1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неутралноста на Хан под лупа!

Катерина Блажевска12 јуни 2015

Досега под лупа на јавноста беа само изјавите на комесарот Хан. Но, на дипломатска средба во Скопје било поставено и прашањето - дали тој има бизнис интереси во австриска компанија која работи во Македонија?

https://p.dw.com/p/1Fg0u
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Ги премина ли комесарот Јоханес Хан границите на неопходната неутралност во неговото медијаторство за решавање на македонската политичка криза? Ова прашање го наметна неговиот твит објавен веднаш по неуспехот на бриселската рунда разговори со македонската лидерска четворка: „Многу сум разочаран од недостигот на одговорност и лидерство од страна на некои“. Множината „некои“, набрзо ја релативизираше Иво Вајгл. Известувачот за Македонија од Европскиот парламент, во изјава за МИА истакна дека е бесен и разочаран од неуспешниот крај на 12-часовните разговори, бидејќи „тој еден што не бил подготвен за компромис, на крајот донел неуспех“. Со тоа портретот на „единствениот виновник“ лесно беше откриен. Прстот суптилно е вперен во лидерот на СДСМ, кој не отстапи од барањето за формирање преодна влада без учество на Груевски во неа.

Под нивото на задачата

Дали ваквите оценки од медијаторот и неговите помошници, се соодветен и кредибилен начин за градење на доверба со соговорниците во разговорите за излез од кризата и за детектирање на клучните проблеми во земјата? Според Мирјана Најчевска од Институтот за социолошко и политико-правни истражувања, начинот на водење на преговорите и дадените изјави, го прават Хан потполно несоодветен за дадената задача.

Mirjana Najcevska
Мирјана НајчевскаФотографија: Sveto Toevski

„Основен проблем во актуелниот преговарачки процес е перцепцијата на тоа кои се страните во разговорите и која е посакуваната цел? За Хан станува збор за спор меѓу две политички опции, а за голем дел од граѓаните станува збор за спор меѓу актуелната политичка структура и граѓаните. Едната страна тргнува од претпоставката дека Македонија е демократска држава, со легитимни институции кои постапуваат согласно со законите. За оваа страна има минорни проблеми кои можат да бидат надминати со наоѓање заеднички јазик и воспоставување доверба кон институциите. Другата страна тргнува од претпоставката дека Македонија не е демократска држава и дека институциите не функционираат согласно со законите. За оваа страна проблемите се толку суштински, што никако не можат да бидат разрешени со мали промени, туку со отстранување на актуелната владејачка структура и почеток на промени кои ќе доведат до услови за вонредни избори. Хан многу отворено застана на позицијата на првата страна и сите негови предлози и понуди се насочени кон шминкање на ситуацијата, кон минорни промени и воспоставување на ситуација која макар и на ниво на привид ќе изгледа како демократска. Начинот на водење на преговорите, исказите дадени во медиумите и на социјалните мрежи, го прават Хан потполно несоодветен за дадената задача“, децидна е Најчевска.

Како „трета страна“

Други ја отвораат дилемата дали Хан е класичен медијатор, дали попатно го изгубил тоа својство или треба да биде перцепиран само како намесник на политиката на „морковот и стапот“. Аналитичарот Сашо Клековски, вели дека медијатор е страна која е прифатлива за двете страни, помага да се истражат можните решенија меѓу нивните почетни позиции, зачувува неутралност во однос на содржината на спорот и не ја коментира содржината.

„Најблиску до овој модел е Метју Нимиц, медијаторот во спорот за името. Комесарот Хан, како и европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Кукан, поради повеќе причини, од кои едната е коментирање на содржината, не можат да се сметаат за медијатори. Сите четворица имаат дадено изјави кои можат да се толкуваат како 'зафаќање на страна во спорот'. Но и нивната улога, посебно на Комесарот Хан, не е медијаторска. И не заради коментарите на твитер, туку поради тоа што се страна во преговорите со нудење 'морков', односно награда за решение - отворање на преговори за членство, или заканување со 'стап' - одземање на препораката за почнување на преговорите за ЕУ членство“, објаснува Клековски.
Но, дури и Хан да е „страна“, тоа не го ослободува од обврската да се однесува неутрално кон двете страни, чии позиции треба да ги доближи. Соња Стојадиновиќ, магистер по меѓународна политика, укажува на важноста од основните правила во медијаторството.

