1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно барање за почеток на преговори на ЕУ со Македонија

АТ/ миа24 јули 2014

На состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Македонија искажана е нова препорака за земјата да ги започне преговорите за членство во Европската унија.

https://p.dw.com/p/1Chui
Фотографија: Georges Gobet/AFP/Getty Images

Единаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Република Македонија, кој се одржа во Европскиот совет во Брисел, донесе нова препорака за земјата да ги започне преговорите за членство во Унијата, како и да влезе во втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација.

Во соопштението, лиферувано по состанокот на Советот, се вели дека „Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) останува суштина на односите меѓу ЕУ и Република Македонија до пристапување на земјата кон Унијата”.

Советот ги разгледа клучните настани од претходниот период, кои се однесуваат на исполнувањето на политичките критериуми, како и на позицијата на земјата во однос на економските критериуми, финансиската соработка и имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Советот го поздрави договорот постигнат со владата за приоритетите на идниот Инструмент за претпристапна помош (ИПА) за стратегијата на земјата за периодот 2014-2020.

На прес-конференција по состанокот, директорката во Директоратот за проширување, Александра Кас-Грање истакна: „Дискутиравме и за критериумите што треба да се исполнат. Го поздравивме формирањето на коалициската Влада и презентацијата на програмата. Но, исто така повикуваме на конструктивен политички дијалог и посветеност на сите политички актери во земјата кон предизвиците. Тоа ги вклучува меѓуетничките односи, со оглед на тоа што инцидентите последниве недели покажааа потреба од проактивност во обезбедувањето на мерки за доверба меѓу заедниците и целосна имплементација на Рамковниот договор“, посочи Кас-Грање.

Според директорката во Генералниот директорат за проширување, постојат и бројни други прашања за кои во Европската комисија постои загриженост, а биле нотирани во последнио извештај за напредокот.

„Тука е независност на судството и квалитетот на судството, за граѓаните да имаат доверба во целиот систем. А, постојат и многу други структурни мерки за адресирање на други предизвици“, посочи Кас-Грање.

Според Бенедето Дела Ведова од Италијанското претседателство со Унијата, овој состанок бил потврда на силната и блиска соработка меѓу ЕУ и Македонија и се гледа напред кон заедничките политички аспекти на односите и пред се‘ во делот на техничките аспекти од Договорот за стабилизација и асоцијација.

„ЕУ дава поддршка за целосна имплементација на Охридскиот договор, очекуваме адресирање на важноста од градење на политички мостови во Парламентот, градење на односи со граѓанските општества и претставниците на медиумите, етничките и сите други различни групи во земјата. Односите со соседите во регионот, исто така, се многу важни“, рече потсекретарот во италијанското МНР.

Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, пак, ја нагласи одлучноста за продолжување со реформите, особено во делот на областите опфатени со Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), вклучително реформи во администрацијата, медиумската култура, изборното законодавство, добрососедството итн. Според него, факт е дека во сегашната клима кон проширувањето на ЕУ ќе биде потребен овој период да се посвети најголем дел од силите и енергијата на реформи и дека Македонија е одлучна да продолжи на тој пат.