1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Половична модернизација на патарините

Костадин Делимитов23 ноември 2014

Електронски или на рака: во Македонија наскоро ќе има два система за наплата на патарината. Првата опција е резервирана само за возење по „Александар Македонски“. За „Мајка Тереза“ засега останува по старо.

https://p.dw.com/p/1Drmq
Фотографија: picture-alliance/dpa

Системот за наплата на патарина во Македонија ќе се модернизира, но само половично. Четири години по првичната најава, избрана е фирма што за година и половина треба да изгради целосен електронски систем на наплата, но само на Коридорот 10. Делот од Скопје до Гостивар пак останува по старо, односно со директна наплата од страна на вработените инкасанти во Агенцијата за државни патишта. Планот за модернизација на системот за наплата на патарината на овој дел од Коридорот 8, како што дознава Дојче веле, би го развивал евентуален приватен партнер. Државата, според информациите, засега не инвестира во модернизација на системот на четирите наплатни станици на овој потег во очекување на огласот за изградба на автопат од Гостивар кон Кичево. Јавниот повик за наоѓање концесионер според најавите треба да се очекува најдоцна до февруари догодина. Потенцијалниот инвеститор кој би ја изградил оваа делница, според планот би управувал со неа во наредните триесетина години, би наплаќал и патарини а потоа ќе ја префрли сопственоста на државата. Една од опциите е на приватниот партнер да му се додели управувањето со целата автопатска делница од Скопје до Охрид заедно со делот од Кичево до Охрид, чија изградба е во тек. Од Агенцијата за државни патишта засега не коментираат ништо околу плановите за патарините на автопатот кон Гостивар. „Засега нема планови за развој на нов систем, што не значи дека тоа нема да се случи во иднина. Во моментов сме фокусирани на модернизацијата на наплатните станици на Коридорот 10“, велат за Дојче веле од Агенцијата за државни патишта под чија надлежност е работата на патарините.

Кои се мотивите

Но зошто само половично се оди со модернизација на системот на патарини, односно целосно се исклучува човечкиот фактор при наплата, што освен ефикасноста во услугите треба да донесе и ефикасност во собирањето пари, односно сведување на минимум на злоупотребите што се случуваа во минатото, а неретко и сега? Дали мотивите се од финансиска или друга природа? Надлежните официјално коментираат дека станува збор за реализација на утврдена програма со која засега е предвидена само оваа фаза. Дел од експертите пак, кои ги консултираше Дојче веле, реагираат дека непотребно се „штеди“, односно сметаат дека е потребно закокружување на целиот систем: „Нема многу логика да се гради целосно нов систем за еден дел од државата, а за другиот да остане по старо. Дотолку повеќе што целиот систем го контролира и управува државната агенција која сега ќе треба да менаџира два начина на наплата, што е малку чудно. Не знам кои се вистинските мотиви, но ако се оди по логиката на ефикасност на целиот процес, тогаш сметам дека мора што е можно поскоро да се направи истото и на западната траса, без разлика дали и кој ќе гради таму автопати. Прашањето дали ни се потребни толку наплатни куќички е друг проблем. Лично сметам дека нема потреба за такво нешто со оглед на кратките растојанија помеѓу нив, што само создава нервоза кај возачите“, коментира за Дојче веле универзитетски професор. експерт од сообраќајната област.

Symbolbild LKW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Избегнувањето на директната наплата, според дел од експертите, сепак има и позитивни страни:

„Досегашниот начин на наплата на патарина не си ја врши својата функција. Директната наплата на патарина што се применува кај нас, создава одредени дополнителни трошоци: запирање, свртување за паркирање на наплатна рампа, продолжено време на патување, па затоа дел од овие трошоци ги сноси и самата општествена заедница (државата). Директната наплата на патарина предизвикува тешкотии во безбедноста на сообраќајот, деградација на човековата околина, како и зголемување на одредени инвестиции во одржувањето на патиштата. Воведувањето на електронскиот начин на плаќање би претставувало решение коешто ќе доведе до намалување на секаков вид ризик кој постои со сегашниот систем на наплата, како од безбедносна, така и од здравствена природа“, смета Кристи Бомбол, професор од универзитетот во Битола.

Брз проток на возила

Во очекување на решение за делот од Коридорот 8, државата веќе склучи договор со турската компанија Аселсан, која во наредните 18 месеци ќе врши изградба и модернизација на патарините на Коридорот 10; „Во периодот од 18 месеци по потпишувањето на Договорот, изведувачот треба да го изграади и стави во функција новиот систем за електронска наплата на патарините, а тој вклучува електронска наплата на патната такса што ќе се извршува преку микробранови транспондери и со смарт картички. Смарт картичките по можност ќе бидат припејд и постпејд, а истите ќе се продаваат во кабините на наплатните станици. Во втора фаза тие ќе се продаваат во сите малопродажни места како што се бензински станици и други места. Електронскиот систем ќе врши категоризација на возилата. Вредноста на целата инвестиција е 18,7 милиони евра со вклучен ДДВ од кои 15 милиони евра се средства обезбедени од ЕБОР, а останатите од Р. Македонија. Со ова ќе се овозможи брз проток на возила низ патарините, ќе се исклучи човековиот фактор, плаќањето во кеш нема да е дозволено и ќе се избегне можноста за неплаќање на патната такса“, изјави за Дојче веле Кире Коцевски, портпарол на Министерството за транспорт и врски.

Според планот, наплатните станици Романовце и Градско ќе бидат со нови локации, односно ќе се дислоцираат за неколку стотини метри поради зголемување на бројот на ленти за наплата, како и поради изградба на новиот експресен пат Градско – Прилеп. Освен кај Петровец на сите наплатни места ќе се зголеми и бројот на сообраќајните ленти. Кај Романовце и Градско двојно, од постојните 5 на 10, кај Сопот и Отовица од 4 на 5. Со реконструкцијата на патарините, според надлежните, повеќе нема да има тесни грла на наплатните станици, што се јавуваше посебно во летниот период кога обемот на сообраќај е неколкукратно зголемен.