстрантите во сламот Вест Поинт, кои протестираа против одлуката на претседателката Елен Џонсон Сирлиф да го стави под карантин сиромашниот кварт со околу 75.000 жители поради ширењето на еболата. Квартот без предупредување бил обиколен од силите на безбедност. Во протестите биле ранети најмалку четири лица.

На викендот напаѓачи вооружени со ножеви и палки нападнале карантинска станица во болница во Вест Поинт, ја опустошиле, а 17 болни побегнале. Тие се пријавиле во друга болница дури по три дена. Здравствените власти поради ова стравуваат од натамошно проширување на болеста во квартот и наредија негово ставање под карантин. Либерија, како што покажуваат најновите податоци на Светската здравствена организација, е најтешко погодена од епидемијата на ебола во западна Африка со досега 576 смртни случаи. Само на викендот биле регистрирани дополнително 95 мртви. Вкупниот број на жртви од опасната заразна болест во западна Африка изнесува 1350, во 805 случаи отпосле е докажано присуството на вирусот на ебола, кај останатите се работи за се‘ уште непотврдени случаи.

Покрај Либерија, посебно погодени се Сиера Леоне и Гвинеја, а болеста се шири и во Нигерија.

ЖА/дпа/афп/ртре