1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поплавите бараат и свест и инсталации со поголем капацитет

Катерина Блажевска17 септември 2014

Експертите во Македонија апелираат за реконструкција на системот за атмосферска канализација, а Градот Скопје најавува зголемување на капацитетот на инсталацијата, со цел да се спречат поплави по обилните дождови.

https://p.dw.com/p/1DDiE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Обилните дождови и циклоните невообичаени за македонското поднебје, кои годинава го зафатија Скопје, во неколку наврати го парализираа сообраќајот во градот и предизвикаа поплави и во централните и во периферните делови на градот. Додека повозрасните граѓани се обидуваат да се сетат дали некогаш во минатото имало вакви обилни врнежи од дожд и град, во локалната власт се преслушуваат - кога последен пат е зголемен капацитетот на постојната инсталација на атмосферската канализација. Шахти, решетки, цевки, колектори...Тоа се најспомнуваните зборови од почетокот на дождливата пролет, во текот на поројното лето и пред стравот - што ќе донесе есента.

Меѓу дилемите – што треба да се прави, на кој проект да се скрати, а каде да се додадат градски пари за решавање на проблемот, се најде и изградбата на планираното панорамско тркало, како синоним за екстремен трошок за несуштински проект, во време кога Скопје тоне во вода, а цвета заразна жолтица. Опозицијата бара парите да се пренаменат за суштински потреби.

„Во услови кога Скопје се поплавува при секој посилен дожд, Коце Трајановски потпишува договор за Панорамско тркало од 18 и пол милиони евра. На истата седница на која се задолжуваат граѓаните на Скопје за изградба на водовод во Шуто Оризари, Коце Трајановски дава гаранции за кредит од 7 милиони и 300 илјади евра за луксузна административна зграда на ЈП 'Водовод и канализација'. Главен град, кој во 21. век има епидемија од жолтица поради тоа што сите граѓани немаат пристап до вода од централниот водовод, ќе го има најлуксузното водоводно претпријатие во светот, каде што квадратен метар чини 2.000 евра“, обвинија социјалдемократите и побараа пренамена на тие средства за изградба на атмосферска канализација и водоводи.

И општините имаат обврски

Во Градот ги отфрлаат ваквите обвинувања. Според Неделчо Крстевски, портпарол на Град Скопје, изградбата на панорамското тркало и други планирани проекти, финансиски воопшто не го загрозуваат решавањето на атмосферската канализација или санирањето на последиците од полави на одредени точки.

„Ќе се гради и панорамското тркало и сите други предвидени проекти. Тие не влијаат ниту одземаат некакви средства од оние што се планирани за решавање на последиците од поројните дождови. Скопје 30 години не памети вакви дождови. Не само што одредени општини во изминатиов период беа погодени со големи количества дожд, туку водата со себе носеше и големи наноси од камења, чакал и отпад, кои брзо ги затнуваат шахтите. Во такви случаи, не постои атмосферска канализација која може да го апсорбира сето тоа. За да се намалат проблемите на т.н. црни точки во градот, неопходно е и општините да ги зафаќаат водите поефикасно и побрзо, со што тие не би стигнале да ги поплавуваат подвозниците“, објаснува Крстевски.

Тој потсетува дека општините имаат обврска на своја територија да изградат атмосферска канализација. Засега на тој план предничи општината Карпош, а најмногу заостануваат општините Шуто Оризари и Чаир.

„И општините мора да го завршат својот дел од обврските. Сите го вперуваат прстот во градот Скопје, а она што треба да се знае е дека тој е 100 отсто покриен со атмосферска канализација на улиците, односно булеварите, кои се под негова надлежност. Како што се гради нов булевар, така се регулира и атмосферската канализација со нови инсталации. Но, има случаи и кога дури и пумпите не можат да ја повлечат водата, бидејќи новопоставените колектори се преполнети со вода. Затоа, Градот планира нови проекти чија реализација ќе почне од октомври, за зголемување на капацитетот на цевките и колекторите“, најавува Крстевски.

Деновиве и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, им порача на скопските градоначалници подобро да се грижат за атмосферската канализација. Според него, изминатите денови, дел од скопските улици биле под вода токму поради неисчистени шахти.

