1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички „канони“ во триаголникот Москва - Белград - Скопје

Катерина Блажевска19 ноември 2014

Средбата на врвот на Српската и Руската Црква, на која присуствуваше и еписокоп од ПОА на Вранишковски, е повеќе во контекст на политичките реструктуирања на Балканот, отколку на верските, уврени се аналитичарите

https://p.dw.com/p/1DpX4
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Неодамнешната средба на врвот на Српската православна црква (СПЦ) со највисоките достоинственици на Руската православна црква (РПЦ) во Белград, отвори многу прашања откако беше објавено дека во составот на српската делегација која водела официјални разговори со рускиот патријарх, бил вклучен и епископот стобиски Давид, од Православната охридска архиепископија на Јован Вранишкоски. Каков сигнал е испратен до МПЦ со тој чин, и кој го испраќа - СПЦ, РПЦ или двете цркви заедно? Во МПЦ не се расположени да коментираат дали составот на српската делегација сведочи дека црковен Белград бара поддршка од Москва за случајот со Јован Вранишкоски, чие ослободување од затвор стана услов за продолжување на разговорите меѓу СПЦ и МПЦ. Индикативно е и тоа, што во официјалното соопштение од средбата на делегациите на двете цркви не се спомнува ништо за содржината на разговорите. Во него е наведен само составот на руската и на српската делегација.

Гостинот не поставува услови

Составот сосема јасно може да ја индицира и содржината на разговорите, сметаат познавачите на односите меѓу МПЦ и СПЦ. Притоа го имаат предвид фактот дека освен епископот стобиски од ПОА, покрај српскиот патријарх Иринеј седеле и во разговорите учествувале и црногорскиот митрополит Амфилохие, бачкиот епископ Иринеј, шабачкиот владика Лаврентие и зворничко-тузланскиот Хризистом, кои се сметаат за застапници на тврдата струја во односот кон македонскиот црковен проблем. Од друга страна, во руската делегација учествувале и главниот креатор на надворешната политика на РМЦ, митрополитот волоколамски Иларион Алефеев, кој раководи со одделот за надворешни црковни работи, како и неговите први помошници Николај Балашов и Игор Јакимчук, кои пак се сметаат за добро упатени во српско-македонскиот црковен проблем.

Цане Мојановски, поранешен претседател на Комисијата за односи меѓу верските заедници, констатира дека на средбата била присутна „сета носечката структура на СПЦ, инволвирана во креирањето на т.н. 'Нишки договор', но и дека гостинот не поставува услови за тоа кој ќе го пречека“. Тој е уверен дека на средбата се разговарало и за односите меѓу Белград и Скопје.

„Неставањето на прашањето на односите меѓу СПЦ и МПЦ во официјалното соопштение од средбата, не значи и дека тоа не е разгледувано. РПЦ има не докрај јасен став кон Украинската и Белоруската црква, што не е далеку од односот на СПЦ кон МПЦ, која се залага за автокефална црква во лицето на ПОА на Вранишковски, која е организирана на досега невообичаен начин. Прво, при постоечка ерархија овде, од нивно тело (на СПЦ) е е упатен повик да се формира нова црква и да се соедини со нив. Второ, СПЦ е под влијание на грчкиот блок цркви, од каде поддршката не е само духовна туку финансиска. Има повеќе индикатори дека СПЦ е под значително влијание на Грчката православна црква. Поради ова, но и други познати околности, оваа средба ја гледам повеќе во контекст на посатата на Путин на Белград и на политичките реструктуирања на Балканот, отколку на верските“, вели Мојановски.

Das Oberhaupt der mazedonischen orthodoxen Kirche G.G. Stefan
Поглаварот на МПЦ, СтефанФотографија: MIA

Споредни во триаголникот

Руската православна црква досега јавно не се изјасни за ставот на СПЦ, која бара ослободување на Вранишкоски како услов за деблокада на преговорите со македонска црква. Од Москва нема или барем во македонската јавност не е соопштено дека стигнал одговор на писмото кое поглаварот на МПЦ г.г. Стефан го упати до православните цркви, објаснувајќи ги причините поради кои Вранишкоски е осуден на затворска казна, односно дека не станува збор за верски прогон, туку за криминал за кои решаваат граѓанските судови, а не Синодот. Писмото предизвика остра реакција на црковен Белград, по што СПЦ соопшти дека ќе поведе црковно-судска постапка против поглаварот на МПЦ, „поради упорното останување во раскол, нехристијанското учество во прогонот на Архиепископот Јован, канонски поглавар на автономната Охридска Архиепископија и неговото свештенство, монаштво и верен народ, како и заради низа други антиканонски активности“.

