1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поплавите зачестија, превентивата е ургентно потребна

Костадин Делимитов28 јануари 2015

Експертите апелираат на сериозност во стратегијата за справување со поплавите. Долгорочната безбедност бара континуирани, а не краткорочни ад хок мерки, предупредуваат дел од нив.

https://p.dw.com/p/1ERvE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Уште “неосвестени“ од првите поплави кои ги сотреа земјоделските посеви и однесоа повеќе мостови и патишта вклучен е алармот за нова, посериозна закана од уште еден воден бран. Прогнозите дека викендот ќе донесе пообилни врнежи од дожд и топење на снегот ја зголемија загриженоста. Надлежните мобилизирани на итен состанок ги утврдија критичните точки и договорија мерки за амортизирање на повторниот удар. Под најголема закана се веќе погодените региони, југозападните делови на земјата и оние долж течението на Вардар, Црна река, Брегалница, Пчиња:

„Координативното тело направи преглед на можни критични точки кои ќе бидат доставени до сите релевантни институции. Сакаме да ја подигнеме состојбата на едно алармантно ниво за да ги заштитиме граѓаните и нивните имоти, како и земјоделските површини од евентуални нови поплави. Градоначалниците треба да ги стават на готовс сите расположливи ресурси, да ги активираат своите кризни штабови и итно да свикаат координативни состаноци на кои ќе ги повикаат и претставниците на МВР и на Дирекцијата за заштита и спасување, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Состојбата на терен е повеќе од загрижувачка посебно во Пелагонискиот крај каде се поплавени стотици хектари обработлива површина. Механизација го расчистува теренот но дилемите се дали и колку ефикасно може да се реагира на секоја од критичните точки. Надлежните се правдаат со природните појави кои, несвојствено за периодов изненадија. Експертите пак критикуваат дека последиците во добар дел се резултат и на недоволната посветеност на превентивната заштита која е ургентно потребна:

Недостатоци во системот

„Климатски промени се жестоки и човекот нема можност за ефикасно справување, но факт е дека кај нас има и сериозни недостатоци во системот, плановите за одбрана од таквите непогоди. Точно се знае кои реки и каде можат да бидат критични. Периодов е несвојствен за вакви појави, но генерално не се води сметка. Во Пелагонија земјоделците се жалат дека не се исчистени Црна река и некои канали. Па ви се молам, тоа да се дозволи за регион кој нѐ храни, да се запостави чистење на реките и каналите. Тука има грешка меѓу централата и локалната управа. Таму не се во прашање буици како што е во Радовишко. Нема системски решенија, требаат посериозни студии за мерки. Македонија е подложна на силни ерозии и овие буични поплави што се јавуваат со силни реки под подножјето на планините е последица на оголени површини, напуштени земјоделски површини каде не се врши никаква заштита. Наместо да се прават каскади во сливните подрачја тоа е препуштено на стихија. Секоја година може да имаме вакви проблеми кои ја уништуваат инфраструктурата. Ова е вонредна ситуација за која не сме спремни иако имаме штабови кои заседаваат кога ќе дојде ситуација да се мерат штетите, а не заседаваат кога треба да се носат програми и да се бараат повеќе средства од буџетот да се градат насипи, каскади и слично. Треба поголема иницијатива, долгорочна програма, да се види цената и секоја година да се прави по малку. Чистењето на каналите е проста работа но проблемот е во некоординираноста на локално ниво, а и веројатно средствата не секогаш се трошат наменски“, предупредува професорот Борис Анакиев.

Mazedonien Überschwemmungen 13.09.2014
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Надлежните пак тврдат дека превентивните мерки се спроведуваат согласно плановите:

„Ние имаме план, годишно чистиме по околу 150 километри канали, не се проблемот каналите, можеби во Пелагонија има проблем со Црна река каде има неисчистени делови и дадов налог да се реагира преку водостопанство Битола. Но мора да бидеме објективни, чистењето на каналите не е проблем туку обилните врнежи. Секако дека решавањето на ова прашање бара време и ние како Влада ќе ги направиме сите напори во иднина да не се случуваат вакви поплави“, вели министерот за земјоделство Михаил Цветков.

Колкави се последиците засега никој не конкретизира. Кризни штабови на терен ја регистрираат состојбата и ги сумираат последиците. Освен Пелагониско, најкритично е во источниот дел на земјата каде поплавите буквално ги сотреа посевите. Уништени се и дел од фармите.

„Штетите се големи и допрва се сумираат. Посебно е погоден делот на Карбинци и Лакавица каде има повеќе интензивни култури. Не само што се уништени посевите, дури има и однесено ниви кои буквално веќе не постојат, водата ги однесе. Катастрофа! Не можеме да кажеме ништо додека не се повлече водата, ниту за штети ниту пак колкаво ќе биде производството и што и каде ќе може повторно да се засее. Штетите можат да се ублажат, но да се надоместат во целост не!“, реагира Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци.

Штети има и во тиквешијата но засега се речиси минимални:

„Во Тиквешијата нема посериозни проблеми, единствено во делот на Демир Капија каде има поплавени житарици, лозја. Но ако брзо се повлече водата мислам дека псоелдиците ќе бидат минимални. Проблем е реката Вардар посебно во деловите каде нема доволен капацитет за надојдените води кои се излеваат. Тоа е голем проблем за земјоделците“, вели Љупчо Аризанов.

Нема навика за осигурување

Државата досега помагала во исплата на штетите, но во конкретниот случај допрва ќе се анализираат состојбите и мерките што ќе се преземат за поддршка. Еден од моделите за амортизирање на штетите е и осигурувањето на земјоделските површини. Сепак статистиката покажува дека минимален дел од посевите се осигурани и покрај тоа што државата покрива 60% од потребната сума за осигурителната полиса:

Mazedonien Überschwemmungen
Фотографија: Makfax

„Сериозен проблем е што и посевите не се осигурани. Ние постојано зборуваме со земјоделците но и со осигурителните компании кои во дел се пристрасни“, коментира Шаклев. „Нема навика, иако државата субвенционира 60% од премијата. Во такви услови немаме навика. Тоа е сериозен проблем, состојбите многу бавно се менуваат.“, вели Аризанов.

Стаистиката покажува дека околу 4% од земјоделците го осигурале родот. Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето сепак регистрираат мал но значаен тренд во позитивна насока:

„Последниве три години има пораст од 43% на осигурувањето. Иако е мала застапеноста сепак се повеќе земјоделци купуваат осигурителни полиси. Главен фактор што го раздвижи пазарот е што владините институции и агенцијата веќе две години водат активна кампања за придобивките и условите за земјоделците. Но од друга страна видовме дека од 11 осигурителни друштва само 4 нудат продукти за земјоделско осигурување. Со новиот проект “Европа ре“ очекуваме промени, оваа компанија ќе биде активна и во делот на овозможување и помош за осигурителните друштва за креирање на иновативни земјоделски продукти“, вели за Дојче веле Климе Попоски, директор на Агенција за супервизија на осигурување.

На земјоделците веќе им е достапен и моделот кој предвидува обештетување за секоја култура поединечно според просечниот принос на ниво на општина. Со овој модел земјоделците имаат можност за осигурување на остварениот принос, односно евентуалните загуби предизвикани од временски непогоди како суша, поплава, земјотрес, мраз, пороен дожд или град.