Mazedonien Überschwemmungen 13.09.2014
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Не е скап проект

Колку чини решавањето на овој проблем на ниво на целиот град? Никој не може да посочи просечна цена, бидејќи секоја улица е посебна приказна и зависи од нејзината конфигурација – на каква позиција се наоѓа, дали има угорнини, свиоци и други параметри кои влијаат врз цената. Но, генерално сите се согласуваат дека изградбата на атмосферска канализација не е скап проект. Многу поскапо чинат последиците од неградењето или од постојаното прекопување на улиците. Поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, се потсетува дека во неговиот мандат при разговорите со Светска банка за приватизација на ЈП „Водовод“, во рамките на проектот била понудена цена од 10-15 милиони евра за комплетно решавање на атмосферската канализација на главните водови што се под надлежност на Градот.

„Тоа не е прескапа инвестиција ако се има предвид колку проблеми се решаваат. Целата атмосферска канализација е направена во мојот мандат, со исклучок на новите булевари. Факт е дека дождовите сега се пообилни, а во меѓувреме многу е зголемена и изградбата на згради кои се приклучени на истите водови. Значи обемот на води сега е драстично зголемен, а капацитетот на прием е помал од потребниот. Затоа е неопходна целосна реконструкција на водовите и зголемување на нивниот капацитет. Исто така, мора да се поправат и некои грешки. На пример, подвозникот кај хотелот „Континентал“ постојано се поплавува заради проектна грешка, а во три градоначалнички мандати тоа досега никој не го санира“, вели Пенов.

Голем удел во решавањето на проблемот може да имаат и граѓаните, ако се посветат на грижата за хигиената во градот. Не е мал бројот на оние што редовно „ги промашуваат“ кантите за отпадоци и ѓубрето го фрлаат на улица. Комуналните служби најчесто интервенираат поради затнати шахти и одводи од однесувањето на несовесни граѓани.

Некогаш бевме на второ место
Човечкото знаење како да се справува со речните и со атмосферските води е старо колку што се стари и градовите, вели професорот и архитект, Мирослав Грчев. Toj потсетува дека сите големи цивилизации од минатото, дури и најстарите кои процетеа во 4. милениум п.н.е. како што се Харапа, Сумер и Египет, ги красела висока хидротехничка култура, со восхитувачки инфраструктури, од кои некои се функционални и ден денес. Според него, три компоненти се суштински за тоа знаење: прво е експертското искуство кое мора да се продолжува, почитува и негува, второ е свеста дека хидротехничките работи се комунални по својата суштина - заеднички за општеството и суштински одраз на свеста за јавниот интерес, и третата компонента е инфраструктурата со сите елементи од хидротехничкиот систем за менаџирање на водите, кои требаат континуирано да се одржуваат, планираат, проектираат и надградуваат за да се одбегнат штетите и катастрофите.
„Додека бевме во составот на Југославија, во 60-тите и 70-тите години го изградивме вториот најдобар (по Холандија) хидротехнички систем во Европа. Ова е оценка на европска комисија за третман на водите, а не моја. Но, од распаѓањето на СФРЈ, сите независни држави го предадоа системот не само на пропаѓање и негрижа, туку и на активно уништување, некаде поради клептоманска приватизација, некаде поради политички идиотизам, а некаде поради општиот колапс на чувството за јавен интерес. Во Македонија, овој сложен и огромен хидротехнички систем не само што не е развиван и надоградуван, туку антиинтелектуалните политички власти обезбедија маргинализација на стручните тела и експертите од „нивните работи“, па сега веќе не се знае кој треба да се грижи, да одлучува, да проектира и да менаџира со водите во Македонија. Поплавите се сметаат за акти на небото, а одговорни меѓу политичарите веќе никој и не бара. Скопје се поплавува по секој дожд поради криминалната практика на градските власти, но и на централната, да се запоставуваат инфраструктурите и нивното одржување и надградување, на сметка на форсирањето бесмислени и прескапи супраструктури - згради и споменици, жичари и крстови, панорамски тркала и вртелешки“, дециден е Грчев.

Многумина се согласуваат дека и политичката пропаганда им пресудува на суштинските проекти, во смисла дека повеќе поени носи она што се гледа, она што е изградено над земја, отколку под неа. А тие несработени проекти под земја, на површина ги изнесоа токму поплавите над неа.