„Обврска на медијаторот, покрај решавањето на спорот, е да се однесува коректно, објективно, да не го коментира текот на преговорите, посебно ако преговарачкиот процес не е завршен. Ако од него е побарана изјава за медиуми може да одбие, или ако прифати - таа мора да биде максимално коректна, објективна, без никакви напади, осудувања, обвинувања и слично. Со коментарот на својот Твитер профил, а претходно и со неиздржаната изјава во текот на посетата на САД, комесарот Хан ја премина границата на коректно медијаторско однесување. Исто така, и со отвореното негирање на изборните неправилности во текот на последните парламентарни избори во Македонија кои беа нотирани и од неговата матична куќа, тој го доведе во прашање степенот на неговите познавања на ситуацијата и неговата неутралност во однос на политичката криза во Македонија“, вели Стојадиновиќ.

Johannes Hahn in Skopje
Јоханес Хан по последниот состанок во СкопјеФотографија: MIA

Се зависи од волјата за компромис

Сите овие забелешки ја наметнуваат дилемата - дали е време Македонија да добие специјален посредник, кој би бил длабоко посветен на целта, приврзан на стандардите што ги подразбира таа функција и пред се - неутрален?

„За кризата во Македонија уште на почетокот требаше да се одреди специјален посредник. Ако Унијата има намера навистина да понуди конкретно решение за кризата, треба да одреди неутрален преговарач кој има искуство со вакви кризи, кој има чиста биографија и целиот процес да го врати на почеток“, вели Стојадиновиќ.

Неизвесно е дали Хан може лесно да биде ослободен од сегашниот ангажман, со оглед дека неговото вклучување во процесот е со заклучок на Советот за надворешни работи, потсетува Клековски.

„Карл Билт, министер за надворешни работи на Шведска, во твит порача дека комесарот Хан треба да вложи дополнителни напори. Тоа е показател на ставот на ЕУ дека во догледна иднина смета на вклученoста на комесарот Хан и на пратеникот Вајгл. ЕК во соопштение повика на одржлив, траен политички компромис. Тоа повеќе зависи од волјата на двете страни да постигнат компромис, отколку кој ќе посредува. Нимиц е одличен медијатор, па со години нема решение во спорот за името. Оттука сметам дека нема да направи никаква разлика кој ќе посредува, туку битна е волјата на двете страни да се договорат“, констатира Клековски.
Притоа се фокусира на значењето на зборот „компромис“ кој го користи ЕК.

„Очекувањата на опозицијата и проопозициската јавност се вклучување на претставник на меѓународната заедница, кој нема да биде медијатор, туку ќе биде сојузник, во популарниот речник 'шумар', кој ќе изврши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, за целосно да ги прифати барањата на СДСМ. Компромис од друга страна значи решение кое не ги исполнува целосните очекувања на страните“, укажува тој.

Saso Klekovski
Сашо КлековскиФотографија: Sveto Toevski

Во игра бизнис интереси?

Но, проблемот е во тоа што Хан веќе е прецепиран како „шумар“, само во спротивна насока од онаа што ја посочува Клековски, односно како „сојузник“ на власта кој врши притисок исклучиво врз опозицијата. Во таа насока на површина испливуваат и сомнежи за мотивација која можеби не е од политичка природа.

Перцепцијата дека Хан можеби не е доволно неутрален, не е само медиумска шпекулација, изјави вчера новинарот Васко Попетревски во дебатна емисија на ТВ „24 вести“, повикувајќи се на информации потврдени од дипломатски извори.

„Имено, вчера во Скопје, на еден од редовните координативни состаноци на амбасадори главно на земји членки на ЕУ, еден од претставниците на влијателна земја членка, го поставил прашањето за неутралноста на Хан, поточно за неговите бизнис интереси во фирмата 'Новоматик'“, рече Попетревски. Во обид да се разјасни ваквото прашање прилично се вжештиле телефоните на релација Скопје-Брисел.

Австриската компанија „Новоматик“ позната во индустријата на игри, е присутна на македонскиот пазар како сопственик на казина. Покрај други, во март 2014 година таа стана сопственик и на казиното „Фламинго хотел“ кај Гевгелија. Менаџментот на компанијата тогаш соопшти дека станува збор за инвестиција вредна 20 милиони евра и најави нови инвестиции. Беше соопштено и дека компанијата веќе има инвестиции од 40 милиони евра во Македонија. Гостин на промоцијата беше Ники Лауда, легендарниот возач на Формула 1, кој е бренд-амбасадор на оваа компанија. „Новоматик“, како што објавија тогаш медиумите, во Македонија има четири одделни фирми. Освен „Фламинго“, ги поседува и казината „Адмирал“ и „Астра“ како и повеќе од 30 клубови со слот машини во речиси сите градови во Македонија.

Утврдувањето на фактите - дали има некаква наводна поврзаност на Хан со оваа компанија, е важно за се тргнат сомнежите дека очекуваната медијаторска неутралност не е жртвувана заради некои други интереси.