1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помош од воздух за Кобане

Ј.Јенсен (дпа,афп,ртр)/ А.Трајковска20 октомври 2014

Турција одби, САД го сторија тоа: Тие фрлија оружје за опколените Курди во северна Сирија. Дали е тоа пресвртница во борбата за Кобане?

https://p.dw.com/p/1DYZ6
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Американски авиони за првпат фрлија оружје за курдските борци против терористичката милиција Исламска држава. Како што соошти централната команда во Флорида, транспортни авиони C-130 испорачале оружје, муниција и медицински материјал за Курдите во близина на сирискиот град Кобане, опколен од џихадистите на ИД.

Испораката била ставена на располагање од курдските позиции во Ирак. Акцијата требало да придонесе да се одржи одбраната на градот од налетот на Исламската држава. Кобане е курдска енклава во близина на Турција.

135 воздушни напади

Истовремено САД, според сопствени наводи, продолжуваат со воздушните напади против џихадистите. Досега биле спроведени 135 такви напади против екстремистичките бунтовници кај Кобане. Само во изминатиот викенд биле спроведени десет воздушни напади. Има знаци дека овие воздушни напади заедно со отпорот од копно го успориле напредувањето на ИД кон градот. Стотици борци на Исламската држава биле убиени и уништени или оштетени биле голем број позиции со вооружување и борбени позиции.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно одби помош со оружје за Курдите во Кобане. Нивната сириско-курдска партија ПИД е „терористичка организација“, како забранетата Курдска работничка партија (ПКК), истакнал Ердоган според една информација на новинската агенција Анадолу.

Милициите на ПИД, курски единици за народна заштита, речиси пет недели го бранат Кобане од радикално-исламистичките борци на ИД. Вчера, според наводи на Сириската опсерваторија за човекови права, ним им успеало да навлезат во источните делови на градот, кои биле запоседнати од ИД.

Турција: „Испорака на оружје е неприфатлива“

Американскиот претседател Барак Обама во текот на ноќта кон неделата телефонски разговарал со неговиот турски колега Ердоган за состојбата во Сирија. Станало збор за тоа како би можело да се сопре напредувањето на ИД, соопшти Белата куќа. Двајцата претседатели увериле дека тесно ќе соработуваат во борбата против џихадистите. И покрај тоа Ердоган потоа соопшти дека никој не може да очекува од Турција да се согласи со испорака на оружје за ПИД.

Подобрената соработка на Курдите и меѓународната воена алијанса очигледно помогна да се сопре напредувањето на ИД кон Кобане. „Во изминатата недела имаше договор меѓу двете страни“, рече Рами Абдел Рахман, раководител на Сириската опсерваторија за човекови права во Лондон, за агенциајта дпа. „Коалицијата така беше во состојба да изврши повеќе директни погодоци против позиции на ИД во Кобане“.