1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подобро да умрам еднаш во Сирија, отколку да умирам секој ден во Турција

Хана Смит/Б. Георгиевски22 јули 2014

Сириските бегалци кои повеќе не можат да издржат во Турција сѐ почесто се враќаат на териториите под контрола на исламските радикали во Сирија. Цената за тоа е лојалност кон самопрогласениот калифат.

https://p.dw.com/p/1CgXO
Фотографија: DW/H.L. Smith

Оној кој сака да ги види последиците од тајниот договор меѓу Британија и Франција со кој беше поделен Блискиот исток во актуелните граници на нации-држави, треба да го посети Акчакале. Ова мало гратче се наоѓа на југоисточната граница на Турција со Сирија, а само стотина метри подолу, зад челична ограда, железничка пруга и ничија земја, веќе се гледаат и првите куќи на Тал Абијад. Акчакале и Тал Абијад некогаш биле еден град, а потоа група картографи одлучиле дека пругата која минува низ градот, треба да биде граница меѓу две држави.

Состојбата во тие градови денес е сосема различна. Сирискиот Тал Абијад од јануари годинава го контролираат групи на џихадистичката организација ИДИЛ. Тоа се истите сунитски терористи кои неодамна ја презедоа контролата врз голем дел од Ирак и се колнат дека ќе ги уништат границите од споменатиот британско-француски договор. Жителите на Акчакале, кои веќе навикнаа на живот во непосредна близина на граѓанска војна, сега мораат да се навикнат и на живот во непосредна близина на нешто што џихадистите го прогласија за калифат.

Отворена граница

Изненадувачки е дека границата е сѐ уште отворена, иако само повремено и во еден правец- кон Сирија. Секој понеделник, среда и петок десетина Сиријци чекаат во мали групи да се отвори границата. Тоа се воглавно луѓе кои претходно побегнале од градовите под контрола на ИДИЛ во Турција, но сега повторно сакаат да се вратат. Но, пред да им дозволат да ја минат границата, турските власти им земаат отисоци од прсти и ги предупредуваат дека не смеат повеќе да се вратат назад во Турција.

ISIS Kämpfer Militärparade in Syrien 30.06.2014
Војници на ИДИЛ во СиријаФотографија: Reuters

Но, луѓето кои тука чекаат велат дека тоа не им е проблем. Доколку одлучат да се вратат ќе ангажираат некој шверцер или ќе ја преминат границата позападно. „Откако Тал Абијад е под контрола на џихадистите, јас повеќе пати го напуштав градот и се враќав. Никогаш не сум имал проблем“, раскажува Муслим. „Таму е безбедно, но тие владеат со железна рака. Дури и доколку некој пуши пред своите врати може да има проблем. Може да се случи да му ја одсечат раката“, тврди тој. Останатите кои чекаат на преминот не се многу расположени за разговор.

Со оглед на бруталноста на режимот на ИДИЛ, изненадувачки е што некој воопшто и сака да се врати во тој регион. Но, тоа е разбирливо ако се има предвид безнадежната ситуација во која се наоѓаат многу од бегалците Сиријци во Турција. Работа нема, а дури и доколку ја најдат, бегалците нема да бидат доволно платени и ќе бидат третирани како робови.

Околу урнатините на една стара куќа, неколку мажи лежат на стари душеци и дискутираат дали е подобро да се вратат во Сирија. Многу од нив се бореле на страната на умерените бунтовнички групи. Откако ИДИЛ ја презел нивната територија побегнале во Турција затоа што животите им биле во опасност. Но, сега размислуваат да се вратат.

Слобода за покајување и верност

„Доколку на крајот не видите на страната на ИДИЛ немојте да не обвинувате“, вели Мухамед, маж со избричена глава на околу 40-годишна возраст. Тој ја предводел бригадата Омар бин Атиб во Слободната армија на Сирија, но веќе шест месеци не стапнал во родната земја. „Слободната армија не остави на цедило. Кога ќе те ранат, никој повеќе не се грижи за тебе. Во таков случај, порадо ќе се вратам, и ќе положам бајаа“.

Welthungerhilfe zu syrischen Flüchtlingen
Сириски бегалциФотографија: Welthungerhilfe

Бајаа е чин на покајување и верност во Исламот. Борците на ИДИЛ пред два месеци им порачаа на сите поранешни припадници на Слободната армија дека можат да се вратат во Тал Абијад доколку ја положат оваа заклетва. Многумина веќе прифатија.

„Тие рекоа дека секој кој сака може да дојде. И тие имаат добри и лоши страни. Во Тал Абијад сега е сигурно, бидејќи луѓето се плашат од џихадистите. Пред нив, таму владееше хаос. Но не сум видел со свои очи како таму се спроведува шеријатот“, вели Абу Хусеин, кој се борел на страната на умерената исламска бригада Фарук.

30-годишниот Калид, исто така некогашен бунтовник, вели дека сигурно повторно ќе се врати во диктатура, но со оглед на околностите, тоа е и најдобро решение. „Турците кон нас се однесуваат како кон робови. Подобро еднаш да се умре во Сирија, отколку да се умира секој ден во Турција“.