1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе пари за заштита на бегалците

Свен Поле/превод: БГ30 септември 2014

Оној кој за заштита на бегалци ќе задолжи приватна фирма ориентирана кон профит, мора добро и да ја провери таа фирма. Заштитата на бегалците за Германија треба да има поголема вредност, смета Свен Поле.

https://p.dw.com/p/1DNWl
Фотографија: Polizei NRW/dpa

Двајцата обезбедувачи се смеат во камерата. Едниот од нив десната нога ја ставил врз вратот на маж кој со рацете врзани зад грбот лежи на подот. Се работи за застрашувачка слика која симболично потсетува на фотографиите од американскиот затвор Гвантанамо или Абу Граиб во Ирак. Но, фотографијата не е направена во Ирак, туку во Германија, во центар за азиланти во градчето Бурбах. Полицијата ја пронајде фотографијата на мобилниот телефон на еден од обезбедувачите, откако поради едно други, не помалку шокантно видео, отвори истрага. И во другите бегалски кампови во Северна рајна Вестфалија постојат информации кои упатуваат на нанесување телесни повреди. И таму се отворени истраги.

Приватизирана безбедност

Азилантските центри во Германија за бегалците се првиот дом, првиот чекор кој надежта дека ќе останат во Германија. Многу од нив зад себе имаат долга историја на страдање. Тие побегнале од насилство и угнетување. Тоа што овие луѓе, кои тука бараат заштита, се изложени на злоставување, претставува скандал.

Покраинските и општинските власти постојано наведуваат дека се преоптоварени со сѐ поголем прилив на бегалци. Поради тоа нивното згрижување веќе одамна им е делегирано на приватните фирми за да се заштеди на трошоци и да се спречат бирократските процедури. Во основа не може да се приговара на тоа дека приватните фирми преземаат должности за кои се задолжени општините и покраините. Особено не во време кога бројот на примените бегалци во Германија константно расте. Вистинскиот проблем се состои во тоа дека за бројни општини и покраини во прв план не е оствареното, туку трошоците.

Во случајот Бурбах тоа е грешка со тешки последици. Таму приватната фирма која се грижи за сместувањето European Homecare ангажирала друга приватна фирма која требало да се грижи за безбедноста и за која работат обезбедувачите кои ги малтретирале бегалците. Истрагата покажа дека овие луѓе и се познати на полицијата. Против нив е водена истрага поради телесни повреди, поседување дрога и измами. Во еден бегалски центар тие никогаш не би смееле да работат.

Тоа дека работењето на приватните фирми за обезбедување е ориентирано кон профит, не е ништо ново. Малите плати и лошите работни услови не се новина во оваа бранша. Оној кој, како работодавач, сака со бегалците да се постапува со почит, треба да ангажира образуван и школуван персонал. И во секој случај не треба да ангажира луѓе со криминално досие.

Оттука овој персонал и неговата работа не треба да бидат проверувани само од страна на приватните фирми, туку и од страна на надлежните државни органи. Ангажманот на приватните фирми не смее да води кон тоа државата да се повлече од својата одговорност да им обезбеди сигурност на бегалците.

Од сега сѐ ќе биде подобро?

European Homecare и надлежните служби се обидуваат да ја ограничат штетата. Соработката со агенцијата за безбедност во меѓувреме е прекината. Договорени се нови стандарди за слични инциденти во иднина да бидат спречени, соопштија од компанијата. Во иднина, бегалците ќе можат да ги заштитуваат само обезбедувачи кои поседуваат уверение за неказнетост. Тоа е минимумот и тоа се подразбира, но за жал, како што често се случува, дури откако ќе се случи белјата.

Луѓето кои бараат азил во Германија, мора да бидат сигурни дека тука ќе бидат заштитени. Општинските каси со недоволно пари, односно трошоците, не смеат да бидат пресуден фактор. За една богата држава како Германија, тоа е неприфатливо.