Дали се во прашање каноните или реал-политиката? Македонскиот црковен проблем никогаш и не бил лесен за решавање, туку бил комбинација на многу фактори, меѓу кои канонските биле најспоредни, вели уредникот во „Дневник“, Бранко Ѓорѓевски, познавач и аналитичар на црковните прашања.

„Посетата на рускиот патријарх на Белград ја покажа сета реалност во триаголникот Скопје-Белград-Москва. Таа реалност ни покажува дека, впрочем како и нивните држави, ги врзува силно пријателство и љубов базирани на 'иста крв и верa'. Во таква ситуација, местото на третиот, со кого СПЦ има големи проблеми, а Московската патријаршија само 'добри односи', е осудено на спореден колосек. По ова нам треба да ни е јасно, дека од црковна Москва не можеме да го добиеме она што го посакуваме - лобирање и притисок врз Белград за да ни ја признае автокефалноста“, констатира Ѓоргевски.

Тој потсетува дека руските достоинственици и сами признаваат дека нивниот компромисен предлог е варијанта на самостојна или самоуправна црква, а тоа не е она што Македонија го сака. Ѓорѓевски смета дека руската црковна политика е синхронизирана со државна.

„Треба да ја цениме добрата волја на РПЦ, исто како и нивниот став за признавање на македонскиот идентитет, но тоа, едноставно, не е доволно. Рускиот патријарх, очигледно ја следи политиката на својот претседател за зголемување на руското влијание врз Западен Балкан заради одложувањето на европската интеграција, при што таа стратегија ја надополнува и со својата црковна. А таа има за цел доминација во однос на Вселенската патријаршија, да се има главен збор во односите со Католичката црква и заштита на сопствените интереси од црковните проблеми во Украина и околу неа. Во тие стратегии, СПЦ им е идеален и влијателен партнер. Реалноста е таква, а според мене, тоа е поголем проблем отколку сите оние други, придружни прашања, како што се односот на Москва кон парацрквата на Вранишковски, неговото ослободување од затвор или разрешување на македонскиот архиепископ“, смета Ѓорѓевски.

Frau in der orthodoxen Kirche in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Индикативни следните постапки

РПЦ неодамна на својата официјална интернет-страница ја стави Македонија како земја која е под канонска јурисдикција на СПЦ. Но, тоа не значи дека Москва се откажува од обидите да помогне во решавањето на македонско-српскиот црковен спор. Така барем може да се заклучи од изјавата на секретарот на одделот за надворешни црковни работи на РПЦ, протојерејот Игор Јакимчук, пренесена во српски медиуми. На прашањето дали посетата на рускиот патријарх Kирил може да се смета како поддршка на единството на СПЦ со оглед дека постојат две цркви - Македонската и Црногорската православна црква, кои другите цркви не ги признаваат како автокефални, Јакимчук одговорил: „Доколку страда некоја од православните цркви, тогаш страда и цело православие. РПЦ прави се`за да ги доближи позициите на двете страни - македонската и српската - за наоѓање на компромисното решение за статусот кој треба да го има Македонската црква“.
Ваквите најави на врвот во МПЦ му даваат надеж дека контактите нема да запрат. Извори од таму, неофицијално коментираат дека силната меѓусебна поврзаност и пријателство меѓу Руската и Српската црква треба да се прифатат како реалност и да не влијаат врз односот на МПЦ кон двете цркви. Тие немаат дилема дека посетата на патријархот Kирил била и политичка, што беше објавено и во рускиот весник „Kомерсант“.

„Посетата на рускиот патријарх на Белград беше редовна, но не беше ослободена и од политичка смисла, бидејќи тој сигнализира дека во условите кога Западот сака да ја изолира Русија, православците во разни земји треба да ги збијат редовите“, објави весникот.

Што се разговарало во Белград и каков сигнал е испратен до Скопје, според аналитичарите, ќе се види од натамошните постапки во Србија и Македонија - односно, дали ќе продолжи црковно-судската постапка против македонскиот архиепископ и дали ќе има постапки кои ќе индицираат скорешно ослободување на Вранишковски. Ако тоа се случи, ќе значи дека и се дава нова шанса на црковната дипломатија.