1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поп-ап ресторанот „Празнина“ во Вајмар

Т.Шулер/ С.Недевски22 август 2014

Всушност станува збор за прва дипломска работа на реномираната школа за градежништво и архитектура Баухаус која станала реалност. Овој привремен рисајклинг ресторан е уникатен во секоја смисла.

https://p.dw.com/p/1CtWl
Фотографија: Philipp Specht

Ханес Шмит неодамна ги заврши студиите по архитектура, а тука дојде за да ја посети својата дипломска работа: ресторанот „Лике“ односно „Празнина“, на кој името му е дадено по празната парцела меѓу две згради во центарот на Вајмар на истокот на Германија. Станува збор за прв проект на студент од реномираниот Универзитет Баухаус кој стана реалност. Хaнес го осмисли ресторанот, направи нацрт, го изгради и отвори.

За проектот се подготвуваше 2 години. Изграден е, пак, за само два и пол месеца. Во тоа му помогнаа многу колеги од факултетот. Се вклучија и вајмарските власти и му излегоа во пресрет со издавање дозволи. Сепак зградата тука ќе стои само за кратко. Но не создаваат ли вакви привремени градби голема количина отпад?

„Токму спротивно. Ние на крајот не оставаме купишта отпад туку го земаме отпадот и од него градиме куќа. Она што тука го искористивме се работи кои инаку би завршиле на отпад. Почнавме со камионски подови, на кои токму седиме. Тука се и стари прозорци кои се исфрлени при реновирање на една зграда. Масата е градежна ограда која ја пренаменивме“, вели архитектот Шмит.

Заштита на животната средина: за тоа во својата работа води сметка и ресторанската кујна. Продуктите ги набавуваат исклучиво од земјоделци од овој крај. Се’ е свежо, сезонско и изненадувачи професионално подготвено.

Од динстаното говедско месо до салата од диви билки: сето тоа го готват луѓе кои инаку се занимаваат со нешто сосема друго, како на пример студенти по индустриски дизајн или правници.

Многу помагачи во проектот учествуваат волонтерски. На пример, малата градина со билки ја засади група студенти кои воедно и ја одржува. Плодовите завршуваат на чиниите во ресторанот.

А тие, пак, се дело на една вајмарска студентка по индустриски дизајн. Ирене Ниц рачно го изработи секое парче прибор кое се користи во „Лике“. Кога ќе се затвори ресторанот, приборот ќе се продаде.

Дека „Лике“ е навистина резултат на заедничка работа, тоа го чувствуваат и гостите.

„Храната беше многу добра, атмосферата исто така. Ми се се допаѓа дрвото и тоа што се’ е рачна работа. Штета што е привремено. Мислам дека вакви места има премалку.“, вели еден задовоолен гостин.

„Лике“ односно „Празнина“ за неколку недели ќе биде историја. Ќе останат само фотографии и сеќавања. И оценката на Ханес на дипломата од Универзитетот Баухаус- чиста десетка.