1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од домино ефект

Кристоф Хаселбах/З. Јордановски30 јануари 2015

Многу влади на северот на Европа стравуваат дека изборите во Грција можат да предизвикаат слични трендови и на други места. Тогаш би била доведена во прашање целокупната европска политика на штедење.

https://p.dw.com/p/1ETGS
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

За многу европски влади изборната победа на Алексис Ципрас во Грција е несреќа при работата - и тоа тешка. Уште во предизборната кампања во 2012 година, политички толку различните европски шефови на држави или на влади, како германската демохристијанска канцеларка Ангела Меркел, францускиот социјалистички претседател Франсоа Оланд и тогашниот непартиски италијански премиер Марио Монти, искажаа предупредување во врска со партијата Сириза. Притоа Оланд и Монти се декларираа против европската политика за консолидација, доживеана како германски диктат за штедење, и поради тоа можеби во Ципрас можеа да гледаат сојузник. Но, тој ним им изгледаше премногу радикален, а Франција и Италија се и доверители на Грција. Обете земји, како и другите кредитори, стравуваат дека Грција нема да ги отплати своите долгови. „Преземените обврски мора да се реализираат“, уште еднаш превентивно нагласи Оланд откако беа познати резултатите на последните избори.

Има простор за компромис

Но, Ципрас веднаш најави крај на политиката на штедење и не само што сака да ги запре реформите, туку дури и да ги анулира. И покрај тоа, Јанис Еманулидис од тинк-тенк институтот Јуропиен полиси сентр од Брисел верува дека „има простор за компромис“. „Погрешниот“ старт на новата влада „ќе доведе до сознание дека одредени работи одат предалеку“. Наместо тоа, според него, веројатно ќе има долготрајни преговори околу условите за враќање на долгот. И, наспроти сите деманти од Берлин и Брисел, многумина политичари сметаат декае можно ограничено олеснување на долговите. Дали ќе остане темелниот договор „кредити во замена за штедење и реформи“, според Емануилидис, ќе зависи од „она што Сириза може да го понуди“. Ако Ципрас, на пример, во односот спрема олигарсите или во борбата против затајување на данок „може да понуди нешто повеќе од она што го понудија или спроведоа претходниците“, ќе може да има компромис.

Die neue Koalition steht: Tsipras und Kamennos 26.01.2015 Athen
Новата грчка коалиција: Каменос и ЦипрасФотографија: AFP/Getty Images/L. Pitarakis

Многумина сметаат дека сега дојдоа нивните 5 минути

Но, не е само Грција во прашање. Кај земјите ориентирани кон стабилност, како Германија, предизвикува вознемирување можноста од европски протестен бран, кој би можел да го збрише досегашниот со мака постигнат консензус за финансиската политика. Сега во Шпанија новата левичарска партија Подемос се надева на победа на парламентарните избори на есен. Во актуелните анкети таа партија води со тесна предност пред владејачката Народна партија и пред социјалистите. Во Португалија сега исто така се формира движење според примерот на Сириза. Италија и Франција, обете со социјалистички влади, ионака неволно го подржуваа досегашниот курс и постојано се обидуваа да избегнуваат реформи. Исходот од изборите во Грција тие би можеле да го земат како „изговор за да постигнат компромиси кај курсот за штедење“, смета Емануилидис. Но, закани за консензусот има не само од лево, туку и од десно: во Франција Мари Ле Пен од Националниот фронт издвојува изјави од новата грчка коалициона влада што нејзе и’ одговараат. Тие се однесуваат не само на самоуверениот настап спрема Брисел, туку и на разбирањето за политиката на рускиот претседател Владимир Путин. Слични се и гледањата на партијата Лега Норд во Италија. весникот „Независимаја газета“ од Москва веќе ликува: „Новата грчка влада може да биде најважната претходница на отпорот против антируските санкции на ЕУ“.

Први плодови на политиката на штедење

Во однос на финансиската политика, иронично е дека досегашниот консензус може да се најде во опасност токму во моментот кога речиси насекаде се покажуваат плодовите на консолидацијата. Стопанствата на Шпанија и Португалија повторно бележат пораст. Португалија, за разлика од Грција, веќе можеше да го напушти „чадорот за спас“. Уште поуспешна е Ирска, која исто така ја напушти програмата за помош и во меѓувреме постигнува извонредни бројки на порастот. А таму не е ни на повидок некое движење слично на Сириза. Па дури и во самата Грција работите повторно одат нагоре. Интересен случај е Франција. Таму владата по долго колебање конечно се зафати за неколку реформи, кои заслужуваат да бидат наречени така, иако економските податоци се полоши од кога и да е. Париз, значи, многу доцна се сврте и тргна по курсот на Берлин.

Bildergalerie Siegesparade in Moskau 09.05.2014
Новата грчка влада покажува симпатии за РусијаФотографија: Reuters

Јанис Емануилидис смета дека ефектот од исходот на грчките избори врз европската политика „не е толку голем, колку што некои претпоставуваат“. Грција е „посебен случај“ во еврозоната поради тежината на проблемите и неопходните процеси на промени. Тој го отфрла поимот „време на пресврт“ за Европа. Како прво, уште е прерано за да може да се претскаже успех или неуспех на новата влада, а освен тоа победата на Сириза е навистина внатрешнополитички значајна за Грција, но ќе има само ограничено влијание на европско ниво.